Достапни линкови

ТИРЗ ќе дава 500.000 евра за канцелариска опрема и по 20.000 евра за кирија на стадион


Илустрација
Илустрација

ТИРЗ ги менува административните простории. Од Партизанска се сели на градски стадион. РСЕ го има договорот со кој ТИРЗ изнајмува простории од државното АД за 20 илјади евра месечно иако сега е во простории за кои не плаќа кирија. Со 500 илјади евра ќе опремува четири административни згради.

Додека Технолошко индустриската развојна зона Скопје (ТИРЗ) на својата интернет страница нуди „симболична цена за закуп на земјиште и директна државна помош“ за инвеститорите, таа одлучи да плаќа за кирија иако се наоѓа во административни простории кои Владата и ги даде на трајно користење.

Радио Слободна Европа го има договорот склучен меѓу ТИРЗ и Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење на Републиката со кој се изнајмува простор за следните пет години.

Од канцелариите на Партизански одреди бр.2 во Центарот на Скопје со договорот е предвидено вработените во скопската подружница да се преселат под Источната трибина на Градскиот стадион „Тодор Проески“.

Договорот е склучен на 23 јануари 2024 година, ќе се изнајмува простор од 2066 м2 во следните пет години со месечна кирија од 1 257 000 денари или повеќе од 20 илјади евра. Тоа значи дека за цел период ТИРЗ на државното акционерско друштво ќе исплати милион и двесте илјади евра закупнина.

Договор за закуп на деловен простор за Дирекција на ТИРЗ
Договор за закуп на деловен простор за Дирекција на ТИРЗ

„Потребата за простор произлегува од значително зголемениот обем на активности на Дирекцијата за ТИРЗ, имајќи предвид дека само обемот на договори за нови инвестиции надмина над 1 милијарда евра во последните 3 години“, се вели во изјавата од Деспотовски за РСЕ.

Инаку, Технолошките индустриски развојни зони (ТИРЗ) се формирани за да се создадат услови за инвестирања на домашни или странски, физички или правни лица. Мисијата како што пишуваат за себе на Дирекцијата за ТИРЗ е Северна Македонија да прерасне во меѓународен бизнис центар во Југоисточна Европа.

За тоа тие нудат инфраструктура во зоните со евтина и квалитетна услуга, а целта како што пишуваат е да се постигне рамномерен регионален развој во државата.

Вработени против преселбата под трибини

Дваесет и шестмина вработени во Дирекцијата на Партизански одреди бр.2 се потпишале дека се против и испратиле писмо до директорот Деспотовски и Управниот одбор на чие чело е претседателот Џелил Ахмед.

Тие се загрижени, но и незадоволни како што пишуваат во писмото дека новите простории не ги исполнуваат нормативите за безбедност при работа и дека намената на просторот е за спорт а не за администрација.

„Истиот простор во основните проекти за изведба е предвиден за сали за борачки вештини, фитнес сала, соблекувална за посетители и кафуле. Во закупената површина влегува и билетарата која е во функција на работата на стадионот, двата скалишни простори кои се заеднички за сите и се за евакуација на трибините, и заедничките технички простории. Се поставува прашањето, зошто овие заеднички простории влегуваат во закупената површина?“ пишуваат дел од вработените.

Тие навеле десеттина причини зошто овој простор не ги задоволува условите од Законот за безбедност и здравје при работа, и бараат да останат да работат во старите простории.

Во нив Дирекцијата работи од 2008 година кога е направена комплетна реконструкција и адаптација, велат вработените кои се потпишале на писмото. Уште еднаш потенцираат дека просторот во кој сега работат е на трајно користење без надомест.

Писмо за загриженост на дел од вработени во Дирекција на ТИРЗ
Писмо за загриженост на дел од вработени во Дирекција на ТИРЗ

Деспотовски вели дека нема зошто да се сомнева дека законската регулатива за изградба и намена на просторот е целосно испочитувана, бидејќи го изнајмуваат од претпријатие чија што примарна дејност е токму изградба и управување со простор.

„На крајот на денот, истиот простор што сега го ангажираме во 2017 година го користеше УЕФА за организација и следење на натпреварот на суперкупот помеѓу Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид. Не верувам дека реномирана меѓународна организација како УЕФА би влегла во простор, макар и на две недели, што не задоволува високи стандарди за безбедност и квалитет“, вели Деспотовски.

Преписки меѓу двете државни претпријатија

Веднаш по добивањето на писмото од вработените на 16 април, директорот Јован Деспотовски испраќа писмо до скопскиот раководител во Акционерското друштво за стопанисување со станбен простор Марјан Жакула.

Во него потсетува дека при примопредавањето кое било на 19 март биле констатирани забелешки, но одговор на нив не добиле. Како забелешки ги наведува речиси сите точки по кои негодувале вработените.

Го прашува неговиот колега дали вградените материјали и опрема ги задоволуваат критериумите за канцелариско работење, дали системот за ладење и греење е испитан и дали е предвидено внесување на доволно количество чист воздух. Наведува дека спуштените плафони се прокиснати, виси прокисната термоизолација, дека хидрантска мрежа не е во функција и прашува дали има доволно изолација на подот и дали ќе се постави контролно броило за струја.

