Скопје и Македонија по втор пат му се домаќини на БАЛАНЕСКУ КВАРТЕТ, еден од највозбудливите гудачки состави на денешнината кој засекогаш ги смени параметрите по кои претходно фунционираа класичните гудачки квартети, создавајќи притоа препознатлив стил и нова музичка естетика. По безмалку три децении од историскиот концерт во МОБ, периодот кога во нашето тогаш урбано Скопје поминаа и КРОНОС КВАРТЕТ, АРДИТИ КВАРТЕТ..., овојпат во Филхармонија ја имаме можноста да и се насладуваме на виртуозноста и уште повеќе магијата што зад себе во рушењето на стереотипите вообичаено ја оставаат Александар Баланеску и Јури Калнитс на виолини, Хелен Каминга на виола и Николас Холанд на виолончело.
Од таму, нималку не чуди што во пресрет на овој несекојдневен настан Тина Иванова, директорка на оваа наша национална институција, на прес конференцијата замислена како составен дел од серијата „Збор, два за музиката“, нова практика која Филхармонија ќе ја реализира во текот на оваа година преку разговори со солисти, композитори и диригенти кои ќе настапуваат на концертната сцена, ќе рече: Концертот на БАЛАНЕСКУ КВАРТЕТ претставува огромна чест и задоволство, посебно поради фактот што од отворањето на салата не сме имале настап на ваков исклучително познат и важен музички состав кој фигурира како еден од најпрогресивните на светската музика сцена.
И, кога веќе сме тука понирањето во годините наназад од нивното делувањего вели следново:
Од неговото формирање во 1987 година, БАЛАНЕСКУ КВАРТЕТ ужива репутација на еден од водечките состави за современа музика во светот. Негова движечка сила е романскиот виолинист и композитор Александар Баланеску, кој бестрашно го води квартетот надвор од комфорните зони и музичките граници во непознати територии. Оваа потрага по вечно поместување на границите, БАЛАНЕСКУ КВАРТЕТ го приближува повеќе до бенд, отколку до класична гудачка формација и го рефлектира пасионираниот став на Александар Баланеску за интеркомуникација и флуидност меѓу различните музички сфери.
Соработувале со композитори како Мајкл Најмен и Гевин Брајерс, со THE LOUNGE LIZZARDS на Џон Лури, Орнет Колмен, Дејвид Брн, PET SHOP BOYS... Нивните проекти се инспирирале од традиционалната романска музика, од музиката на KRAFTWERK... Концертите на БАЛАНЕСКУ КВАРТЕТ се препознатливи по својата енергичност и динамичност, свиреле на контрастни сцени како њујоршката Knitting Factory, лондонскиот Roundhouse до Линколн центарот и стадионот „Вембли“...
Постојано трагаат по различни начини на презентација на нивната музика во нов контекст. Меѓу албумите со нивна авторска музика се издвојуваат „Possessed“, „Luminitza“ (инспириран од промените во источна Европа во 1989), „Angels and Insects“ (музика од истоимениот филм), „Maria T“ (омаж на познатата романска пејачка Марија Танасе), „This is the Balanescu Quartet“, „East meets East“...
И, тоа накратко би било тоа, со дополна дека за албумот „Luminitza“ во прочуениот британски музички магазин New Musical Express ќе биде забележано дека „звучи како сосема нов музички јазик, длабоко обвиен со меланхолија, движејќи се во сфери во кои гитарите и електрониката се плашат да допрат“. Во, The Times, пак, не ги штедат комплиментите и за Александар Баланеску пишуваат оти е оригинален романски виолинист кој се движи лесно како пеперутка од класичната музика во џез, источно европска фолклорна звучност...давајќи и на изведбата виртуозен призвук.
И, овде не запира редењето квалитативи.
А, водачот на Квартетот и не само од професионална учтивост знае да каже дека сеуште во него зрачат спомените од првата средба со македонската публика.
Последниот концерт во Скопје беше многу оддамна, но се уште живо се сеќавам на него, тоа беше еден од специјалните настапи кои воопшто сме ги имале на светската музичка сцена. Не беше лесно да се организира повторна средба со македонската публика, поради пандемијата еднаш го откажавме концертот, но, успеавме да договориме нов датум, и еве, сега сме тука, што претставува своевидна победа за мене – вели Александар Баланеску.
