Достапни линкови

Путин изрази сочувство до семејството на Пригожин


Претседателот на Русија, Владимир Путин
Претседателот на Русија, Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин во своето прво обраќање по падот на авионот во кој се претпоставува дека се превезувал основачот на Вагнер, Евгениј Пригожин, изрази сочувство до семејството на водачот на оваа група платеници.

„Тој (Пригожин) беше талентиран човек“, рече Путин, нарекувајќи ја „трагедија“ несреќата што се случи еден ден претходно северно од Москва.

„Моето искрено сочувство до семејствата на сите загинати. Се чини дека во авионот имаше офицери од компанијата Вагнер“, посочи Путин.

Инспекторите во четвртокот продолжија да ги пребаруваат остатоците од приватниот авион кој припаѓа на групата Вагнер, откако се урна на пат од Москва за Санкт Петербург. Нема преживеани на списокот на патници за кој се вели дека го вклучува Пригожин, кој точно два месеци претходно предводеше краткотраен бунт против руската армија.

Онлајн тракерот Флајтрадар24 (Flightradar24) го покажа бразилскиот авион Embraer 600, регистриран во групата Вагнер, како паднал на радарскиот екран на околу 300 километри северно од Москва рано во средата навечер, што се совпадна со исчезнатата локација на авионот.

Федералната агенција за воздушен транспорт на Русија (Росавијација) соопшти дека „според списокот на патници, името и презимето на Евгениј Пригожин биле на списокот за летот.

Официјални лица за вонредни состојби, цитирани од државната руска новинска агенција РИА Новости, рекоа дека досега меѓу остатоците од авионот се пронајдени тела на осум лица. Но, дека нема информации дали некое од телата е идентификувано и нема потврда дека Пригожин бил на тој лет.

Командантот и ко-основачот на групата Вагнер, Дмитриј Уткин, исто така беше наведен меѓу седумте патници во авионот, соопштија воздухопловните власти, цитирајќи ја авиокомпанијата.

Во авионот имало двајца пилоти и една стјуардеса, соопштија надлежните органи и додаваат дека е отворена истрага за инцидентот.

Каналот на Телеграм кој е поврзан со Вагнер, „Греј зона“, го поздрави Пригожин како херој и патриот за кој рече дека починал од рацете на неидентификувани луѓе што ги нарече „предавници на Русија“.

„Греј зона“ наведе и дека уште еден приватен авион во сопственост на Пригожин сигурно слетал во московскиот регион. Информацијата не можеше веднаш да биде независно проверена.

„Комисијата на Федералната агенција за воздушен сообраќај започнува со првичните дејствија на местото на настанот, и собирање на фактички материјали за обуката на екипажот, техничката состојба на авионот, метеоролошката состојба на рутата на летот, работата на диспечерските служби и копнената радио опрема“, се вели во соопштението на воздухопловните власти.

Пригожин, поранешен близок сојузник на Владимир Путин, го предводеше краткотрајниот бунт на 24 јуни оваа година во кој борците на Вагнер го зазедоа јужниот град Ростов на Дон и маршираа на 200 километри од Москва.

Во бунтот беше соборен руски воен авион, а загинаа вкупно 13 припадници на руските воздухопловни сили. Тоа беше најсериозниот предизвик за Путин во неговите повеќе од две децении на власт.

Пригожин во тоа време не беше уапсен или приведен, но Путин го осуди бунтот како забивање на „нож во грб“ и вети дека ќе ги казни сите предавници.

„Сите оние кои свесно го избраа патот на предавството, кои подготвија вооружен бунт, кои го избраа патот на уцена и тероризам, ќе ја доживеат неизбежната казна“, рече тогаш Путин.

Во обид да ги отфрли теориите на заговор дека е вмешан Киев, претседателот Володимир Зеленски рече дека Украина „нема никаква врска со падот“.

„Сите знаат кој има врска со тоа“, додаде тој во прекриена сугестија дека Путин лично го наредил соборувањето на авионот.

Ако се открие дека Пригожин умрел за време на летот, тоа ќе биде голем удар за групата Вагнер, која беше клучна во битката на Русија за заземање на украинскиот град Бахмут на почетокот на оваа година.

XS
SM
MD
LG