„Согласно погоре наведеното, пред употреба на просторот Дирекцијата на ТИРЗ ќе изврши преглед и испитување врз основа на што би се потврдило дека просторот ги задоволува условите за сигурна работна средина и за кого би можел работодавецот да издаде Изјава за безбедност“, напишал Деспотовски.

После неколку преписки меѓу двајцата директори, Деспотовски на 6 јуни добива уверување дека дел од работите за кои има забелешки се во ред, а додека за дел ќе бидат ставени во функција по преземањето на просторот, како што се хидрантската мрежа и контролното броило. Со одговорот му е испратен и извод од имотен лист за источната трибина каде за овој простор се вели дека е со намена деловен простор (ДП).

Преписка за недостатоци во зграда под закуп од ТИРЗ Скопје со АД за стопанисување со станбен и деловен простор
Преписка за недостатоци во зграда под закуп од ТИРЗ Скопје со АД за стопанисување со станбен и деловен простор

За уредување на канцеларии ТИРЗ ќе потроши околу 500 илјади евра

Работна столица за раководител, столици за посетители кај раководител, работни маси, бироа, конференциски маси, клуб маса, фиокари, плакари, комоди, табуретки, зеленило. За опремување на четири објекти со кои располага ТИРЗ на различни локации, ќе бидат потрошени околу 29 милиони денари или нешто помалку од пола милион евра.

Административните згради на индустриските зони во Скопје, Штип, Прилеп и Тетово ќе се подноват со нов канцелариски мебел од фирмата СПС Инженеринг од Скопје. Таа го добила тендерот и на средината од мај потпишала договор со директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски.

Ако се отвори интернет порталот на фирмата која го добила тендерот може да се види дека е компанија специјализирана во полето на обезбедување на безбедни и сигурни решенија за континуирано и непрекинато напојување со електрична енергија.

Ако се погледнат и останатите тендери кои ги земала од државни институции најголем дел се поврзани со работењето кое го навела како спецификација.

Во договорот пак како контакт е наведено лице кое е дизајнер на ентериер во компанија која се занимава со продажаба токму на канцелариски материјал.

Од СПС за Радио Слободна Европа велат дека ја поседуваат франшизата за Биротајм, фирма од која всушност ќе биде набавена дел од опремата . Од таму ќе бидат опремени канцелариите на ТИРЗ, бидејќи како што велат од СПС Биротајм Македонија е подржуница на СПС Инженеринг.

„Потпишан е договор и започнати се роковите за реализација. Набавката на опремата ќе биде дел од Биротајм и уште 4 странски компанија и 4 домашни компанија“, велат од СПС за РСЕ.

Според Деспотовски, станува збор за реномирана фирма од која ќе се набавува канцелариската опрема.

„Постапката за набавка е спроведена во отворен процес, што траеше 30 дена. Немаше никакви забелешки, ниту прашања од суштинска важност, што би упатиле на некакви недоречености. Избраната фирма има референтна листа за вакви набавки и проекти и партнери меѓу кои и од Делегацијата на Европската Унија и тука навистина мислам дека сме постапиле согласно највисоките стандарди на работење“, пишува директорот на ТИРЗ.

Инаку, според него, потребата за опремување на канцелариите е поради тоа што во изминатите две години изградени се три нови функционални објекти во ТИРЗ Прилеп, Струга и Штип. До сега вработените и службите користеле времени објекти - контејнери кои како што вели се сосема вон стандардите за нормално работење.

Во меѓувреме, бројот на фабрики и работници кои ги користат услугите во овие зони значително е зголемен.

„Сакам да бидам јасен - набавката на канцелариска опрема е и за овие простории на ТИРЗ, не само за просторот на ПУИГ на градски стадион“, вели Деспотовски.

Договор за набавка на канцелариска опрема со СПС Инженеринг
Договор за набавка на канцелариска опрема со СПС Инженеринг

Деспотовски јавно веќе го понуди просторот на Партизанска бр.2

„Предлагаме Бирото за развој на образованието (БРО) да се пресели во нашите сегашни простории, со цел ФИНКИ да ги користи бараките во кои сега е сместено Бирото“.

Оваа изјава ја даде Деспотовски на 2 април од настан за кој медиумите известуваа дека се одржал во новите канцеларии на ТИРЗ кои се уште официјално не се во функција. Од панел дискусијата „Иднината почнува дома“ Деспотовски им порача на студентите на ФИНКИ дека е расположен да им го реши проблемот со нивниот неизграден факултет.

ТИРЗ на БРО да му отстапи простор во строг центар на Скопје, а студентите да учат во бараките каде сега е администрацијата на бирото.

„Сите млади мора да сфатат дека оваа држава може да им даде поддршка и тука да се чувствуваат дома, а не дома на некое друго место“, рече Деспотовски.

Над 5 000 студенти на ФИНКИ следат настава во различни простории на техничкиот кампус, но и надвор од него.

  • 16x9 Image

    Билјана Николовска

    Билјана Николовска како новинар започнува да работи во локална радио станица, а кариерата ја продолжува во националната ТВ Телма од 2006 – 2023 год. Добитник е на награда за најдобар дописнички прилог, и на повеќе награди за истражувачки стории доделени од домашни новинарски организации како и од Европската Унија. Автор е на документарен филм  и серија стории кои откриваат корупција, организиран криминал и нарушување на човековите права. Како истражувачки новинар за Радио Слободна Европа започна да работи во мај 2023 година.

XS
SM
MD
LG