Достапни линкови

Хедли: Путиновото настојување за обновена Руска империја доведе до војна во Украина


Стивен Хедли во интервју за РСЕ од неговиот дом во Вашингтон
Стивен Хедли во интервју за РСЕ од неговиот дом во Вашингтон

Самиот Владимир Путин ги испровоцира настаните што доведоа до руската инвазија на Украина во 2022 година, тврди Стивен Хедли, поранешен висок функционер во Белата куќа, отфрлајќи го аргументот на официјален Кремљ дека проширувањето на НАТО кон исток во 2000-тите било причина за војната во Украина

Во говор пред руската јавност, една година по најголемата копнена војна во Европа од Втората светска војна, рускиот претседател Владимир Путин ги повтори долгогодишните поплаки за западните политики кон Москва во децениите по распадот на Советскиот Сојуз од 1991 година.

Путин посочи дека НАТО и неговите врски со Украина претставуваат зголемена закана за Русија. Тој ги повтори лажните тврдења за тие односи, вклучително и тврдењето дека владата на Украина е контролирана од Соединетите Држави и западната воена Алијанса и дека Украина им „робува“ ним.

Стивен Хедли, кој четири години беше советник за национална безбедност во Белата куќа за време на претседателот Џорџ Буш, ги отфрла коментарите на Путин. Тврди дека НАТО не претставува закана за Русија и дека Москва со години била задоволна од соработката со Алијансата.

„Беа направени напори за да стане јасно дека Русија е прифатен дел од Европа. И дека НАТО не е закана за Русија и дека НАТО сака конструктивен однос со Русија“, потенцира Хедли во интервју за Радио Слободна Европа.

Историчарите и академиците долго дебатираа за образложението за проширувањето на НАТО и го доведуваа во прашање неговото проширување кон исток. Од своја страна, руските официјални лица изразија отворено сомневање, па дури и се прашуваа зошто сојузот од времето на Студената војна сеуште е потребен. Во средината на 1990-тите, рускиот претседател Борис Елцин го предупреди својот американски колега Бил Клинтон дека ќе биде „понижување“ доколку НАТО ги прифати како свои членки, земјите од Источна Европа.

За време на Путин, тие сомнежи прераснаа во отворени осуди и тврдења дека Вашингтон и неговите сојузници ја измамиле Москва. Особено, Русија изрази гнев поради ветувањето на НАТО на Украина и Грузија во 2008 година дека тие еден ден ќе станат членки.

„Од 2008 година, прашањето за пристапување на Украина и Грузија во НАТО беше навистина надвор од официјалните разговори. И остана така до 2014 година, кога Русија првпат ја нападна Украина. И тоа потоа го испровоцира токму она што Русите велат дека не го сакале. Токму таа инвазија го врати на маса прашањето за членството во НАТО и начинот на кој НАТО ќе им помогне и ќе ги поддржи Украина и Грузија“, рече Хедли.

„Во тој момент го изгубивме Путин“

Предмет на уште една долгогодишна поплака на Кремљ е одлуката на САД во 2002 година да се повлечат од големиот договор за контрола на вооружувањето: Договорот за антибалистички проектили. Администрацијата на Буш тврдеше дека пактот ја попречува способноста на САД да развијат ракетна одбрана за да се заштитат од новите закани од Северна Кореја и Иран и дека повлекувањето немало намера да ја поткопа Русија.

Во интервјуто, Хедли тврди дека Путин на самиот почеток ги прифатил гаранциите на САД.

„Првично, тоа предизвика прилично добра волја меѓу двете земји. Путин навистина не го критикуваше (повлекувањето) и всушност го рече токму спротивното: дека иако не сака САД да излезат од него, тоа не претставува закана за руските интереси и за руската безбедност“, уверува Хедли.

Хедли, кој штотуку објави книга со детали за некои од белешките за националната безбедност кои му беа пренесени на наследникот на Буш, Барак Обама, во 2008 година, вели дека ги прифатил критиките дека последователните американски администрации, вклучително и онаа во која тој служел, направиле грешки во нивните договори со Русија.

Но, тој тврди дека веројатно тоа немаше да направи разлика поради две причини: едната според него, е ставот на Кремљ дека серијата народни бунтови во Грузија, Украина и Киргистан во 2000-тите - популарно познати како „обоени револуции“, биле заговор на САД. Другата причина, како што вели е, „фиксацијата на Путин“ за империјалната историја на Русија.

„Мислевме дека тие револуции ќе бидат добри за Русија бидејќи ќе создадат стабилни, демократски, просперитетни држави кои би биле добри соседи за Русија. Путин на тоа не гледаше така. Тој го гледаше тоа како напор предводен од ЦИА за воспоставување режими во оние земји кои беа антируски, како генерална проба за дестабилизација на самата Русија. И мислам дека во тој момент го загубивме Путин“, категоричен е Хедли.

„Можевме ли да ги направиме работите поинаку? Можеби, веројатно...“

Во надворешнополитичките кругови на САД, еден од најистакнатите критичари на американската политика кон Русија од Студената војна е Томас Греам, кој служеше во Белата куќа за време на мандатот на претседателот Џорџ Буш, во раните 1990-ти, а подоцна и со Хедли во Белата куќа. Во едно претходно интервју, Греам ги повтори истите сомневања за проширувањето на НАТО.

„Постои прилично убедлив аргумент дека да се изврши притисок за членство во НАТО во 2008 година, беше грешка од страна на Алијансата“, рече Греам.

Хедли вели дека и тој се сомневал дали проширувањето на НАТО било погрешно третирано.

„Се борев со тоа се додека не го прочитав говорот што Путин го одржа во пресрет на неговото упаѓање во Украина, повторно во 2022 година“, рече тој, мислејќи на обраќањето што Путин го одржа три дена пред инвазијата на 24 февруари 2022 година.

„Почетниот дел од тој говор е вистинскиот Путин кој зборува. Во тој контекст добро е што го проширивме НАТО, или во спротивно, би било многу поотворено поле за Русија да ја следи таа визија за обновената Руска империја“, смета Хедли.

„Дали можевме да ги направиме работите поинаку? Можеби, веројатно, знаете, секогаш има работи што сте можеле да ги направите подобро. Но, прашањето е: дали на крајот на денот ќе имаше некаква разлика, со оглед на фиксацијата на Путин за обновување на Руската империја во поранешниот советски простор? И сепак мислам дека на крајот од денот, тоа немаше да направи никаква разлика, заклучува Хедли во интервјуто за РСЕ.

XS
SM
MD
LG