Правосудството да се прочисти од нечесните судии и обвинители, вели премиерот Зоран Заев, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски бара на амнестираните да им се забрани да се занимаваат со политика.
Вака гласат двете теми што, покрај другите, ги обработува РСЕ на македонски, a редовниот преглед на вашите коментари го почнуваме со прилично песимистичкиот пост на Луан Ајдари: „Дали знаете дека оваа држава е кримининална и сите кога ќе дојдат на опозиција бараат амнестија. Тие што ја злоупотребија својата работа треба да си одлежат (добијат казна). Како Груевски“. Џедо Џеко Керими напишал: „Почни од тебе и твојата партија... ги напунивте џебовите и сега за правда ќе се борите....срам да ви е... лопови“. „Дали тоа важи и за тебе... како најбогат професор во државава, зашто тебе допрва некој ќе те аболицира“ – постирал Благоја Мицкоски. А Каменко Андонов го прашува дали го проверил списокот и смета дека после 12 (април) и на Мицкоски ќе му завршела кариерата како политичар.
Зборовите на лидерот на опозициската партија дека одлучувањето на Уставен за аболицијата е предизборна стапица, Салмир Несимоски ја коментира со следниов пост: „За Мицкоски и кога се разденува е стапица...“ Ване Тодоров е мошне лут: „Тие што сте во политиката ниеден не треба да се занимава со политика, зашто ја донесовте Македонија до дното, срам да ви е!!!“ За наводната „предизборна стапица“, повторно се јавил Благоја Мицкоски: „Како тоа предизборна стапица, а ова го прават судии кои очигледно и јавно работат за агенда на ДПМНЕ, е сега пак некој друг е крив, за тебе Кацарска и Русковска и, нормално, Заев“.
И изјавата на премиерот Зоран Заев дека „Правосудството треба да се прочисти од нечесните судии и обвинители“, исто така главно наидува на недоверба кај посетителите на нашата ФБ страница. Весна Башеска Симонова напишала: „Арно му текна, ова пред три години требаше да се направи, а не предизборен маркетинг да продава сега“, а Владе Тодев потсетува: „Тој ова го ветуваше и на претходните парламентарни и на претседателските избори. Три години е премиер се однесува како да е паднат од Марс“. Мемет Баки краток: „Прво околу тебе. После судството“. Лиле Пејовска смета дека треба да се почне „прво од тебе, Заев, и сите да ве избрка народот, од пратеници до судии, оваа влада ништо не направи, Македонците да ги земат метлите и да почнат со метење... вас никој не ве изгласа и нема да бидете прифатени од народот зашто ја упропастивте Македонија...“ А Валентина Костовска коментира: „Валкани политичари, валкани судии, држава на криминал и корупција! Почнете со политичарите... Досега од Рекет не видовме ниеден во Идризово, рано се сетивте!?!?!?“
Граѓаните како да изгубиле доверба и во младите. Информацијата „Млади на чело на маршот ’Зелената револуција‘“, Ацо Мојсо ја коментира вака: „... Ова Зајко го организира за да остане на власт, сега како ќе викаат: нема воздух нема мир или Зајко премиер или нема мир, ајде да видиме која е паролата на овие зелени соросови револуционери“ и завршува со „хахахах“. Ивица Величковски им препорачува на младите: „Најдобро иселете се и нема загадување... Оние шарена, овие зелена...“ Никола Корубин контра: „Вмровска работа, пред 12 години бараа светлина, сега чист воздух“, слично како и Џафер Рахим: „А каде бевте сите овие години додека ДПМНЕ беше на власт? Тогаш не ви беше до О2 (кислород)“.