Достапни линкови

„Бојата на басот“ во Филхармонија


Плакатот за концертот „Бојата на басот“
Плакатот за концертот „Бојата на басот“

Со програма во која се дела од Игор Стравински, Нино Рота и од македонската композиторка Дарија Андовска, овој четврток на 24 март, во Филхармонија ќе се одржи концертот насловен „Бојата на басот“. Солист ќе биде Ѓорѓи Цинциевски, а диригент маестро Сашо Татарчески.

Филхармонија ја продолжува исклучително успешната низа на врвни настани од актуелната концертна сезона - „Во движење“. По минатонеделниот „Сеќавање на Б.Б“ на кој се сторија првите изведби кај нас на дела на Арво Перт и Дојна Ротару и светска премиера на Концертот за алт-флејта и гудачи бр. 2 од финскиот композитор Калеви Ахо, во традиционалниот термин во четврток, на 24 март, е предвидено е да се одржи „Бојата на басот“. А, за овој концерт е предвидена програма во која се творби од Игор Стравински, Нино Рота и од македонската композиторка Дарија Андовска. Солист ќе биде Ѓорѓи Цинциевски, водач на секцијата за контрабас во Малтешката филхармонија, а диригент маестро Сашо Татарчески.

Но, да тргнеме со ред.

Композицијата „FairVent“ – за гудачки оркестар, перкусии и фиксен медиум на Дарија Андовска е напишана како нарачка за проектот „B Matinee“ на NO BORDERS ORCHERSTRA во кој свират најдобрите млади музичари од Балканот. Посветена му е на Премил Петровиќ, диригент и уметнички раководител на овој оркестар, кој живее и работи во Берлин.

Звучно, оваа композиција е многу блиска со англискиот збор Fervent, кој означува поседување или покажување страстен интензитет. Архитектониката и драматургијата на композицијата се поврзани со првенствена хаотичност која преоѓа во катарза и чувство за еднаквост со светот и со универзумот (или Бог) – јас сум сите и сите се јас, јас сум сѐ и сѐ е јас. Едно, вели композиторката Дарија Андовска.

Родена 1979 година Андовска е композиторка на оркестарска, камерна, солистичка, вокална музика, музика за филм, театар и танц, како и на мултимедијални проекти. Нејзините дела се изведувани на бројни домашни и светски фестивали, почнувајќи од Македонија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Швајцарија, Италија, Германија, Грузија, Франција, Белгија, Англија, Ирска, Данска, Шведска, Норвешка, Украина, Азербејџан, Австрија, Албанија, Русија, Мексико, Канада, Полска, Романија, Ерменија, Турција, САД... а наградувана е и издвоена како еден од најзначајните музички творци од помладата генерација во Европа.

Игор Стравински е руски композитор кој со својата музика засекогаш го смени звучниот пејзаж во 20 век. Тој важи за за еден од најоригиналните творци во историјата на музиката, „најмодерниот модернист“, како што го нарекуваат музиколозите. Соработувал со Пикасо и бил инспирација за низа композитори од Булез до Тавенер.

Неговата „Жар птица“ е ултимативна руска бајка во која излегува на површина специфичниот композиторски дух на овој автор. Во оваа композиција Стравински е „бруталист“ во начинот на кој ја третира музичката структура. Станува збор за возбудливо дело во кое се преточени неговиот автентичен стил типичен за периодот во кој е создадено.

Конечно, Нино Рота (1911 – 1979) е италијански композитор, познат, пред сѐ, по својата музика за филм. Студирал на Универзитетот во Милано, а потоа продолжил да се усовршува и на институтот „Кртис“ во Филаделфија. Се смета за еден од најзначајните композитори во италијанската кинематографија за која напишал неверојатни 157 филмски партитури, меѓу кои и музиката за првите два дела на „Кум“ на Копола, „Долче Вита“ на Фелини...Покрај на филмска музика, автор е и на 12 опери, неколку балети, симфонии, камерна музика и вокални дела. Неговиот музички стил се одликува со лиризам, изграден на цврст хармонски јазик и специфичен ритмички и мелодиски идиом.

