„Додека ние не коментираме за активни истраги, американската амбасада работи одблиску со Министерството за внатрешни работи, како и со други владини министерства и институции во Северна Македонија за да се постигнат заедничките цели за спроведување на законите и владеење на правото вклучително и соработката во регионалното спроведување на законите и борбата против тероризмот“.
Ова е одговорот од амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје на прашањето на Радио Слободна Европа поврзано со изјавата на македонскиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски дека заедно со Интерпол и Регионалната канцеларија за безбедност и истраги при амбасадата на САД од 2019 година ја спроведувале истрагата за откривање на мрежата вработени во МВР која издавала македонски пасоши на познати криминалци.
Во одговорот од американската амбасада додаваат дека тие имаат блиска соработка и со министерството за правда и други институции.
„Во блиска соработка со министрите за внатрешни работи и правда, американската амбасада овозможува техничка поддршка, форензика, обука и опрема за подобрување на капацитетите за спроведување на законите и за институциите од областа на правдата. Овие активности придонесуваат за национална и регионална безбедност со зајакнување на граничната безбедност, транспартноста и можноста да се истражува и гони корупцијата, тероризизмот и случаите на организиран криминал“, велат од амбасадата.
Акција „Двојник“ или афера „Мафија“?
Во меѓувреме два различни термини употребуваат власта и опозицијата за оваа акција. МВР ја нарекува акција „Двојник“, водена сериозно и со години, а за ВМРО-ДПМНЕ е афера „Мафија“ во која главни се токму министерот Спасовски и премиерот Зоран Заев.
Од опозицијата досега набројаа неколку имиња, на како што велат познати криминалци од регионот- Турчинот Седат Пекер, Албанецот Флорјан Мусај, Црногорците Стефан Џукиќ и Јован Вукотиќ, потоа Валид Иса Хмаис за кој тврдат дека е главен соработник на италијанската мафија. Сите овие тврдат од опозицијата, добиле македонски пасоши во 2019 година за време на министерувањето на Спасовски.
Досега од споменатите се огласи само турскиот државјанин Седат Пекер кој преку адвокати демантира дека поседува македонски пасош со негова фотографија, а туѓ идентитет и побара јавно извинување од медиумите за споменувањето на неговото име.
Од МВР, пак, тврдат дека акцијата ја спроведувале од 2019 година, била со поддршка на меѓународни партнери, а дека ВМРО-ДПМНЕ со ваквите објави, изнесени пред приведувањата, сака да ја саботира акцијата.
Досега во акцијата „Двојник“ во која е откриено дека вкупно 215 лица, од кои еден македонски државјанин, а сите останати странски, се стекнале со македонска патна исправа со туѓ идентитет, се приведени девет лица вработени во МВР, а едно е во бегство, но тој не бил полициски службеник туку надворешен посредник.
Шестмина осомничени се во истражниот затвор во Шуто Оризари со мерка 30 дневен притвор, истата мерка е одредена и за лицето што е во бегство. Останатите тројца ќе треба редовно да се јавуваат во судот, а како мерка на претпазливост им биле одземени патните исправи.
Како е водена истрагата?
Претседателката на Транспаренси интернешнл Слаѓана Тасева, која е доктор по кривично право и поранешна директорка на полициската академија вели дека врз основа на информациите во јавноста тешко е засега подетално да се коментира за спроведувањето на полициската акција.
Но таа нагласува дека воопшто не е невообичаено ваков тип на акција да се одвива долго време, како оваа која почнала во 2019 година.
„Најтешко е да се обезбедат сите докази за сето тоа што сакате да го тврдите и затоа се прават тој тип на оперативни обработки и акции во министерството и тие вообичаено траат долго време, така што за мене не е невообичаено што акцијата траела толку долго. Може да се применети и мерките на контролирано издавање и следење ако се знаело за некого па да се види каде ќе оди “, вели Тасева за Радио Слободна Европа.
Таа додава дека во системот на издавање на пасоши постои и контролен механизам и дека истрагата треба да покаже што се случувало внатре и дали и кој затаил.