Престанува да важи одлуката за спојување на концесиите за рудникот Иловица, одлучила Владата на седницата на 25 јули. Пред еден месец Владата одлучи да ги спои двете концесии за рудник за бакар и злато на фирмата Еуромакс рисорсис, но тоа предизвика и протести и раздор меѓу министрите, што резултираше со поништување на таа одлука.
Министерот за економија Крешник Бектеши вчера требаше да реферира што и како се случувало на седницата пред еден месец и да даде целосна хронологија на проектот за рудник во струмичкиот крај, познат по земјоделство. Но бидејќи на вчерашната владина седница се разгорела дебатата, имало различни мислења, и на крај, како што рече, донесена е политичка одлука, прес-конференцијата се одржа денеска.
„Владата одлучи да престане да важи претходната одлука, а тоа значи дека ние се враќаме таму каде што бевме, не носиме ниту позитивна, ниту негативна одлука. А Министерството економија инсистира да се носи некаква одлука, а која е подобрата за интерес на граѓаните ќе каже времето и аргументите“, рече Бектеши на 26 јули.
Како може да се поништи концесијата?
На владината седница министерот за економија бил воздржан. Не гласал негативно, оти, како што вели, не може да биде против тоа што го презентирал и вчера и пред еден месец.
Најновата одлука на Владата, Бектеши ќе ја почитува, но како Министерство ќе се обидат да најдат правен простор за да не се случи инвестицијата.
Но тој, останува на ставот дека поарно е да се донесе одлука, отколку институциите да молат, оти на ваков начин со поништување на претходната одлука, ништо не е решено, туку целата работа се враќа чекор назад.
„И после оваа одлука концесионерот „Еуромакс“ има сопственост на двете концесии, и после оваа одлука концесионерот има право да побара спојување на концесиите. Не сме им одзеле некакво право или сме им ја зеле концесијата“, рече Бектеши.
Министерството предлага да се донесе Акт со кој ќе се утврди дека одредена потенцијалната инвестиција е спротивна на стандардите за животната средина. И активистите за животна средина, кои се борат против отворање на рудник во струмичко, сметаат дека тоа драматично ќе ја загрози животната средина. Доколку има таков Акт, Министерството веднаш би предложило раскинување на договорот со концесионерот.
Се отвора простор идните генерации да плаќаат милионски суми оштета
Во спротивно, вели Бектеши, со неносењето одлука и со непостапувањето според насоките на Судот, се ризикува од арбитражна постапка која може многу да ги чини граѓаните.
„Зошто после десет години моите, вашите деца, децата на сите, да патат од денешните одлуки да патат во иднина и да плаќаат милионски суми“, прашува министерот за економија.
Од компанијата Еуромакс, претходно соопштија дека случајот може да се најде пред меѓународна арбитража и да бараат најмалку една милијарда евра отштета.
На 27 јули Владата донесе одлука да се спојат двете концесии. Двете концесии за рудник за бакар и злато на планината Огражден се наоѓаат на територијата на Општините Босилово и Ново Село во струмичкиот регион, на југоистокот од земјата.
Освен протест на активистите за заштита на животната средина, револт изразија и дел од министрите, велејќи дека биле измамени при носењето на одлуката за спојување на концесиите. Па затоа беше задолжен министерот за економија да образложи за концесиите. На седницата, минатата недела, Бектеши не присуствуваше, оти беше на службено патување. Ден по враќањето ги собра новинарите на брифинг, наместо прво да реферира пред Владата.
Сега Бектеши вели дека Министерството за економија не излажано никого, ниту пак некого довело во заблуда.
Дводецениска сага за Иловица
Целиот процес за рудник во Иловица трае речиси две децении. Бектеши презентираше папки полни до документи за тоа кој и кога потпишувал различни аспекти поврзани со концесиите. Како што вели, министерот, на ниту еден документ за доделување на концесиите нема потпис од министер за економија. Одлуките на Влада ги потпишува или премиер или вицепремиери кои ја воделе седницата. Во случај, пак, на арбитражни постапки, меѓународните судии во предвид ги зимаат сите јавни изјави на функционерите поврзани со случајот кој е на арбитража, како и стенограми од седници, вели Бектеши.
Еуромакс уште во 2016 ги исполнил условите за спојување на концесиите, но заради политичката криза тогаш и заради изборите, кога не може да се носи никаква одлука, владата не постапила. По промената на власта во 2017, повторно се става ова прашање на владина седница и тоа во четири наврати, но ниту еднаш Владата не донела одлука и се одложувала точката. Токму тоа, вели Бектеши, е причина што сега во 2023 та Управниот суд донел одлука дека мора да се одлучува по барањето за спојување на двете концесии.
Одлуката Бектеши да реферира за владината одлука ја донел премиерот Димитар Ковачевски.