Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го објави досега најдеталниот предлог за повоена Газа, ветувајќи дека ќе одржи неограничена воена контрола над енклавата, додека управувањето со цивилниот живот ќе им го препушти на жителите на Газа кои немаат врски со Хамас, организацијата која ЕУ и САД ја прогласија за терористичка.
Планот, доколку се спроведе, ќе го оневозможи формирањето на палестинска држава која ќе ги вклучи Газа и Западниот Брег под израелска окупација, што е спротивно на бројните повици од земјите, вклучително и Соединетите Држави, кои се залагаат за палестинскиот суверенитет по завршувањето на војната, пишуваат светските медиуми.
Нацрт планот за Газа доаѓа по речиси пет месеци војна на територијата, кога бројот на загинати се приближува до 30 000, а масовното уништување доведе до страшна хуманитарна ситуација.
Воена контрола и укинување на Агенцијата УНРВА (UNRWA)
Како што пишува Дојче веле (ДВ), во лабаво формулираниот план, се наведува дека Газа треба да биде управувана од „локални функционери“ кои имаат административно искуство и кои „нема да бидат идентификувани со земји или ентитети кои го поддржуваат тероризмот и нема да добиваат пари од нив“.
Палестинските власти, кои моментално управуваат со окупираниот Западен Брег, не се споменати во израелските медиуми кои го детализираа планот на Нетанјаху, но исто така не се експлицитно исклучени.
Според извештаите, израелската армија ќе ја преземе безбедносната контрола над целиот Појас Газа. Според ДВ, тоа би значело демонтирање на сите воени структури на Хамас и давање неограничена слобода за израелските воени операции.
Планот вклучува и формирање на тампон зона меѓу Газа и Израел, која би била контролирана од израелската армија, во која цивилите нема да смеат да се вратат. Израел, исто така, сака да спроведе „јужно затворање“ на границата меѓу Египет и Газа за да го спречи криумчарењето во оваа област.
Друга цел по војната е затворање на Агенцијата на Обединетите Нации за помош и работа со палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА), која Нетанјаху ја обвини дека е инфилтрирана од Хамас.
Тој тврдеше дека во нападите на 7 октомври биле вклучени неколку вработени во хуманитарната организација. ОН ги отфрли тврдењата и започна внатрешни истраги. Во меѓувреме, голем број земји, вклучително и Соединетите Држави и Германија, ги суспендираа плаќањата на УНРВА.
Нетанјаху, истакнува ДВ, продолжува да го отфрла решението за две држави, и покрај повиците од многу земји, вклучително и САД. Вашингтон, исто така, ја поддржа реорганизираната палестинска управа под претседателот Махмуд Абас, која ќе има задача да ја врати контролата врз Газа.
Портпаролот на палестинските власти го отфрли планот на Нетанјаху, велејќи дека „ако светот сака безбедност и стабилност во регионот, мора да стави крај на израелската окупација на палестинските територии и да признае независна палестинска држава со Ерусалим како главен град“.
Проблематични тампон зони со Египет
Предлогот на Нетанјаху за повоена Газа, кој повикува на неограничена израелска воена контрола и тампон зони на територијата, може да ги вознемири, соседите и сојузниците на Израел, оценува Њујорк Тајмс.
Додека Палестинците веднаш го осудија планот, тој доби пригушен одговор во Израел, пишува весникот, додавајќи дека многу од главните предлози во голема мера се во согласност со мислењето на мнозинството во Израел, вклучувајќи го и отежнувањето на создавањето палестинска држава на краток рок, што е став за кој анкетите покажуваат дека има широка домашна поддршка.
Аналитичарите опишаа делови од планот како внимателно напишани за да се одложат долгорочните одлуки за судбината на Газа и да се избегнат неповратни конфронтации со домашните сојузници и странските партнери.
Предлогот и сигнализираше на десничарската база на Нетанјаху дека тој му пркоси на странскиот притисок врз Израел да ја напушти Газа и да дозволи палестинска држава во Газа и во окупираниот од Израел - Западниот Брег. Сепак, нејасноста на текстот на предлогот, исто така, им сигнализираше на Соединетите Држави и другите странски сили кои се залагаат за палестински суверенитет дека сè уште има простор за маневрирање.
Според весникот, се чини дека планот на Нетанјаху, во некои точки, сигурно ќе ги налути соседите и сојузниците на Израел. Планот, меѓу другото, повикува на создавање на тампон зона под контрола на Израел долж границата на Газа со Египет, потег што ризикува да ги разгори тензиите со египетската влада.
