Достапни линкови

Расте бројот на заразени со Ковид 19, но лекарите велат - нема простор за загриженост


Центар за јавно здравје Скопје
Центар за јавно здравје Скопје

Здравствените власти регистрираат зголемување на позитивните случаи со ковид-19 во август и септември. Епидемиолошката состојба се оценува како стабилна, а на ризичните пациенти им се препорачува нова доза вакцина. Симптомите на новозаболените се болки во грлото, течење на нос, главоболка.

Тивки се утрата пред пунктот за тестирање за ковид-19 во Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) во Скопје. Редиците пациенти со маски кои чекаат ред за да им земат брис, со кои им почнуваше денот на тамошните вработени во пандемските 2020 и 2021 година, ги нема. Таму се поставените знаци со насоки за суспектните пациенти од која страна на зградата треба да пристапат за да не се мешаат со останатите. Во текот на летото ретко кој ги следел тие патокази, но изминатиов период има раздвиженост.

„Од утрово немаме никој. Но последните денови има некоја раздвиженост и пораст на бројот на заразени. Пред некој ден имавме 18 тестирани и од нив 11 излегоа позитивни“, раскажува еден од вработените кој го затекнавме кај пунктот.

По сезоната на одмори и дел од матичните лекари забележуваат дека периодов меѓу нивните пациенти се појавуваат позитивни на ковид-19. Докторката Марта Тунџева, специјалист по семејна медицина од ПЗУ „Кирил Атанасов“ од Скопје вели дека во август и јули меѓу нејзините пациенти немале позитивни случаи, а во последните десетина дена има три-четири. Сите се вратиле од летување во странство.

Кога станува за клиничката слика на заболените со ковид-19 периодов, искуството на лекарите говори дека најчесто доминираат горнореспираторни симптоми, болки во грлото, течење на носот, сува кашлица, понекогаш и висока телесна температура…

„Станува збор за лесни симптоми. Лабораториските контроли не отстапуваат од нормалните параметри. Боледувањето и лекувањето траат околу седум дена, а кај тие со коморбидитети и подолго“, вели Тунџева.

Епидемиолошката состојба е стабилна

Здравствените власти, исто така, нотираат зголемување на бројот на заразени, но велат оти ситуацијата не е загрижувачка. Во август официјално имало 112 позитивни, првата недела од септември, пак, 95. Во јуни и јули бројот на регистрирани случаи со ковид-19 изнесувал 29 односно 23 пациенти.

„Епидемиолошката состојба во земјата е стабилна, а во последниот период (31-36 недела) се забележува зголемување на бројот на позитивни случаи, како и на процентот на позитивни тестови. Во изминатата недела, во земјата се детектирани 95 ковид-позитивни случаи, а процентот на позитивни тестови изнесува 38,4“, вели за Радио Слободна Европа (РСЕ) претседателот на Комисијата за заразни болести, доктор Александар Петличковски.

Месеците пред летото, пак, биле со повисоки бројки, покажуваат билтените од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Во јануари имало 712 позитивни случаи, февруари – 505, март – 738, април – 424, а во мај бројката паднала на 119.

ИНФОГРАФИКА - Заразени со корона вирусот во Северна Македонија во 2023 година
ИНФОГРАФИКА - Заразени со корона вирусот во Северна Македонија во 2023 година

Покрај официјално регистираните позитивни случаи, тука се и оние кои не влегуваат во овие бројки. Меѓу нив се, на пример, и неколкуте пациенти на докторката Тунџева кои се покажале позитивни по враќањето од одмор - сите се тестирале во домашни услови.

Ваквите тестови за ковид во аптеките сега може да се пронајдат за цени од 100 до 300 денари, додека претходно се продаваа над 300 денари. Во приватните лаборатории, пак, брзите антиген тестови сега чинат од 300 до најмногу 1 000 денари, додека ПЦР тестовите се околу 2.000 денари.

