Достапни линкови

Младите вандали да метат улици за „казна“?


Илустрација - колаж на фотографии од видеа на кои се гледа како млади уништуваат игралиште во Капиштец
Илустрација - колаж на фотографии од видеа на кои се гледа како млади уништуваат игралиште во Капиштец

Полицијата се уште го расчистува случајот со вандалското уништување на детско игралиште во Капиштец. Општина Центар ќе предложи законски измени за „казни“ со општо-корисна работа. Дел од младите шокирани од агресивноста на овие врсници, а психолозите велат - ништо без разговор со родителите

Цела недела откако градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски објави видео на кое се гледа како група млади вандализираат игралиште во населбата Капиштец, полицијата не објави дали тие се идентификувани.

На прашањата од Радио Слободна Европа (РСЕ) до Министерството за внатрешни работи (МВР), за тоа дали ги идентификувале и што презеле, одговорија дека се постапува – соодветно.

„Во полициската станица од општа надлежност „Центар“ се преземаат соодветни мерки и активности за расчистување на случајот, по што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“, велат од МВР за РСЕ.

Со какви санкции би можеле да се соочат според закон, освен од квалификацијата на делото зависи и од возраста – дали се помлади малолетници, од 14 до 16 години, или постари, од 16 до 18 години.

„За помлади малолетници законските одредби исклучуваат заводски или затворски мерки, така што предвидуваат само мерка засилен надзор од родител или од Центарот за социјални работи. Кај постарите малолетници, за потешки кривични дела можно е да се добие и заводска, а во екстремен случај и затворска мерка. Ако на пример, делото биде квалификувано како насилство, што ќе зависи и од тоа дали има поголема материјална штета, нема да се оди со престроги мерки, односно нема да има простор за заводски мерки и ќе се заврши со засилен надзор. Можно е и да завршат со прекршок како вандализам, повторно во зависност од тоа колкава е штетата“, вели адвокатот Јанаки Митровски во разговор со РСЕ.

Во меѓувреме, компилацијата на видеа снимени од жители на скопската населба ја вознемири јавноста. Граѓаните на социјалните мрежи, под објавата на Герасимовски коментираа дека коренот на агресијата е дома, но и дека младите за кои има видео доказ дека дивееле мора да се казнат.

Едни прашуваат каде е полицијата, други порачуваат младите дека треба да се пратат на општествено-корисна работа, за таму да го користат вишокот на време и енергија.

Токму ова е една од насоките во кои размислува Општина Центар, по средбата со началникот на СВР – Скопје, Сашо Топаловски, каде разговарале не повеќе теми како проблемот со бучавата и неправилното паркирање во Капиштец, но и за малолетничката деликвенција.

„Доколку на пример некое дете направи штета на урбана опрема или игралиште, да има општествено одговорна дејност, односно работа, кадешто ќе мете улици или ќе фарба дел од клупите и слично“, изјави Герасимовски за РСЕ.

За ова да стане пракса, тим правници од Центар заедно со стручни лица ќе состави предлог законски измени во Законот за семејство и законите за основно и средно образование, а можни се и предлог измени на членови на други закони.

Општината планира да постави камери на одредени детски игралишта и пофреквентни локации каде навечер има вандализам. Состаноците со педагози, психолози и универзитетски професори, ќе им бидат насока за почеток на кампања за подигнување на јавната свест кај децата и родителите. На темава ќе се зборува и на работилници кои ќе се одржуваат од септември, ни најави Герасимовски.

И претходно игралиштето во Капиштец беше мета на вандали за што пишуваше Радио Слободна Европа во ноември минатата година. Дел од реквизитите беа уништени само два месеца по реновирањето.

Оштетеното игралиште во Капиштец, во ноември 2024
Оштетеното игралиште во Капиштец, во ноември 2024

Збунети од вандалските сцени се и дел од младите. На тинејџерката Јоана од Скопје, на пример, не ѝе јасно, зошто некој би уништувал игралиште кое до вчера и самиот го користел.

„Тоа е многу глупаво да се прави, едноставно нема смисла. Нема причина. Тинејџерите не се грижат толку за средината околу нив, како што се грижеле оние во минатото. И вакво нешто затоа често се случува. Некогаш цртаат графити врз училиштата и според мене тоа е многу некултурно и не го поддржувам“, вели Јоана.

За некои млади, дивеењето е единствен начин за изразување, ни посочи друга средношколка.

„Луѓето, посебно младите, не можат да се изразат со зборови, па мора на тој начин, со агресија, некако да го изразат тоа што го мислат“, вели средношколката Стефи во разговор со РСЕ.

Превенцијата почнува со реакција

Секогаш кога некое однесување го оставаме без реакција или го пуштаме да продолжи, несвесно го поддржуваме. Така на личноста или групата и покажуваме дека не се презема ништо и тоа несвесно се одобрува, посочува психологот Фики Гаспар.

„Гледам се препознава и луѓето реагираат и кога е така уште со самата реакција има ефект на понатамошна превенција. Самото ова што го видовме во медиумите е веќе едно преземање на одговорност. Се дава тежина и се укажува дека ова не е соодветно. Потоа, треба да се поработи на начин на што ќе биде соодветен и индивидуален за одредена ситуација“, вели Гаспар за РСЕ.

Зошто вакви сцени?

Иако секој случај е индивидуален, според психологијата вандализмот како појава се појавува најчесто заради чувство на фрустрација и искажување на некаква потисната агресија.

„Истражувањата укажуваат дека младите најчесто реагираат вака со цел да пренесат незадоволство или фрустрација кон одреден систем. Многу често е поврзано и со трауми од детството. Има и привлекување внимание или доминатност во групата. Но, сето ова е статистички ориентирано“, додава психологот.

Што може да се направи?

Психологот ги советува родителите да разговараат со децата за тоа како може да ги изразат незадоволствата, фрустрациите и потребите на многу поздрав начин. Но и да внимаваат во кое друштво се движат, како се групираат, што ги поттикнува.

„Скоро во сите случаи, вакво нешто се гледа кога се прави во група од повеќе луѓе. Поретко кога некој е сам“, забележува Гаспар.

Некои истражувања, пак, посочува тој, покажуваат и дека здодевноста или здодевно поминатото време е причина за такви реакции на младите. Па време на летниот распуст кога не се ангажирани со учење, добро е да се најде корисна и продуктивна активност со која ќе им минува времето.

„Треба да се подигне јавната свест прво кај родителите бидејќи сè почнува од дома. Да одвоиме повеќе време, иако брзиот начин на живот и работните обврски со кои се соочуваме сите прават некогаш да обрнуваме помалку време и внимание на растот и развојот на децата, за жал. И заради сето тоа се случува ова“, вели градоначалникот Герасимовски.

Гаспар потврдува дека и според професионалната пракса, родителите кои се поприсутни во животот на децата, прилично добро се запознаени со тоа што се случува. Така поверојатно е дека ќе препознаат проблем. Кога тоа ќе се случи, не треба да се остава да помине време, туку да се реагира. Ако родителот и покрај напорите не може да помогне во решавањето, треба да се побара професионална помош.

Во 2023 во МВР регистрирале 102 настани на насилно однесување меѓу млади, а најголем број, 40, се во Скопје. Поднесени се 10 кривични пријави, а против 102 лица, 60 барања за прекршочна постапка за сторени прекршоци во најголем дел за физички напад и учество во тепачка и против родителите, за занемарена грижа.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG