Достапни линкови

Путин го отпушти Шојгу и наименува малку познат политичар на чело на одбраната


Рускиот претседател Владимир Путин (десно) се состана со неговиот министер за одбрана Сергеј Шојгу во Москва претходно оваа година
Рускиот претседател Владимир Путин (десно) се состана со неговиот министер за одбрана Сергеј Шојгу во Москва претходно оваа година

Рускиот претседател Владимир Путин, чија војска дома е критикувана дека има мал напредок и и големи загуби за време на нејзината целосна инвазија на Украина, објави дека го заменува долгогодишниот сојузник Сергеј Шојгу на функцијата министер за одбрана.

Кремљ соопшти дека Шојгу (66) ќе биде заменет со поранешниот прв вицепремиер Андреј Белоусов (65), кој пак е малку познат политичар, специјализиран за економски прашања.

Шојгу пак, кој беше министер за одбрана од 2012 година и ја водеше руската војска преку нејзината целосна инвазија на Украина која започна во 2022 година, е именуван за шеф на Советот за безбедност на Русија, кој го советува претседателот за прашањата за националната безбедност.

Кремљ соопшти дека како дел од должностите на Шојгу во Советот за безбедност, поранешниот шеф на одбраната ќе советува за прашања кои вклучуваат воено-индустриски теми.

Шојгу ќе го замени Николај Патрушев на чело на Советот за безбедност. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека следната позиција на Патрушев ќе биде објавена во наредните денови.

Горниот дом на рускиот парламент, Советот на Федерацијата - кој исто така ги објави промените - соопшти дека Путин предложил повторно именување на Сергеј Лавров за министер за надворешни работи на Русија.

Британскиот министер за одбрана Грант Шапс изјави дека следниот шеф на одбраната на Русија ќе биде уште една „марионета“ на Путин.

„Сергеј Шојгу надгледуваше над 355.000 жртви меѓу неговите војници и масовно цивилно страдање со нелегалната кампања во Украина“, напиша Шапс на X.

„На Русија и треба министер за одбрана кој ќе го поништи тоа катастрофално наследство и ќе стави крај на инвазијата - но сè што ќе добијат е уште една од марионетите на Путин“, додаде британскиот министер за одбрана.

Рускиот аналитичар и професор по економија на Универзитетот во Чикаго, Константин Сонин, на Х напиша дека промените го илустрирале размислувањето на Кремљ:

„Работите не одат според планот на Путин, но тој бескрајно ќе ја ротира истата мала група лојалисти“.

„Путин отсекогаш се плашел да донесе нови луѓе на авторитетни позиции - дури и во најдобрите времиња, тие мора да биле никој без свои перспективи“, додаде Сонин.

Џими Раштон, надворешнополитички аналитичар од Киев, напиша дека „замената на Шојгу со (релативно искусен и очигледно компетентен) економист прилично јасно сигнализира дека Путин верува дека победата во Украина ќе дојде преку „надминување и надживување“ на Украина и нејзините западни сојузници.

„Тој се подготвува за уште многу години војна“, вели Раштон.

Роб Ли, висок соработник во Институтот за истражување на надворешната политика, рече дека тој потег не го смета за нужно деградирање на Шојгу, посочувајќи дека му се доделени дополнителни овластувања на неговата нова работа.

„Се чини дека ова не е дизајнирано како деградирање на Шојгу, кој не само што доби важна функција како секретар на Советот за безбедност, туку и ќе го задржи надзорот над прашањата за домашната и надворешната одбрана, земајќи го тоа од новиот министер за одбрана“, напиша Ли.

Активностите мора да бидат одобрени од Советот на Федерацијата, но двата дома на руските парламенти се сметаат за тела со гумени печати за желбите на Путин. Советот рече дека „сенаторите ќе одржат консултации за кандидатите предложени од претседателот на состаноците на комисиите на 13 мај и на состанокот на Советот на Федерацијата на 14 мај“.

Потезите доаѓаат откако руската влада официјално поднесе оставка по инаугурацијата на Путин на 7 мај по петти пат, на церемонијата на започнување на новиот шестгодишен мандат што беше бојкотиран од повеќето западни земји поради неговата војна во Украина и изборната победа што тие ја отфрлија како се оркестрирани за да му обезбедат убедлив резултат.

Руските пратеници на 10 мај го одобрија Михаил Мишустин за премиер на 10 мај, неколку часа откако Путин го номинираше за таа функција.

Иднината на Шојгу како министер за одбрана беше внимателно следена во текот на изминатата година по борбите на војската во Украина и други прашања.

Иако не е директно вмешано, Министерството за одбрана на Шојгу беше под лупа откако беше објавено дека руските службеници за спроведување на законот го привеле заменик-министерот за одбрана Тимур Иванов под сомнение дека примил поткуп.

Следниот ден, окружниот суд Басмани во Москва го испрати во притвор до 23 јуни, откако го обвини за примање поткуп во особено големи размери.

Шојгу важи за близок до Путин, со кого во минатото патувал на лов. Тој е еден од основачите на партијата Единствена Русија, која беше главната про-Путин сила во парламентот во првите два мандата од неговото претседателствување.

Песков рече дека Кремљ сака да назначи економски експерт на чело на Министерството за одбрана во услови на зголемени трошоци поврзани со руските безбедносни мерки.

„Ова бара посебно внимание. Министерството за одбрана треба апсолутно да биде отворено за иновации, за воведување на сите напредни идеи. Во оваа фаза, претседателот одлучи цивилно лице да раководи со Министерството за одбрана“, додаде Песков.

Анатолиј Сердјуков, кој му претходеше на Шојгу како министер за одбрана од 2007-2012 година, исто така имаше искуство во економијата и служеше како шеф на Федералната даночна служба од 2004-2007 година.

Кој е новиот министер за одбрана Белоусов?

Андреј Ремович Белоусов, 65 години, е роден во Москва во семејство на советски економист. Дипломирал на Економскиот факултет на Московскиот државен универзитет во 1981 година.

Во 2000 година Белоусов беше назначен за хонорарен советник на рускиот премиер, а шест години подоцна стана заменик министер за економија. Од 2008 до 2012 година - во периодот кога Путин беше премиер - тој беше директор на одделот за економија и финансии во владиниот апарат. Во 2012 година беше министер за економија.

Од 2013 до 2020 година Белоусов беше советник на рускиот претседател, а од 2020 година ја извршува функцијата прв вицепремиер. Во истата година, тој накратко го замени премиерот Михаил Мишустин, кога се разболе од Ковид-19.

Во 2017 година, РБК напиша дека Белоусов е еден од луѓето кои го убедиле Путин дека дигиталната економија и блокчејн технологијата се клучни за иднината.

XS
SM
MD
LG