За концертот во Филхармонија БАЛАНЕСКУ КВАРТЕТ одбраа програма во која се Суита „Марија Т“, „SoulEtude“ и „Luminitza“, чиј наслов како што е познато симболично сугерира „на светлината која секогаш се гледа на крајот од тунелот, како парафраза на индивидуалниот импулс на Александар, но и генерално како синтагма на своевиден позитивизам“.
Овој албум го напишав кога по цели 22 години егзил се вратив повторно во Романија. Со семејството заминавме во времето на режимот на Чаушеску и немавме можност да ја посетиме нашата татковина повеќе од две децении. Кога се вратив дома, по годините студии, едукација и слава во САД и Велика Британија, многу емотивно го доживеав тоа. Едноставно, наново ги открив корените, се поврзав со семејството и станав свесен за политичката промена која повторно ја врати надежта за иднината. Во моментов светот повторно се соочува со криза, тука е пандемијата, но и војната меѓу Русија и Украина. Мислам дека токму преку музиката и љубовта можеме да ги вратиме изгубените човечки вредности и само на тој начин можеме да најдеме сила да продолжиме понатаму, смета Баланеску.
На прашањето за тоа каква музика создавал и свирел во годиниве на соочување на светот со пандемијата, времето на газење на основните човечки вредности, затвореност и очај, воени конфликти ... и ерозијата на духот посебно овде на Балканот, виолинистот најнапред со појаснување дека фолклорот е неговата вечна инспирација.
Фолклорот е вечна инспирација за мене, зошто во него се сублимирани основните работи кои им се важни на луѓето. Tој претставува комбинација на радоста и страдањето. Го познавам добро и македонскиот фолклор, и честопати бил инспирација за создавање на мојата музика.
Мојата музика, она што јас го создавам е современа музика. Меѓутоа како времето минуваше се повеќе настојував во неа да ги внесам личните емоции. Таа музика да стане емоционална. Затоа одлучив дека е најдобро да им се вратам на корените и да го истражам најнапред романскиот фолклор, а потем и останатите од регионот и ако сакате и македонскиот за кој сметам дека е исклучително богата ризница. Враќајќи им се на традиционалната музика и на фолклорниот идиом им се враќав на своите корени. Им се враќав на средбите со луѓето каде најчести теми се радоста и страдањето. А, тоа се поврзува и со обредната музика, односно музиката која се поистоветува со раѓање, со смрт, со свадбените церемонии ... со убавината на еден човечки живот. Низ сите композиции, вклучувајќи ги оние кои се најскоро напишани поаѓам од своето доживување и сметам дека најлесно со луѓето можам да се поврзам преку музиката која е одраз на моето лично чувство. Дека токму така може да се поврзе и човештвото – преку универзалниот јазик на музиката во која секој автор внел доза од своите емоции, чувства, доживувања... дел од себе.
Во однос на тоа дали нешто од така креираната музика во последниве две-три години е веќе документирано, снимено, подготвено да и биде претставено на широката публика Александар Баланеску истакнува дека тоа е композицијата „SoulEtude“ која е и дел од програмата на актуелниот настап.
„SoulEtude“ иако по звучност е блиска до зборот „тага“ всушност значи еден вид состојба на душата. Оваа музика излегува од длабочината на мојата душа и од моето лично творечко патешествие низ животот и духовното воздигнување. Слегов длабоко назад во минатото и од таму како инспирација ги извадив срдбата со инструментот на шест годишна возраст, својот прв настап три години подоцна, едукацијата во родната Романија, студиите во САД... средбите и соработките со бројни колеги големи музичари, концертите по светот, кариерата... „SoulEtude“ за разлика од „Luminitza“ е малку по апстрактна композиција. Инспирирана е од фоклорот, но и од класичната музика. Тука е и суитата посветена на Марија Танасе, една од најдобрите романски но и европски и светски пејачки на 20 век која живееше во тешки времиња. Во време на војни, на страданија од режимот на Чаушеску... но која имаше храброст да остане доследна на себе и своите хуманистички определби и жена смела да не дозволи да потпадне под нечии влијанија. Тоа беше уникатна пејачка која подеднакво успешно го владееше целиот спектар на музика – од кабаретска до оперска музика. Како инспирација ги користев текстовите на нејзините песни, некогаш ритамот или само мелодијата... и оригинални фрагменти од тоа творештво преку современата технологија и компјутерите комбинирав во она што ние го создаваме, појаснува Александар Баланеску.