На прв поглед, тој изгледа како секој друг средношколец во облека на опасно момче и со бејзбол капа свртена наопаку.
Но, Адам Кадиров не е типичен тинејџер, барем во однос на неговото потекло. Тој е едно од многуте деца на Рамзан Кадиров, озлогласениот лидер на рускиот регион Чеченија, назначен од Кремљ. Во последно врем Адам ги полни насловните страници.
Тоа присуство, во голема мера е резултат на вниманието што му се посветува на ова 15-годишно момче и постапките што му ги припишуваат државните медиуми во Чеченија и, во помала мера, во Москва.
Тој е претставен како храбар млад човек кој се борел во војната на Русија против Украина и заробил украински војник. Адам доби награда за борба против тероризмот и победи руски специјалци во првенството во тактичко стрелање.
Главниот државен канал во главниот град на Чеченија, Грозни, редовно ги прикажува Адам и неговите двајца постари браќа - Ахмат (17) и Зелимхан или Ели (16), додека го придружуваат својот татко на официјални настани и состаноци или патуваат со него низ регионот.
Долгогодишните гласини за здравјето на Кадиров, во последните денови се вртат побрзо од кога било, предизвикувајќи муабети за тоа што може да се случи ако моќниот лидер, кој доминира во регионот повеќе од 15 години, умре или биде онеспособен. Неизвесноста ги зголеми прашањата за целта и политичките последици од публицитетот што им се дава на неговите деца.
Наградите, почестите и признанијата доделени на децата на Кадиров служат како предупредување од Кадиров и неговите сојузници за секој со политички амбиции, рече чеченскиот политички аналитичар Руслан Кутаев.
„Тоа е сигнал од кругот на Кадиров да не играте игри, бидејќи никој нема намера да ве стави на власт. Таа ќе остане кај децата на Кадиров“, изјави тој за РСЕ.
Колку силно одекнува тој сигнал не е јасно.
Аналитичарите велат дека смртта на Кадиров може да предизвика борба за власт која владата на рускиот претседател Владимир Путин многу напорно ќе се обиде да ја контролира, а плановите на Кремљ за таков развој на настаните се непознати.
Путин го назначи Кадиров, кој сега има 46 години, за претседател на Чеченија во 2007 година. Критичарите велат дека Кремљ ги затворил очите пред обвинувањата за наводно широко распространето кршење на човековите права и кршење на рускиот Устав од страна на Кадиров и оние кои се под негова контрола. Путин се потпира на поранешниот командант на бунтовниците, за да ги контролира сепаратистичките чувства и насилството во Чеченија, каде имаше две разорни постсоветски војни и исламистичкиот бунт што се прошири во другите претежно муслимански региони во Северен Кавказ.
Не е сосема јасно колку деца има Кадиров. Некои извештаи и биографии велат дека има 10, други, пак, дека има 14, а и Кадиров сугерира дека тоа е точно. Во јули, кога Соединетите Американски Држави воведоа санкции за Кадиров, неговата сопруга и неговите две најстари ќерки, го цитираа дека рекол оти има уште 12 други деца.
Три од ќерките на Кадиров имаат владини функции: 24-годишната Аишат е министер за култура на Чеченија; Хадизат, која има 23 години, го надгледува регионалниот здравствен систем, а дваесетгодишната Хутмат е заменик-шеф на секретаријатот на Кадиров.
Но, Ахмат, Зелимхан и Адам привлекоа повеќе внимание од повеќето нивни браќа и сестри.
Во март, еден ден пред неговата венчавка, Ахмат имаше директна средба со Путин во Москва, што ги поттикна гласините дека Кадиров и Кремљ се подготвуваат за негово наследство.
Кадиров ги отфрли шпекулациите за неговото здравје, како што се обиде да го стори тоа и месецов, и рече дека Ахмат и Путин имале неформален разговор за младинската политика во Северен Кавказ.
Ахмат, го носи името на неговиот дедо, поранешен бунтовник, кој стана лидер на регионот поддржан од Кремљ и беше убиен во 2004 година, отворајќи го патот за неговиот син Рамзан. Таткото на Рамзан го предводеше движењето на чеченските младински организации формирани од руското Министерство за образование.
Зелимхан, исто така, се најде на насловните страници. Во декември 2022 година, тој го имаше, како што беше наведено, неговото „професионално деби“ како боксер во лесна категорија за организацијата за боречки вештини на неговиот татко. Неговиот профил, сепак, покажува дека досега имал само една борба.
Дел од вниманието што го привлече Адам е јасно неласкаво, барем во очите на многу луѓе надвор од чеченските и руските владини кругови.
Неговиот јавен имиџ е обликуван од приказите на насилство, кои потсетуваат на бруталноста за која активистите за човекови права и западните влади го обвинуваат владеењето на неговиот татко.
На 16 август, руската народна правобранителка Татјана Москалкова напиша во објава на Телеграм дека Никита Журавел, човек затворен во Чеченија за наводно палење копија од Куранот, се пожалил дека Адам Кадиров ја посетил неговата ќелија и го претепал.
По посетата на Журавел во затворот, чеченскиот народен правобранител Мансур Солтаев рече дека затвореникот тврдел дека, за време на состанокот со Рамзан и Адам Кадиров, Адам го претепал откако постариот Кадиров ја напуштил ќелијата.
На барање на Москалкова, Солтаев, неосновано тврдејќи дека властите во Чеченија ги почитуваат човековите права „на највисоко ниво“, рече дека ќе ја истражи жалбата за однесувањето на Адам, но резултатите од оваа истрага не се познати.
Во меѓувреме, братучедот и сојузник на Кадиров, Адам Делимханов, висок член на Комисијата за безбедност и антикорупција во Долниот дом на рускиот парламент, го пофали пријавеното однесување на тинејџерот, велејќи на Телеграм дека тој „дури и постапил многу хумано“ бидејќи Журавел е уште жив.
Покрај обвинението за палење Куран, руските истражители тврдат дека Журавел, роден во Украина, бил платен да фотографира руски воени локации за украинските тајни служби.
Кадиров тврди дека испратил околу 26.000 војници да се борат во Украина откако Русија ја започна својата целосна инвазија на земјата во февруари 2022 година.
Сликите што треба да покажат дека неговите деца го делат неговиот ентузијазам за инвазијата се дел од она што критичарите го нарекуваат шоу.
Во октомври 2022 година, кога имал 14 години, Адам наводно ја посетил линијата на фронтот во украинскиот регион Доњецк заедно со Ахмат и Зелимхан. На видеото на социјалните мрежи се гледа како трите момчиња седат во мал ров и пукаат од автоматски пушки и фрлач на гранати. Во далечината се слушаат пукотници, но ниту еден истрел не стигнува до тинејџерите.
Визуелната споредба на две видеа од овој настан сугерираат дека момчињата всушност биле на неколку километри од линијата на фронтот.
Меѓутоа, Кадиров подоцна на Телеграм тврдеше дека секој од неговите синови се вратил од фронтот со заробен украински војник. На видео снимката од наводните заробеници, трите момчиња носат исти очила за сонце и исти автоматски пушки. Адам и Ахмат носат облека на која пишува „К13“ и „Дустум“, референци за нивниот татко.
Еден месец подоцна, Адам помина низ традиционалната церемонија на полнолетство.
На Телеграм, неговиот татко рече дека пресвртницата повлекува беспрекорно почитување на кодот на честа на „кјонах“ - чеченски почест што се преведува како „достоен човек“ или „херој“.
За да ја одбележи транзицијата, Адам добил кама и традиционална висока волнена капа наречена папака. Неговиот татко тврдел дека момчето мора „да ја крене [камата] заради одбрана на религијата, честа и својата татковина“.
Но, аналитичарот Кутаев вели дека „кјонах“ се однесува на скромноста, лојалноста кон нацијата, почитување на дадениот збор и стремежот за правда.
„Адам апсолутно не го заслужи ова име поради фактот што носеше капа и врзана кампа за скапиот појас“, рече Кутаев, кој е претседател на Собранието на кавкаските народи, група независни регионални експерти.
Сепак, од неговото полнолетство, Адам добива сè повеќе улоги за возрасни - барем официјално.
Во март, чеченското Министерство за внатрешни работи им додели значки за заслуги на Адам и Ахмат „за одликување во борбата против тероризмот“. Немаше објаснување за некоја конкретна основа за наградите.
Подоцна истиот месец, Адам, придружувајќи го својот татко, се појави на снимка од локација во близина на источниот град Гудермес каде чеченските специјални сили убиле двајца наводни милитанти за кои се тврди дека биле осомничени дека планирале напад врз органите на редот. Спротивно на рускиот закон, кој не дозволува поединци помлади од 21 година да носат оружје надвор од воената служба, младиот Кадиров, облечен во панцир, беше прикажан како носи автоматска пушка од американско производство.
Играњето на таа улога продолжи кон крајот на август, кога Адам се приклучи на безбедносните сили контролирани од неговиот татко за да се натпреварува во чеченскиот град Гудермес против тимовите на специјалните сили од цела Русија во гаѓање, во трчање на патека со пречки, во борби гради во гради и во возење оклопни и други возила.
Иако тимот не се пласираше во финалето на Адам му беше доделен медал „за лидерски квалитети“.
Адам и неговите браќа и претходно наидуваа на контроверзии поради тоа што иако малолетни се натпреваруваа на настан за боречки вештини организиран од боречкиот клуб „Ахмат“ на нивниот татко. На еден од боксерските натпревари на Адам, тој беше прогласен за победник по непостоечки „нокаут“.
Но, почестите продолжуваат да доаѓаат, како и досега.
Во 2013 година, чеченските религиозни научници го нарекоа шестгодишниот Адам „најмладиот хафиз во Русија“, мислејќи на личност која го научила Куранот напамет, подвиг за кој на возрасните може да им требаат години за да го постигнат.