Достапни линкови

Таравари: Ако не победиме на изборите, ќе се повлечам од политиката


Таравари - Нема друга алтернатива за европскиот пат, освен уставни измени
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:02 0:00

Таравари - Нема друга алтернатива за европскиот пат, освен уставни измени

Прво би побарал од европските политичари гаранции дека нема да има други услови за да го продолжиме европскиот пат. Второ, би побарал динамика за уставните промени. И трето е да се тргнеме од „Отворен Балкан“, вели Арбен Таравари, претседателски кандидат од коалицијата ВРЕДИ, во интервју за РСЕ

Ставил поквалитетни камери во куќата, но институциите уште не го информирале кој му остави куршум пред врата пред два месеца, во февруари, во деновите кога се разиде од сопартиецот Зијадин Села и нивната партија „Алијанса за Албанците“ се подели на две крила. Не се чувствува како марионета ниту на Села, ниту на ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателскиот кандидат на коалицијата ВРЕДИ, во која се здружени опозициските партии на Албанците, Арбен Таравари, смета дека предност пред директниот противкандидат Бујар Османи од ДУИ е неговата „чиста“ политичка кариера, без скандали и афери. Но, Таравари во интервјуто за Радио Слободна Европа најави и дека ќе се повлече од политиката ако ги изгуби изборите.

Г-н Таравари, зошто граѓаните би гласале за вас, што е Вашата предност пред другите кандидати и пред директниот противник, Бујар Османи од ДУИ?

-Токму така,ние сме седум кандидати, од кои пет од кандидатите се Македонци, двајца сме Албанци. Натпреварот, искрено, во албанскиот блок ќе биде меѓу мене и г-нот Бујар Османи. Јас се надевам дека граѓаните препознаваат на кој би му дале доверба за да ја води државата во следните пет години. Секогаш граѓанинот прво што ќе анализира кај еден кандидат, е неговата програма, што тој може да обезбеди за следните пет години, што се неговите програмски цели. Второ е кредибилитетот на кандидатите. Јас мислам дека немам скандали и афери во овие 7-8 години колку сум во политика и како градоначалник и како ни како министер за здравство. Од друга страна, имаме кандидат кој ги прошета сите министерства, беше и во Владата на Груевски која знаете како заврши, потоа имаше еден предмет во Специјалното јавно обвинителство (СЈО), предметот „Пациент“...јас не знам сега, можеби од тоа нема ништо но тоа, но тоа се зборуваше и за тоа кажа и СЈО дека имаат таков предмет...после тоа се случи што се случи.

Како Северна Македонија ќе ги продолжи преговорите со ЕУ, ако услов се уставните измени? Кој е Вашиот став во тој контекст?

-Веќе тоа е став на Европската унија и на Европската комисија дека Македонија за да ги започне преговорите треба да се направат уставните промени. И тоа е неспорен факт. Јас кажав и 2022 година во јуни кога се донесе европскиот предлог за договорот меѓу Македонија и Бугарија – сите тие преговори беа нетранспарентни и неинклузивни. Меѓутоа, штом веќе тоа се прифати и помина во Парламентот, факт е дека ако сакаме да почнеме преговори, а јас колку што гледам, никој не кажува дека има друга алтернатива, ние ќе мораме да ги направиме уставните промени и да го продолжиме европскиот пат на Македонија, бидејќи не постои, ви велам, друга опција. Да постоеја други опции, тогаш во ред, би можеле да разговараме.

Најголемата опозциска партија ВМРО-ДПМНЕ во предизборната програма се заложи за укинување на „балансерот“. Кој е Вашиот став, би дале ли поддршка?

-„Балансерот“ е воведен во 2006 година, токму од ВМРО-ДПМНЕ. Видете, застапеноста на етничките заедници во одредени институции пред 2002 година беше скандалозна, и сега некако се изедначува. Меѓутоа, „балансерот“ и се злоупотребува, за жал, не само од Македонците, туку и од Албанците се случува да се злоупотребува, па и од граѓаните. Доколку можеме да најдеме друг механизам кој ќе ги има во предвид и застапеноста на етничките заедници, но и мерит системот – значи тие што се способни. Кога избираме Македонец, нека биде најспособниот Македонец. Ако избираме Албанец, нека биде најспособниот Албанец. Кај нас не е пречка етничката застапеност, колку што е пречка што партиската застапеност го задавува системот, посебно администрацијата. Отворени сме за се да разговараме, меѓутоа дека треба да постои еден механизам кој ќе супримира партиско влијание, и јас сум заинтересиран.

Како ги толкувате наводите за руско влијание во Северна Македонија?

-Јас не би кажал руско влијание бидејќи не знам за руско влијание, немам некакви докази. Но знам дека има големо српско влијание во Македонија, тоа е недвосмислено, посебно преку „Отворен Балкан“ влијанието на Србија е огромно во македонското општество, генерално зборувам. Имајќи во предвид дека Србија има многу добри односи со Русија, е многу блиска, можеби најблиска држава од Западниот Балкан која е со Русија, ако има руско влијание тогаш мислам дека тоа руско влијание оди преку Србија. А дека српското влијание е огромно во Македонија, тоа е неспорен факт и тоа сум го кажал многу често. Тоа не штети само на Македонците или само на Албанците, генерално на државата.

Тогаш, кој мислите дека е промотор на тоа српско влијание?

-Јас често зборувам дека единствен период кога српското влијание беше најмало во Македонија, е периодот 1998-2002 година, кога на власт беа г-нот Љубчо Георгиевски и Арбен Џафери. Мислам дека оваа 22-3 годишно владеење на г-нот Ахмети можеби не директно, можеби на наивен начин или без да знае, меѓутоа доволи да има вакво огромно српско влијание во Македонија.

Кои се ризиците по безбедноста на Северна Македонија од евентуално руско или како што велите, српско влијание?

-Ние сме веќе членка на НАТО и ова е убава превенција, добра превенција за државата. Гледате дека се повеќе политичари, не можат да добијат одредени сертификати, посебно тие што работат во безбедносни структури на државата, кои се под контрола на НАТО. Подобра контрола отколку НАТО што може да има врз намалување на руското влијание во Македонија, нема. Така што, ние треба да продолжиме и продолжуваме да бидеме членка на НАТО, меѓутоа да се обидеме и да бидеме членка на Европската Унија. Што повеќе ќе тежнееме кон Европската Унија, толку помало ќе биде и влијанието на, да речам, структури што не ѝ мислат добро на Македонија.

Како ја оценувате досегашната борба против корупцијата?

-Видете, само анализирајте како се рангираме од меѓународните институции по тоа каква е перцепцијата за корупција. Ние сме меѓу најлошите држави во Западниот Балкан. Зошто постои корупцијата? Тоа е последица на нефункционирање на правна држава. Само анализирајте колкава е довербата на граѓаните во судскиот систем... тоа се два, три, четири, осум отсто, што е загрижувачки, реално. Што треба да се направи? Треба да се започне сериозно со реформи. Реформи како можат да се направат? Само со политичка ротација, само со смена на власта.

Како вие би ја подобриле состојбата во овој дел доколку бидете избран за претседател?

-Транспарентноста е најдобриот начин за враќање на довербата во институциите на системот. Меѓутоа исто така, влијанието на претседателот, знаете, може да вклијае само преку судскиот систем, да влијае таму каде што избира одредени членови на тела кои се во судскиот систем. Треба да се делегираат од претседателот луѓе кои се професионални, кредибилни и личности со високи морални капацитети.

Вашиот поранешен сопратиец Зијадин Села во јавни настапи ве обвинува дека работите по наредби и ве нарече „марионета на ВМРО-ДПМНЕ“. Зошто сугерира ваша поврзаност со ВМРО-ДПМНЕ?

-Со господинот Села десет години бевме заедно. Не препочитувам да зборувам ништо лошо за него бидејќи колку толку, 10 години сме биле заедно. Тој може да каже се...ние се знаеме многу добро. Не јавно, туку и приватно не сум кажал ништо лошо, таков сум по карактер. Со луѓе со кои сум соработувал долг период, и ако патиштата ни се разидат, повторно имам некаков респект кон него. Времето е најдобриот доказ за повеќе работи. Никогаш во животот не сум бил ничија марионета. Ниту дозволив да бидам марионета на господинот Села, па не можам да бидам ниту марионета на ВМРО-ДПМНЕ или на некоја друга партија. Без разлика, тој мисли така, времето ќе покаже кој мислел подобро, а и граѓанинот ќе покаже кој имал право во нашиот случај, кога се разделивме.

Добивте ли информација кој ви го остави куршумот пред врата?

-Се уште немам добиено никаква информација. За жал не сум ни повикан од никакви, ниту полициски структури ниту судски институции,барем да знам што се случило и како се случило. Камерите во мојата куќа ги сменив и ставив поквалитетни камери кои покажуваат сега и преку ноќ кога нема светло да се види секакво движење во куќата. Се надевам институциите на системот барем да ме информираат што се случило.

Влезен сум во оваа работа само што можам да направам добро, да помогнам утре моите деца и внуци да живеат поубаво во оваа држава кај што живееме. Мојата политичка кариера можам да речам е при крај... секогаш сум кажувал дека десет години се доволно во политика. Јас сум веќе осум години во политика. Се надевам за 2-3 години да оставам една добра екипа зад мене која ќе продолжи и со која ќе се гордеам бидејќи тие ќе бидат подобри од мене.

Велите десет години се доста во политиката..значи ли тоа дека доколку не победите на претседателските избори, ќе се повлечете од политичкиот живот?

-Секако, секако. Ако не победиме на овие избори, мислам дека така треба да биде. И во целиот западен свет е така, во сите развиени демократии е така. Ако изгубите избори, барем пред органите на партијата...иако кај нас имаше одредени случувања, не ми се дозволи од сопартијците барем едни избори да ги терам до крај. А јас им кажав, барам доверба од сите вас. Еден пар избори до 8 мај, ако не победиме на 8 мај, јас сум тука да дадам оставка и немаше да има сила која може да ме запре да не дадам оставка доколку бевме обединети и не победевме. И вака ќе победиме.

Кога велите ако изгубиме избори, мислите на претседателските или на парламентарните избори?

-И на претседателските и на парламентарните секако. Претседателските ќе бидат еден индикатор за парламентарните избори. Така што, јас се надевам дека ќе ги добиеме без никаков проблем.

Во спротивно, поднесувате оставка?
-Така доаѓа.

Кои ќе бидат првите три чекори што ќе ги преземете доколку се случи другото сценарио, односно доколку победите на изборите за претседател на Северна Македонија?

-Доколку победам на изборите, прва работа што би направил би отишол во Брисел и би побарал од европските политичари да ни дадат гаранции дека нема да има други услови за Македонија за да го продолжиме европскиот пат. Втората работа, кој ќе биде идниот мандатар би го повикал оти треба да му се даде мандатот за да формира влада, од него би побарал да ми даде динамика за уставните промени за да ги започнеме што побрзо за да не ни се повтори Букурешт 2008 година. И трета работа, би побарал од политичките партии и од владата да се тргнеме од „Отворен Балкан“ како проект бидејќи никој не остана освен Македонија и Србија.

Интервјуто со Арбен Таравари, кандидат за претседател на коалицијата ВРЕДИ е во рамките на покривањето на Слободна Европа на кампањата за претседателските избори 2024.

XS
SM
MD
LG