Достапни линкови

Агресори, заштитници и повисоки дневници - вие коментирате


Илустрација
Илустрација

Изјавата на министеркат за одбрана Славјанка Петровска дека Македонија будно ги следи случувањата околу Украина, предизвика најмногу коментари на социјалните мрежи. Не заостанува ни изјавата на премиерот Димитар Ковачевски за повисоките дневници за работа во недела.

Слободна Европа ја пренесе изјавата на новата министерка за одбрана, Славјанка Петровска за ТВ 24 дека нашите институции ги следат случувањата во врска со Украина поврзани со поставувањето вооружени сили од страна на Руската Федерација долж границата и дека Македонија го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

Петровска: Го поддржуваме суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина

Реакциите главно одат во следнава насока - Зоки Бошков напишал: „Вие нашиот го заштитивте, па на Украина ќе го заштитите“, а Сашко Стојановски иронизира: „Путин ја лупа главата сега“. Рефик Хасани со краток коментар: „Си барате бељата“. И Спиро Китановски со слично мислење дека „... ја вмешува Македонија во многу лоша состојба“. Зоран Атанасов прашува: „Од смрзнување дали ќе бидат заштитени вашите граѓани, 100 стапа по туѓ грб не болат“. Димитар Делевски здраворазумно: „Украина има право да си ја брани независноста на државата. Русија е агресор што сака да ги смени границите“, вели, и додава: „Таквата идеја е опасна и за нашата држава...“ Блажо Хогар Страшниот коментирал: „А да се тргнат од Украина и Руси и Американци и ЕУ и Украинците сами да си решат со кого сакаат понатаму? Ама тешко тоа“.

Ковачевски: Најмалку 50 проценти повисока дневница за оние кои работат во недела

За неделата како неработен ден според новото законско решение ,исто така, има многу ваши коментари, почитувани, особено по изјавата на премиерот Димитар Ковачевски при посетата на една компанија во која заради производствениот процес вработените мора да работат и во недела: „Ова е одлична можност да се види како изгледа примената на законското решение. „Вработените добиваат дополнителни 50 % од основната дневница со што порасна просечната плата на вработените во компанијата“.

Потпишан со Природата на Македонија на нашата ФБ страница коментирал: „Во хотелите викаат пу пу не важи, ние работиме 24/7, нема повисока дневница за недела“, а Реџеп Араш Каја Каја му препорачува на премиерот: „Остај дневниците, гледај минималната плата покачете“. Блажо Хогар Страшниот коментирал и за оваа тема: „Ајде да ве видам удрете по газдите кои не го почитуваат законот, казнувајте дебело... во спротивно ќе сметаме дека ги поддржувате во тоа кршење на законот“. Крсто Митев, пак, препорачува:
„...Трудовите инспектори треба да се секогаш на терен и да не ги прикриваат газдите“.

Голем пожар во фабриката „Жито Битола“, нема пријава за повредени

Голем пожар во фабриката „Жито Битола“, нема пријава за повредени
По нашата информација за големиот пожар што избувна во Жито-Битола во кој, за среќа, нема повредени, го читаме единствениот коментар на Николче Јоновски: „Се палат трски покрај езеро – никнува кафич, се пали подзаграден монтажен дел од кафич – никнува цел хотел. Не мириса само на чад работата“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG