Достапни линкови

Вучиќ „воодушевен“ од планот на зетот на Доналд Трамп во Белград


Џаред Кушнер, зет на Доналд Трамп, служеше одредено време како негов советник во Белата куќа (фотографија направена во Белата куќа, Вашингтон, на 7 декември 2017 година)
Џаред Кушнер, зет на Доналд Трамп, служеше одредено време како негов советник во Белата куќа (фотографија направена во Белата куќа, Вашингтон, на 7 декември 2017 година)

На местото на комплексот на Генералштабот кој беше уништен во бомбардирањето на НАТО во 1999 година во центарот на Белград, може да никнат две високи згради со станови и хотели.

Плановите за проектот ги објави Џаред Кушнер, зетот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој би можел да го склучи овој договор со Владата на Србија.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ е „воодушевен“ од идејата, иако тврди дека е „делумно запознаен“.

Вучиќ во понеделникот (18 март) при поставувањето на камен-темелникот на новата фабрика во Инџија истакна дека е среќен што проблемот во центарот на Белград ќе се реши и дека се надева дека ќе има доволно време за преместување на Генералштабот и Министерството за одбрана.

Според него, проектот предвидува „еден вид музеј на жртвите“, бидејќи како што вели, „нема да криеме што се случило“.

Комплексот на Генералштабот во центарот на белград
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:25 0:00

Зградата на Генералштабот беше бомбардирана ноќта помеѓу 29 и 30 април 1999 година. НАТО започна со бомбардирање на СР Југославија на 24 март истата година како одговор на прогонот на Албанците во Косово од страна на српските безбедносни сили.

Што се знае досега?

На 13 март опозицискиот пратеник Александар Јовановиќ-Ќута покажа документ од Владата на Србија во кој се наведува дека министерот за градежништво Горан Весиќ потпишал Меморандум за разбирање со компанијата „Kushner Realty LLS“.

Во заклучокот на Владата на Србија се наведува дека се работи за Меморандум за ревитализација и развој на локацијата на бомбардираниот Генералштаб, документ, кој не е правно обврзувачки.

Весиќ потврди дека добил овластување од Владата, но не и дека потпишал нешто.

„Кога и доколку врз основа на тоа овластување се потпише меморандум или некој друг акт, Владата за тоа ќе ја информира јавноста“, напиша Весиќ во објава на Инстаграм на 13 март.

Во документот што го покажа Јовановиќ, до кој имаше пристап Радио Слободна Европа, Владата го овластила Весиќ да го потпише Договорот за инвестирање, а врз основа на Меморандумот што, како што стои во заклучокот, министерот Весиќ веќе го потпишал со компанијата Кушнер.

Според тој документ, Србија бесплатно би издавала градежно неизградено земјиште на 99 години, со можност за пренамена во имот.

На парцелите наведени за градба во заклучокот на Владата на Србија има и објекти во кои се сместени Министерството за одбрана, како и Воено-безбедносната агенција и Воено-разузнавачката агенција.

Тој наведува дека проектот треба да се определи како проект од посебно значење.

Според документот, Србија и Altlantic Incubation Partners LLC, која е поврзана со субјектот Kushner Realty LLS, треба да основаат друштво со ограничена одговорност во Србија.

Министерот за градежништво Горан Весиќ не одговори на прашањата на РСЕ за деталите од оваа работа.

Во објава на платформа Х на 15 март, Џерад Кушнер напиша дека е „возбуден што може да ги сподели со јавноста раните проекти за градежни проекти планирани за албанскиот брег, како и за центарот на Белград“.

Кушнер за Њујорк Тајмс изјави дека договорот сè уште не е потпишан, но дека преговорите поминале долг пат и дека се надева дека договорот ќе биде затворен. Тој негираше дека неговата фирма добива посебен третман затоа што е зет на Доналд Трамп.

„Њујорк тајмс“ на 18 март објави дека инвестицијата е вредна 500 милиони долари и дека според предложениот договор Србија треба да добие 22 отсто од профитот.

Според весникот, компанијата на Џаред Кушнер треба бесплатно да го закупи просторот на бомбардираниот Генералштаб во Белград на 99 години. Според овој весник, покрај луксузниот хотелски и апартмански комплекс, предвидена е изградба на спомен обележје и музеј.