Ризичните групи да размислат за вакцина

Крајот на летото и враќањето на луѓето во затворени простории му оди во прилог на вирусот. Иако ситуацијата повеќе не е драматична, сепак за ризичните групи граѓани се препорачува да размислат за примање „бустер“ доза од вакцината против ковид.

„Одреден степен на засилено ширење на Корона вирусот веќе се забележува, а заладувањето на времето и затворањето на луѓето оди во прилог на уште полесно ширење. Сепак, во изминатиов период ниту кај нас, ниту во светот не се забележува драматично зголемување на бројот на хоспитализации заради КОВИД, ниту некој значителен пртисок на болниците. Во секој случај, постарите луѓе и ризичните пациенти со коморбидитети, треба да водат грижа за намалување на ризикот за инфекција и да имаат во предвид засилување на имунитетот со есенска вакцинална доза“, вели доктор Петличковски.

За август од ИЈЗ велат дека не располагаат со податок за бројот на вакцинирани пациенти. Извештајот за јули, пак, покажува дека тогаш вакцина примиле осум граѓани и тоа петмина прва, двајца втора и еден трета доза. Во јуни аплицирани се 16 вакцини – осум како прва и осум како втора доза.

Од почетокот на процесот на имунизација во земјава комплетно со две дози, според евиденцијата на ИЈЗ, се вакцинирани 857 221 лица што се 58,4 отсто од граѓаните над 18 години или 46,7 од вкупното население. Со трета доза вакцинирана е 8,9 отсто од вкупната популација во земјава, а со четврта 0,47 отсто.

Кога станува збор за бројот на заразени, пак, податоците од ИЈЗ покажуваат дека од појавата на првиот случај на коронавирус во земјава на 26 февруари 2020 година, заклучно со август во земјава се пријавени вкупно 348 491 случај. Бројот на починати изнесува 9 942, меѓу кои е и еден смртен случај регистриран во август.

Во светот не постои ниту една варијанта што е доминантна

Од почетокот на пандемијата, коронавирусот мутираше и се појавија низа нови соеви. Во моментов, како што рече шефот на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус, на глобално ниво не постои ниту еден сој што е доминантен. Варијанта на интерес е ЕГ. 5 (наречена Ерис) која е во пораст. Минатата недела таа беше евидентирана и во Србија.

За подобра борба против вирусот, во пресрет на есента Европската комисија одобри употреба и на нова адаптирана вакцина од производителот „Бионтек-Фајзер“ наречена „Комирнати Икс-Бе-Бе. 1.5“.

„Оваа вакцина означува уште една важна пресвртница во борбата против болеста. Тоа е трета адаптирана варијанта на оваа вакцина, со цел да одговори на новите варијанти на Ковид-19“, соопштија од ЕК на почетокот на септември.

Токму европскиот континент при последното обраќање Тедрос го посочи како регион каде се забележува зголемен прием на пациенти на интензивна нега.

„Продолжуваме да гледаме загрижувачки трендови за ковид-19 пред зимската сезона на северната хемисфера. Смртните случаи се зголемуваат во некои делови на Блискиот Исток и Азија, се зголемуваат приемните на интензивна нега во Европа, а хоспитализациите растат во неколку региони“, рече Тедрос нагласувајќи дека овие податоци се ограничени бидејќи само 43 земји (помалку од една четвртина од членките) пријавуваат смртни случаи во СЗО, а само 20 даваат информации за хоспитализации.

Како една од најголемите грижи на организацијата тој го посочи ниското ниво на лица од ризичните групи кои неодамна примиле вакцина против ковид-19. Нашата порака е да не чекате да добиете засилувачка доза доколку е препорачана, рече шефот на СЗО.

„Зголемувањето на хоспитализациите и смртните случаи покажуваат дека ковид е тука за да остане и дека во иднина ќе ни требаат алатки да се бориме со него“, рече Тедрос.

Според податоците на СЗО, ажурирани на 13 септември 2023 година, од почетокот на пандемијата во светот се регистрирани 770 563 467 случаи на заразени, вклучувајќи ги тука и 6 957 216 смртни случаи.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG