Достапни линкови

Ќе има ли правда за жртвите на воено сексуално насилство во Украина


Пријавени се стотици случаи на сексуално насилство од страна на руските војници во окупираните делови на Украина. Надлежните сметаат дека вистинската бројка е многу поголема, зашто жртвите ретко пријавуваат. Организации им помагаат на жртвите да соочат со психолошките проблеми.

Судот во украинскиот град Чернихив во ноември, во отсуство, осуди двајца руски војници за „прекршување на правилата и обичаите на војување“ со тоа што повеќе пати сексуално злоупотребувале млада девојка, заканувајќи ѝ се дека ќе ја убијат.

„Во март 2022 [Руслан] Кулиев, додека се наоѓал во населба во регионот Чернихив, повеќепати се обидел да силува малолетна локална жителка, ја удирал во глава со своето оружје и ја гушел“, изјавија обвинителите за еден од обвинетите.

„Покрај тоа, тој постојано го напаѓал нејзиниот брат и го заплашувал пукајќи му во нозе“.

Кулиев беше осуден на 12 години затвор, додека другиот војник доби 10 години затвор.

Од почетокот на руската инвазија врз Украина на 24 февруари 2022, беа пријавени многу инциденти на сексуално насилство и сексуализирана тортура од руските војници во областите што ги окупираа.

Откако украинските војници ослободија дел од териториите по неколку недели или месеци руска окупација, украинските претставници и хуманитарни работници велат дека се пријавени стотици такви случаи, но може да има многу повеќе.

Руски дезертер сведочи за воените злосторства во Украина
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:19 0:00

„Без оглед на извештаите што се појавуваат, тие може да го прикажат само врвот на сантата мраз“, рече специјалната претставничка на ОН за сексуално насилство во конфликтот Прамила Патен на прес-конференција во Киев во мај 2022 година.

И покрај многуте сведоштва и докази, руските официјални претставници негираат дека нивните војници напаѓале цивили или извршиле воени злосторства за време на инвазијата, која Кремљ еуфемистички ја нарекува „специјална воена операција“.

Мрежа на украински претставници на законот и хуманитарни организации сега работат да обезбедат помош и утеха за жртвите на сексуално насилство и да соберат докази за гонење на осомничените.

„Не мора да чекаме Русија да изгуби“, рече Олександра Матвијчук, шефица на украинскиот Центар за граѓански слободи и кодобитник на Нобеловата награда за мир во 2022 во интервју за Радио Слободна Европа во ноември.

Почна веднаш по инвазијата

Од почетокот на инвазијата, Фондацијата Корделија со седиште во Унгарија, им пружила помош на повеќе од 730 Украинци, повеќето од нив жртви на сексуално насилство.

„Тие често се соочуваат со анксиозност, депресија, недостиг на сила или мотивација, различни нарушувања на спиењето, меѓу кои и кошмари“, како и други проблеми, рече основачката на Корделија, психијатарката Лила Харди.

Литванската феминистичка организација Лигјаи соопшти дека сексуалното насилство почнало веднаш во инвазијата.

„Веќе во текот на втората недела од војната имавме барања за тестови за бременост“, рече основачката на организацијата Реда Јурелијавичиуте.

Тие веднаш почнале да испраќаат пратки со помош во Украина.

„Се чини дека ги купивме сите „утрото потоа“ апчиња во целата земја. Претходно, немаше таква побарувачка за нив во Литванија“, вели таа.

Организацијата испраќа тестови за бременост, контрацептивни средства, но и женски хигиенски производи, на кои, како што вели основачката, ретко кој помислува.

„Соба за тортура“: Бруталноста на руските окупатори
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:41 0:00

„Не е толку престижно да се испраќаат менструални влошки, како што е на пример испраќањето шлемови за армијата, но жените имаат менструација и за време на војна“, вели Јурелијавичиуте.

Поздрави го маж ти

Извештајот на Обединетите нации од септември откри 30 случаи на сексуално насилство извршено од руските сили по инвазијата, вклучително и силување на осум жени и едно девојче и „15 случаи на сексуално насилство како метод за тортура или злоупотреба на мажи“.

Украинските претставници и хуманитарни работници велат дека бројот на документирани случаи драстично се зголемил по ослободувањето на делови од регионот Харкив и други области на североистокот во септември 2022 и по ослободувањето на градот Херсон и околните области на југ во ноември 2022 година. Според украинското обвинителство, до февруари биле интервјуирани стотици жртви, додека 155 се согласиле да сведочат за нивните искуства пред суд. Има најмалку 11 документирани случаи во кои жртвата била малолетна.

„Бројот на жртви е многу поголем. Доктори и психолози работат со нив да им помогнат да разговараат за тоа што им се случило“, рече обвинителката Ирина Диденко, која ја предводи специјалната единица за истрага на воени злосторства поврзани со сексуално насилство.

Обвинителите истражуваат 38 случаи во кои жртвите биле мажи, а 37 од нив во неодамна ослободените делови на регионот Херсон.

Жителите на Херсон го прославуваа ослободувањето
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:59 0:00

Украинската полиција откри објекти за тортура, каде што руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) наводно таргетирала роднини на украинските војници, официјални лица и активисти на отпорот.

„Ако некој е во армијата или работи за полицијата, неговите роднини ќе бидат први на ред. Неговата мајка, неговата сопруга или неговата ќерка може да бидат измачувани, а потоа ослободени со порака да „го поздрават“ нивниот син, сопруг или татко“, рече Диденко.

Таа смета дека практиката на сексуално насилство се врши со знаење на руските окупациски власти.

Официјален Киев, заедно со странски обвинители работи на создавање на меѓународен трибунал за гонење на воени злосторства во Украина, вклучително и случаи на сексуално насилство.

Обвинителката Диденко е „внимателен оптимист“ дека некои сторители на крајот ќе бидат казнети.

XS
SM
MD
LG