Министерството за одбрана не одговори на прашањето на РСЕ дали дало согласност за отуѓување на комплексот на поранешниот Генералштаб, односно земјиштето бесплатно да се даде под закуп на странски инвеститор.

Нецелосни информации

На јавноста не и се дадени целосни информации за овој проект, додека српскиот претседател Александар Вучиќ тврди дека се ќе биде транспарентно.

Немања Ненадиќ од организацијата Транспарентност Србија за РСЕ вели дека има многу непознати работи кога е во прашање самата постапка, која треба да претходи на склучување договор од ваков тип. Според него, може да се работи за некаков облик на јавно-приватно партнерство, на пример за формирање на заедничко вложување или, од друга страна, за давање имот во сопственост на државата во замена за некакви придобивки од тој објект, нешто како што е проектот Белград на вода.

Но, тој наведува дека и во двата случаи би требало да се спроведат претходно пропишаните постапки, односно наддавање. Тој вели дека без тоа, не може да се склучи ниту правно-обврзувачки договор.

„Освен ако не станува збор повторно за аранжман кој е покриен со меѓувладин договор меѓу Србија и некоја друга земја и каде што потоа може да се заобиколат постапките за наддавање, како што беше направено во случајот „Белград на вода“, вели Ненадиќ.

Во случајот со изградбата на станбено-деловниот комплекс „Белград на вода“ беше усвоен Lex specialis, (посебен закон) кој го дефинираше проектот како проект од посебно значење за Србија и Белград.

Што вели опозицијата?

Прашањето за иднината на зградата на Генералштабот беше отворено и на продолжението на конститутивната седница на српскиот парламент по вонредните парламентарни избори во декември.

Пратеникот на Еколошкото востание Александар Јовановиќ-Ќута ги праша пратениците да се изјаснат кој е за тоа Генералштабот „да им се поклони на американските компании“.

Здравко Понош, поранешен началник на Генералштабот и претседател на опозициската партија Србија Центар, за РСЕ изјави дека ова не е прв пат Вучиќ и неговата влада да склучуваат посебни договори со Трамп и неговата придружба.

Притоа како пример го посочи договорот од Вашингтон за нормализација на економските односи меѓу Србија и Косово од 2020 година за време на мандатот на Трамп, кој наесен повторно ќе влезе во трката за претседателските избори.

Понош оцени дека Вучиќ „вложува во својата политичка иднина“ за да добие политичка поддршка за останување на власт.

Тој дава нешто што би можело да се смета за семеен скапоцен камен на оваа земја, бидејќи тие згради и таа локација, особено старата зграда на Генералштабот, е семеен скапоцен камен“, вели Понош.

За Бранислав Димитријевиќ, историчар на уметност и член на опозицискиот фронт Зелено-левичарски, постојат две можности: зградата на Генералштабот да се врати во првобитната состојба или да остане зачувана руина како еден вид споменик.

„Нема да биде прв ни последен пат под оваа влада на Српската напредна странка да се менуваат, рушат, реновираат заштитени објекти или објекти кои имале статус на претходна заштита“, рече Димитријевиќ за РСЕ.

Статус на културно богатство

Зградата на Генералштабот и Министерството за одбрана, оштетена во бомбардирањето на НАТО во 1999 година, има статус на културно богатство.

Заводот за заштита на спомениците на културата на град Белград соопшти дека не добил никаков официјален документ со кој се предлага укинување на тој статус.

„Оваа институција нема добиено никаков официјален предлог документ за укинување на статусот на културно добро - споменик на културата на Зградата на Генералштабот на Армијата на Србија и Црна Гора и Министерството за одбрана во Белград“, соопшти Заводот за агенцијата Бета.

Зградата на Генералштабот и Министерството за одбрана е модернистичка зграда, изградена помеѓу 1956 и 1963 година.

Историчарот на уметност Бранислав Димитријевиќ за РСЕ изјави дека тоа е првата модернистичка зграда од големи размери за потребите на државна институција.

„На тој потег имаме многу згради кои припаѓаат на државни органи, но тие се претежно неокласични, псевдокласични, архитектонски, конзервативни објекти. Оваа зграда е единствена по тоа што на исклучителен начин се вклопува во постоечката средина“, вели Димитријевиќ.

Зградата на Генералштабот и Министерството за одбрана е единствената зграда во Белград дизајнирана од архитектот Никола Добровиќ, кој е познат по своите згради во Прага и Дубровник.

XS
SM
MD
LG