Републиканците ја освоиле контролата над Сенатот
Со победите во Западна Вирџинија и Охајо, републиканската партија ја освои контролата над американскиот Сенат, јавува Ројтерс.
Покрај на претседателски, дел од гласачите ширум САД гласаат и за избор на нови членови на Конгресот, за гувернери, за составите на локалните парламенти и совети, а во некои сојузни држави се одржуваат и референдуми за одредени прашања, како што е правото на абортус.
Победата во трката за Сенатот значи дека републиканците ќе контролираат барем еден дом од американскиот Конгрес во наредниот период.
За Претставничкиот дом, кој во моментов исто така е под контрола на републиканците, пак, сè уште нема јасна слика која партија е во предност.
Пребројување на гласовите во Џорџија
Трамп победил во Северна Каролина
Републиканскиот кандидат и поранешен претседател на САД, Доналд Трамп, победи во Северна Каролина, според проекциите на новинските агенции Ројтерс и Асошиејтед прес.
Северна Каролина е првата од седумте сојузни држави кои се сметаат за одлучувачки за исходот од претседателските избори во САД.
Таа носи 16 електроски гласови.
Гласачките места во „одлучувачките држави“ се затворени, пристигаат првични проекции
Гласачките места во седумте „одлучувачки држави“ во САД, кои се очекува да го одредат и победникот на изборите, се затворени и се очекуваат резултатите.
Како клучни седум држави се сметаат Пенсилванија, Мичиген, Висконсин, Аризона, Невада, Џорџија и Северна Каролина.
Победникот во ниту една од нив сè уште не е прогласен, но за дел веќе има првични проекции.
Како што пренесува Ројтерс, повикувајќи се на проекциите од „Едисон рисрч“, на обработени 85,4% од гласовите во Северна Каролина, Трамп има 50,8% освоени гласови, а Харис 48,4%.