Достапни линкови

Ромскиот глас е политички речиси исклучен


Влада - Македонското државно знаме и знамето на ромската заедница
Влада - Македонското државно знаме и знамето на ромската заедница

Постизборно, ромската заедница засега останува политички занемарена со учество во законодавната и извршната власт. Во Парламентот не влезе ниту еден ромски пратеник, а во владата добија министерство без ресор со фокус на спроведување на „Декадата на Ромите“.

„Да нема ниту еден Ром пратеник не е во ред од големите политички партии“, изјави на крајот на декември 2023 година Шабан Салиу, претседател на Демократските сили на Ромите.

Половина година подоцна, сценариото за кое говореше Салиу се оствари.

А токму Шабан Салиу стана единствениот ромски политичар кој успеа да добие функција - но, не пратеничка, туку министерска. Тој стана министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на „Декадата на Ромите“ во новата влада која брои 24 министерства.

Пратеник од ромска националност не успеа да се „протне“ во законодавниот дом ниту на 25 јуни, кога се верификуваа мандатите на осумте нови пратеници кои дојдоа на местата на премиерот Христијан Мицкоски и новите министри во владата.

За парламентарните избори, во коалицијата „Твоја Македонија“ со здружени сили настапија 24 политички партии предводени од најголемата ВМРО-ДПМНЕ, а дури четири од нив беа ромски. И тоа Демократски сили на Ромите (ДСР) на Шабан Салиу, потоа Роми Обединети од Македонија (РСМ), Демократска партија на Ромите (ДПР) и Партија за еднаквост на Ромите (ОПЕР).

Сепак, во новиот собраниски состав ниту една од нив не обезбеди добитно место, со што меѓу народните 120 избраници, нема претставник од ромската заедница.

Трета среќа за ромски пратеник

И денес, министерот Шабан Салиу останува на ставот дека „не е во ред да нема ромски политички претставник во Собранието“. Иако, вели дека за тоа одлучуваат големите политички партии, а во еден сегмент одредена вина смета дека имаат и ромските партии.

„Нашата партија, но и другите ромски партии имаат свои барања кои очекуваме да се усогласат и да се спроведат. Нашата партија ќе има четири директорски места и одредени други позиции во поголемите државни поголеми институции. Нашите коалициони ромски партии ќе имаат двајца заменици министри. Очекуваме во третиот ешалон да се реализираат директорски места. Би биле задоволни од тоа што баравме. На следните избори, не знаеме ни каков ќе биде изборниот модел. Она за што се залагаат помалите политички партии се за една изборна единица. Ние располагаме со околу 22.000 гласачи. Мислам дека нашата политичка партија сигурно ќе има пратеник“, вели Салиу за РСЕ.

Шабан Салиу, министер без ресор
Шабан Салиу, министер без ресор

Тој остава отворена можност во следниот период, Собранието сепак да добие и ромски пратеник. Станува збор за актуелен пратеник во Собранието од коалицијата „Твоја Македонија“ кој би се повлекол од функцијата за да стане директор на некое од државните претпријатија, а на негово место ќе седне следниот пратеник од ромска националност.

Одземена моќ за политичко вклучување

Застапеноста на Ромите треба да се гледа во сите нивоа на власта, не само во извршната, смета Акиф Кариман, долгогодишен ромски активист и председателел на ново формираната политичка партија која учествуваше на парламентарните избори - Аваја. Тој вели дека незастапеноста во законодавната власт е показател дека ниту една од поголемите политички партии нема реален интерес за инклузија на Ромите и постигнување на еднаквост.

Очекува новата влада да ја елиминира политиката на токенизам и да покаже вистинска заложба кон инклузијата.

„Во однос на другите ешалони во извршната власт, се надеваме дека ромските коалициони партнери во Владата ќе имаат доволно влијание за да се обезбеди доволна застапеност. Сметам дека тоа е можно доколку има волја, бидејќи имаме вицепремиер и министер на важен ресор од заедница која е скоро 30% помалубројна од ромската“, вели Кариман.

Според него, самата институционална рамка за успешна реализација на Стратегијата за инклузија на Роми, која е еден од критериумите за пристапот на Северна Македонија во ЕУ, предвидува постоење на интерпарламентарна група која ќе се залага за инклузијата.

„Во моменталната реалност, тоа би биле луѓе кои не се Роми кои ќе зборуваат во име на Ромите“, вели Кариман, оценувајќи ја оваа состојба како иронична.

Незавршена декада за Роми

За формулацијата на одговорноста на министерот без ресор како одговорен за имплементација на „Декадата за Роми“, Кариман смета дека може да укажува и на недоволно познавање и реална политичка волја за унапредување на состојбата на Ромите.

„Декада на Ромите“ како таква заврши во 2015 година. Со Берлинскиот процес од 2019 година и стратешката рамка на ЕУ за интеграција на Ромите 2021-2030 година, Македонија е обврзана да има таргетирани политики со цел постигнување еднаквост, вклучување и инклузија на Ромите. Како резултат на таа обврска нашата земја има усвоено „Стратегија за инклузија на Роми 2022-2030 година“, вели Кариман за РСЕ.

Министерот Шабан Салиу вели дека најмногу внимание ќе посвети на решавање на проблемите во неколку области - образование, домување, вработување и здравство, како фундаментални потреби на секое семејство.

„Во поглед на „Декадата на Ромите“ во поранешниот период е лошо спроведена. Може вината е во луѓето кои работеа на спроведување на акционите планови од Декадата, а можеби и државата немаше чувство за потребите на ромската заедница. Треба искрено да се спроведат некои акциони планови кои се основни. Не можеме ние да бидеме еднакви со Македонците и Албанците за неколку години, но, да ги покренеме од маргините на општеството, од сиромаштијата која кај Ромите е максимално присутна“, вели тој за РСЕ.

На 21 јануари 2024 година, владата ја изгласа програмата за поддршка на имплементација на Декадата и стратегијата за Ромите за 2024 година. Од државниот буџет за таа намена се предвидени 20 милиони денари или 325,203 евра, кои треба да се потрошат за проекти од комуналната инфраструктура за места населени претежно со ромско население.

Сепак, министерот Салиу оценува дека оддвоените пари од буџетот се недоволни за решавање на проблемите, а и се фокусирани само кон одреден сегмент од мноштвото проблеми. Ветува дека ќе се заложи, а ќе побара поддршка и од премиерот Христијан Мицкоски, оваа сума да биде многу поголема, со цел да се опфатат повеќе сфери на отворени проблеми со кои се соочува ромската заедница.

Кариман од Аваја, пак, очекува дека со најавениот владин ребаланс на буџетот во јули, солиден дел од најавените стотина милиони евра за општините за капитални проекти да бидат наменети и за финансирање на проекти од полза на Ромите.

„Другиот предизвик кој сакам да го споменам во оваа прилика е вработувањето, кој е во линија со ветувањето од 55.000 нови работни места. И од ова ветување очекуваме и ќе се залагаме приоритет да бидат Ромите, бидејќи невработеноста кај нив изнесува 67%“, вели Кариман.

Социјално невидливи и исклучени

Според пописот од 2021 година, во Северна Македонија живеат 49.104 Роми односно 2.34% од вкупното население. Голем дел од нив егзистираат во сиромаштија и супстандардни и нехумани услови, имаат тежок пристап до вработување поради немање соодветно или никакво образование, а неретко се предмет на дискриминација и расизам.

За 2023 година, Комисијата за заштита од дискиминација утврдила 21 случај на дискриминација кон Ромите - при посета на угостителски објекти, во сферата на образование, здравствено осигурување и заштита, како и користење на услуги во јавен транспорт.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG