Никој не знае точно како ќе изгледа, ниту што ќе донесе евентуалното формирање држава на Бекташите во Тирана, но ја поздравуваат иницијативата.
Поддржувачите на редот Бекташи во Албанија и Косово сметаат дека е време да се формира ваков верски центар.
„Тоа е прекрасна работа. Не знаеме како ќе се оствари, но многу е добро што светот го препознава бекташизмот“, изјави за Радио Слободна Европа (РСЕ) Заљо Чато, бекташки верник од областа Берат во Албанија.
За Бекташијата од Приштина, Фетах Бакија, ова е исто така добра вест - не само за верската заедница, туку и за Албанците во целина.
„Никогаш немавме верски центар, а придонесовме за сите религии што постојат во светот“, додава Бакија.
Веста дека Албанија „планира формирање нова муслиманска држава во својот главен град“ беше објавена на 21 септември во престижниот американски весник „Њујорк тајмс“.
Ден подоцна, на 22 септември, премиерот на Албанија, Еди Рама, го најави започнувањето на оваа иницијатива за време на говорот на Генералното собрание на Обединетите нации.
„Можеме да правиме мали работи со голема љубов. Ова е принципот до кој Албанија се придржува и кон тоа се стремиме. Ова е изворот на нашата инспирација, да ја поддржиме трансформацијата на Светскиот штаб на Бекташи во суверена држава во рамките на нашиот главен град Тирана, како нов центар на умереност, толеранција и мирен соживот“, рече Рама во својот говор.
Според Рама, суверениот ентитет на редот на Бекташи ќе биде изграден на земјиштето на Светското седиште на Бекташите во Тирана.
„Не сакаме моќ, туку продолжување на традицијата“
Светското седиште на Бекташите во Тирана објави дека ја поддржува иницијативата на Владата на Албанија, која ќе го признае бекташкиот ред „како независна држава со моќ на самоуправување, посветена на поддршката на својата вековна традиција на умереност и духовен ангажман“.
Забележано е и дека редот на Бекташ на тој начин би добил суверенитет сличен на Ватикан - град-држава во Италија што е седиште на Римокатоличката црква.
Светското седиште на Бекташите наведува дека овој потег на Владата на Албанија ќе им овозможи да ја зајакнат својата улога во поттикнувањето на глобалниот меѓуверски дијалог и спротивставувањето на насилниот екстремизам во светот.
„За Бекташите ширум светот, овој суверенитет обезбедува официјално признавање на нивната верска заедница и обезбедува заштита на нивните духовни практики.
„Оваа иницијатива не е за самоопределување; ниту бараме влијание или политичка моќ. Наместо тоа, бараме слобода да продолжи со нашата вековна традиција на духовна умереност и религиозна вклученост“, се вели во соопштението.
Во интервју за Њујорк Тајмс, Баба Монди рече дека новата држава нема да има војска, граничари или судови, туку само „мала разузнавачка служба, бидејќи и ние имаме непријатели“.
„Дојде време да се оствари идејата“
Иницијативата на премиерот Рама, сепак, беше критикувана од политичките противници. Помеѓу другите, поранешниот премиер на Албанија, Сали Бериша, рече дека тој сака да го „одвлече вниманието на граѓаните од измами“ и „антиалбански ставови на владата на Рама“.
Рама одговори дека „дојде време оваа идеја да се оствари“, бидејќи „тоа е во целосна хармонија со нашите национални интереси“.
„Да се занимаваме со оваа тема денес значи заштита на исклучителната вредност на историското и културното наследство на албанскиот народ, не сметајќи ги другите големи придобивки што ќе ги донесе формирањето на таков суверен ентитет во светот во кој живееме“, напиша Рама на платформата Х.
Во Албанија моментално има многу малку информации за тоа како и кога ќе се формира овој субјект, кој ќе добие државјанство и што ќе добие од него.
И покрај напорите, РСЕ не можеше да добие повеќе информации од Светското седиште на Бекташите во Тирана и на Косово.
Лидерот на Бекташите во Косово, Рауф Радониќи, изјави дека не може да ја коментира иницијативата, бидејќи се уште не добил никаков официјален документ од Светското седиште на Бекташите, кој треба да даде повеќе официјални информации.
Исто така, претставниците на Муслиманската заедница на Албанија, Исламската заедница на Косово и Српската православна црква во Албанија не сакаа да ја коментираат оваа иницијатива.
Ниту премиерот Еди Рама во објава на социјалната мрежа Х не даде повеќе детали.
„Од идеја до нејзина реализација е долг пат, за да се разјасни се, треба да се развие цел јавен и законодавен процес. Значи, нема брзање, ниту потреба од бесмислени полемики“, напиша тој.
Рама за Њујорк Тајмс изјави дека само неколку од неговите најблиски соработници знаеле за планот, додека сојузниците на НАТО како што се САД не биле консултирани.
РСЕ побара од НАТО, американскиот Стејт департмент и ЕУ да го коментираат планот на Рама, но не доби одговор.
„Добри вести, но не знаеме како ќе изгледа“
Припадниците на бекташската заедница, со кои разговараше тимот на РСЕ, признаваат дека немаат многу детали за најавата за формирање нова верска држава.
Ќато, кој е секретар на Канцеларијата на Светското седиште на Бекташите во областа Берат во Албанија, само вели дека е задоволен.
„Ние сме главната светска престолнина (Бекташи), па зошто да не бидеме држава? Нека не признае светот. Не знам како ќе функционира, како ќе се прави. Не сум запознаен, го видов тоа на телевизија и мислам дека е многу добра идеја“, вели тој.
Бакија, член на Бекташите во Косово, не верува дека евентуална нова држава ќе донесе придобивки што би можеле да го променат неговиот социјален статус.
„Јас припаѓам на албанската бекташиска заедница, која е дел од светската бекташиска заедница. Ништо не ми го менува статусот. Единственото нешто е што би имале светски центар во кој како бекташи, учество би имале сите земји во светот кои ги имаат Бекташите меѓу нивното населени“, вели Бакија.
Што велат социолозите?
Социологот и истражувач од Албанија, Зихди Дервиши, оценува дека иницијативата за создавање верска држава во државата Албанија е генерално позитивна.
„Центарот на светскиот бекташизам е во Тирана, има историска причина за тоа. Бекташите се голема вредност за државата, иницијативата работи во рамки на логички параметри, паметно, хумано, и нема ништо лошо“, изјави Дервиши за РСЕ.
„Меѓутоа, ако започнат кампања за претворање на некои сунитски муслимани во бекташи, тогаш ќе имаме проблеми“, додава тој.
Дервиши смета дека би било добро преку оваа организација да се промовираат вредностите на верската хармонија.
Професорот по социологија на Универзитетот во Приштина, Артан Мухаџири, не очекува дека иницијативата или евентуалното остварување на нова бекташка држава во рамките на албанската држава ќе влијае на бекташката заедница во Косово.
Според него, верските заедници во Косово и Албанија функционираат одвоено, имаат посебни и специфични традиции и имаат посебен развој.
Сепак, како што додава, евентуалното формирање на нова држава би било поздравено од бекташката заедница во Косово.
„Убеден сум дека оваа идеја ги затекна претставниците на другите религии, бидејќи немаше реакции. Но, што се однесува до деликатната верска рамнотежа, таа може да создаде нов ефект. Сè ќе зависи од тоа како ќе биде дизајнирана таквата држава“, рече Мухаџири за РСЕ.
Тој забележува дека Албанија е позната по меѓуверската хармонија и одвојувањето на државата од религијата, но привлекува внимание и на можноста за реакции од другите верски заедници во Албанија.
„Доколку се издвои бекташката заедница и има неспоредливо поголема поддршка од албанската држава, во споредба со другите верски заедници, тогаш секако тоа ќе предизвика незадоволство. Логично и другите заедници би барале ист третман од државата“, вели Мухаџири.
На крајот, тој изразува скептицизам во однос на реализацијата на идејата, со оценка дека „потребно е многу вложување“ и „промени во позициите на другите верски заедници во Албанија“.