Второто недобивање датум со променето име- Република Северна Македонија и со политиките на актуелната владејачка гарнитура предводена од СДСМ ја предизвика ВМРО-ДПМНЕ да бара оставка од премиерот Зоран Заев.
Опозициската партија предводена од Христијан Мицкоски смета дека блокадата е поради неспособноста на Заев, дека тој отворил проблем со Бугарија каде што велат дека го немало, како идентитетот, јазикот и историјата.
Заев лани во октомври, по првата блокада на македонскиот европски пат, кога земјава не доби датум за преговори за зачленување во Европската унија поради Франција, која бараше реформи во пристапниот процес, најави оставка со што се отвори патот за предвремените избори. Тие се одржаа пред шест месеци и на нив победи неговата опција, па тој повторно стана премиер.
Втората блокада дојде сега. На сто дена откако е формирана Владата Софија го блокираше процесот со барања до Скопје во најголема мера поврзани со историските прашања. Заев сега најавува дека не планира да си даде оставка.
Делумна, целосна или нема одговорност?
Владата има делумна одговорност, смета Марко Трошановски од Институтот за демократија. Тој смета дека таа одговорност не треба да се лоцира во тоа што земјава доби блокада од Бугарија, оти како што вели, за одлуката на Софија македонската влада не можела многу да стори за да ја промени, но додава дека има одговорност за преставувањето на работите во јавноста.
„Неколкупати повторуваниот став дека конечно добивме датум за преговори на некој начин не беше прецизно презентирана реалност и во таа смисла одговорност владата има“, вели Трошановски.
Марија Ристеска од Центарот за истражување и креирање политики исто ги споменува политичките изјави дека датумот е добиен и дека се почнуваат преговори, но таа смета дека владата треба да има и друга политичка одговорност, за лошата проценка на состојбата во Европската унија. Според неа, созреана е ситуацијата владата повторно да си поднесе оставка, исто како по ланската блокадата од Франција.
„Процесот беше воден без стратегија во однос на Бугарија и нејзините барања, туку се водеше во дисконтинуитет и се потпира врз очекувањата партнерите во Европската унија, главно Германија, го помогнат тој процес. Очигледно е дека е пристапено со потценување на улогата на Бугарија“, вели Ристеска.
Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу од Асоцијацијата за демократски иницијативи, пак, спротивно од Трошановски и Ристеска, смета дека кај владата, конкретно за бугарска блокада, нема никаква одговорност.
„Бугарија има некакви нерационални и на балански начин поставени барања и за првпат во нашето општество има солидарност дека тие барања не само што не се рационални, туку се и вон европското достоинство“, вели Муслиу.
Ги помести ли Заев црвените линии?
Како и да е, ден по конечната одлука на официјална Софија, владиниот специјален претставник Владо Бучковски отпатува во бугарскиот главен град на средби со тамошниот владино-државен врв. Официјално позициите со кои настапува македонската страна се дека нема преговори за македонскиот јазик и идентитетот. Овие разговори се случуваат и во време во кое во македонската јавност се уште се коментира интервјуто на премиерот Заев кое го даде за бугарската агенција БГНЕС пред две недели.
Ристеска смета дека со тоа интервју всушност се направило обид да се измести темата- дека проблем е улогата на Бугарија во Втората светска војна, од суштинските бугарски барања поврзани со макеодонскиот јазик и идентитет.
„Напротив ако го погледнете објаснувачкиот меморандум на Бугарија барањата се поврзани со јазикот, да биде препознат како норма на бугарскиот јазик и со признавање на бугарските корени во македонската историја и државност“, вели Ристеска.
Црвените линии според Трошановски, не се поместени со тоа интервју, бидејќи како што вели веќе наредниот ден премиерот се дообјасни и ретерираше.
„Не мислам дека ги урна, или ги дестабилизира црвените линии“, вели Трошановски.
Инаку, Заев во интервјуто за БГНЕС кое предизвика силни реакции рече дека имаме заедничка, а не споделена историја, дека Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, дека Југославија не разделуваше, дека Бугарија не е фашизам, туку наш пријател, а дека имало некоја администрација во почетокот, а оти потоа Бугарија се дигнала заедно со антифашизмот.
Од тогаш и ВМРО-ДПМНЕ почна да организира протести под мотото „Оставка на Заев, слободата на народот“ со обвинување дека ги „продава државните и националните интереси“.