Во 1967 година познатиот италијански контрабасист, професор и диригент Франко Петраки го замолил Рота да напише дело за контрабас и пијано. Иако „Дивертименто кончертанте“ е познат по своите четири става, Рота започнал да го развива како марш. Тоа е првиот дел кој го напишал за Петраки, со кого заедно работеле како професори на Конзерваториумот во Бари, Италија. „Дивертименто кончертанте“ ја одразува совршената моќ на Рота за оркестрација, изобилува со богати бои и текстура, со контраст и предизвик за контрабасот, но и за музичарите во оркестарот. Музиката е во исто време возбудлива и предизвикувачка, и во него Рота ги тестира сите перформанси на контрабасот.

И, кога вееќе го допираме овој инструмент неколку реченици на солистот на контрабас Ѓорѓи Цинциевски. Тој ги завршил студиите во Државното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“, во класата на професорот Благој Маротов. Во 2000 година Цинциевски ги продолжува студиите на престижната висока музичка школа – Royal Northern College of Music, во Манчестер, Велика Британија. Таму се стекнува со диплома за завршени додипломски и постдипломски студии со одличен успех, во класата на професорот Јиржи Худец.

По добивањето на ваквата солистичка диплома (Distinction in Professional Performance) што ја нуди оваа институција, признание што го добиле само шест контрабасисти во историјата на овој колеџ, Ѓорѓи добива покана и станува асистент-професор по контрабас.

Соработувал со водечки светски музичари како Валериј Гергиев, Бернард Хајтинк, Курт Мазур, Фабио Луизи, Брајан Шембри, Јутака Садо, Пласидо Доминго, Ана Нетребко, Пјер-Анри Ксуреб, Дејан Богдановиќ, Николај Знајдер, Лоренс Рене, Вејн Маршал, Миша Мајски... Настапувал со некои од светски познатите оркестри како BBC Philharmonic, Hallѐ Orchestra, Malmo Symphony Orchestra, Vienna Radio Symphony Orchestra, London Mozart Players, Liepaja Symphony Orchestra, Manchester Camerata, Opera North, Northern Symphony Orchestra и други.

Учествувал на повеќе престижни фестивали низ целиот свет. И покрај работните обврски како водач на секцијата за контрабас во Малтешката филхармонија, Цинциевски е активен солист и продолжува со образовната дејност. Тој воедно е уметнички директор на Интернационалниот натпревар за контрабас што се одржува во Малта секој септември, а од 2014 г. станува и заштитен уметник, солист – претставник на „Pirastro Strings“.

Неговите соло изведби се препознатливи по прецизните технички способности, како и по индивидиуалниот музички израз и експресивност. Неговата транскрипција на ,,Голдберг варијации“ од Јохан Себастијан Бах за гудачко трио на виолина, виола и контрабас е прогласена како прва и единствена во светот наменета за овие инструменти, и ја има добиено наградата за најдобра транскрипција на најпрестижното европско биенале за контрабас (Double bass European Bienale) во Холандија, во 2014 година.

Маестро Сашо Татарчевски, пак, е роден во Битола каде завршува основно и средно музичко образование. Дипломирал и магистрирал на ФМУ во Скопје, на катедрите за хорско и оркестарско диригирање, а посетувал и мајсторски курсеви во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Фиренца, Санкт Петербург и Сартеано.

Настапувал со различни ансамбли вклучувајќи ги Македонската филхармонија, Оркестарот на МОБ, Симфонискиот оркестар на ИКО – Рим, Симфонискиот оркестар на Ермитаж од Санкт Петербург, Битолскиот камерен оркестар... и со ансамблите за современа музика „Алеа“ и „КонТемпора“, Мандолинскиот оркестар при МКЦ и други камерни и симфониски состави.

Во моментов работи како професор на ФМУ по група предмети од областа на диригирањето и е диригент на симфонискиот оркестар и мешаниот хор „Драган Шуплевски“, како и уметнички раководител на Женскиот младински хор при МКЦ и професионалниот мешан хор „Про Арс“.

Освен на сцените низ Македонија, вклучувајќи ги и најреномираните манифестации како Охридско лето, Скопско лето, Денови на македонската музика, Есенски музички свечености и многу други, има настапувано и освоено награди со различни ансамбли во Португалија, Словенија, Шкотска, Белгија, Грција, Швајцарија, Шпанија, Хрватска, Италија, Србија, Бугарија, Чешка, Турција, Австрија, Романија, Полска и Русија.

Згора на ова Татарчевски е редовен член на неколку жирија на интернационални хорски натпревари како и раководител на Меѓународниот хорски форум во Струга.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG