Ситуацијата на северот на Косово на 25 септември е мирна, но косовската полиција сѐ уште го држи затворен приодот кон селото Бањска во општина Звечан, по смртоносниот напад од вооружени и маскирани лица на 24 септември.
Косовската специјална единица поставила оклопно возило и други возила на раскрсницата Балабан, која води кон Бањска.
Косовската полиција на 24 септември во раните утрински часови била нападната од маскирани лица, откако тргнала да ги отстрани барикадите поставени во Бањска, а потоа се засолниле во селски манастир. Притоа бил убиен офицерот на косовската полиција Африм Буњаку, а неколкумина биле ранети.
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, 25 септември го прогласи за ден на жалост во целата земја.
Обвинителот на косовското обвинителство Наим Абази за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека има непотврдени информации дека се сомневаат на опасни, потенцијално експлозивни направи на патот кон ова село.
„Има и возила кои се на пат кон местото каде што се случи несреќата“, рече Абази.
Граничните премини Јариње и Брњак сѐ уште затворени
Косовскиот премиер Албин Курти на 24 септември изјави дека во нападот учествувала „терористичка и криминална формација од 30 лица“.
Косовските власти објавија дека тројца напаѓачи се убиени, додека шест лица за кои постои сомневање дека биле во контакт со нив се уапсени.
Абази нагласи дека се работи на идентификување на лицата инволвирани во нападот на косовската полиција на 24 септември, а за тоа сега добиле и ДВР (DVR) камери.
Еден од напаѓачите, кој беше уапсен на северот на денот на нападот, продолжува да се лекува во Универзитетскиот клинички центар на Косово, потврди за РСЕ директорот на Клиниката за ортопедија, Гани Јашаница.
„Оперирана му е левата 'рскавица каде што била отворена прострелната рана. Состојбата е стабилна. Се уште се лекува на клиниката“, изјави Јашаница.
Косовската полиција ја презеде контролата врз манастирот доцна во неделата, на 25 септември и како што се наведува таа сега го обезбедува селото.
Нападот врз косовската полиција го осудија меѓународната заедница и Европската Унија (ЕУ).
Косово ја прогласи Србија за одговорна за нападот, додека Белград официјално ги обвинува косовските Срби.
Пронајдено телото на уште еден осомничен за нападот на Косово
Обвинителството на Косово на 25 септември потврди дека на северот на Косово било пронајдено телото на уште едно лице осомничено за учество во нападите врз косовската полиција на 24 септември.
Со ова тело досега се убиени четворица напаѓачи.
Безживотното тело на напаѓачот е пронајдено на околу 1,5 километар од „местото на инцидентот“, еден ден откако група од десетици вооружени мажи ја нападна косовската полиција.
Обвинителот Абази рече дека на местото на настанот било пронајдено уште едно вооружено возило.
„Се обидуваме да го легитимираме бидејќи во овој момент немаше никакви документи за идентификација“, рече Абази за РСЕ.
Косовските власти во неделата објавија дека тројца напаѓачи се убиени во полициска акција, додека шест лица се уапсени, двајца напаѓачи и четворица кои дале поддршка.
Нападот следува околу две недели откако косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ се сретнаа во Брисел на нова рунда разговори на високо ниво со посредство на ЕУ на 14 септември, но не постигнаа никаков договор за нормализирање на односите.
Тензиите на северот на Косово се чувствуваат уште од мај, кога жителите на општините со српско мнозинство на север не ги прифатија новите албански градоначалници, кои излегоа од изборите кои самите ги бојкотираа. Ситуацијата повремено ескалираше во насилство.
Меѓународната заедница побара од Косово да ги координира следните чекори и да работи на деескалација на ситуацијата.