Тој аспект од планот ќе бара од Израел да го нападне Рафа, најјужниот град во Газа, каде повеќето жители на Газа моментално се засолнети, ризикувајќи нивно масовно раселување на египетска територија, исход на кој Египет постојано предупредуваше.
Според Њујорк Тајмс, планот не се однесува експлицитно на една од најспорните теми надвор од Израел: дали на израелските доселеници ќе им биде дозволено повторно да основаат заедници на тлото на Газа, како што се залагаше израелската десница.
Висок владин претставник, кој сакаше да остане анонимен за да разговара за прашање што го става премиерот во судир со неговата база, рече дека нема планови за преселување Евреи во Газа, но одби да го каже тоа јавно, оставајќи му простор на Нетанјаху за маневрирање во иднина.
Иако нацртот поттикна дебата за иднината на Газа, весникот нагласува дека хуманитарните организации и Обединетите Нации се повеќе предупредуваат за недостигот на храна, вода за пиење и лекови во Газа.
„Купување време“
Предлогот на Нетанјаху во голема мера ги одразува коментарите што тој ги даде во јавноста претходно, повторувајќи го неговиот тврд став, но тој сепак ја изненади јавноста објавувајќи го писмено како конкретен повоен план, со што го прекина официјалниот молк на оваа тема, посочува Вашингтон пост.
Некои аналитичари сметаат дека главната цел на планот на Нетанјаху е да „купи време“.
„Тој купи колку што можеше повеќе време додека се соочуваше со притисок од Џо Бајден“, рече Гидеон Рахат, висок соработник во Институтот за демократија на Израел.
Предлогот ќе биде поздравен од конзервативната база на Нетанјаху, но нема да направи малку за унапредување на стратешките размислувања за повоена Газа, рече Чак Фрајлих, поранешен заменик-шеф на израелскиот Совет за национална безбедност и виш соработник на Институтот за национални безбедносни студии во Тел Авив.
„Ова е само презентација на максималистичките позиции на Израел. Се зголемуваше притисокот врз него да смисли нешто, па го презентираше овој документ“, рече Фрајлих.
Сепак, аналитичарите велат дека предлогот е значаен по тоа што го нарушува официјалниот молк на оваа тема. И не повикува на повторно воспоставување на израелски населби во Газа, како што бараа некои од коалиционите партнери на Нетанјаху.
„Со тоа што не ја отфрла експлицитно, па дури и не ја споменува палестинската управа, која владее со Западниот Брег, документот барем избегнува ново јавно разкинување со Вашингтон“, нагласува весникот.
Од друга страна, политичкиот аналитичар Мустафа Ибрахим од Рафа, во јужна Газа, вели дека игнорирањето на палестинската управа од документот е навреда за Палестинците.
„Она што го претставува планот на Нетанјаху е визија фокусирана исклучиво на Израел и неговите интереси, без да се води сметка за човештвото или правата на Палестинците“, изјави Ибрахим за Вашингтон пост.
Тензии меѓу Израел и Белата куќа
Планот го нагласува големиот јаз меѓу владата на Нетанјаху и администрацијата на Бајден, која ги поддржа воените цели на Израел во Газа, но го предупреди Израел да не ги менува своите територијални граници, пишува Вол Стрит Џрнал.
Има знаци на зголемени тензии меѓу Израел и Белата куќа, посочува весникот, посочувајќи на изјавата минатата недела на државниот секретар Ентони Блинкен, кој рече дека најавата на Израел дека има намера да изгради нови станбени објекти на окупираниот Западен Брег „не е во согласност со меѓународното право“.
Тоа беше враќање на формулацијата стара четири децении за САД, истакнува весникот, додавајќи дека администрацијата на Доналд Трамп во 2020 година изјавила дека повеќе не ја смета изградбата на израелски населби на Западниот Брег за кршење на меѓународното право.
Администрацијата на Бајден се залагаше за свој повоен план за Газа, изграден околу давање на палестинската управа владејачка улога откако таа се согласи да донесе ново раководство, да ги преквалификува безбедносните сили и да се справи со корупцијата, пишува весникот, истакнувајќи дека Нетанјаху, од друга страна, јавно го отфрлил предавањето на Газа на Палестинците, иако ја оставил отворена можноста за прифаќање на нејзината обновена верзија.
Според администрацијата на Бајден, враќањето на палестинската управа во Газа ќе ги постави темелите за посеопфатни долгорочни промени во регионот, нагласува Бол Стрит Џрнал, додавајќи дека клучните карактеристики на предлозите на Вашингтон вклучуваат оживеан процес на создавање палестинска држава, безбедносни гаранции за Израел и нормализација на саудиско-израелските односи.
Американските власти, забележува весникот, се надеваат дека наградата за саудиското признавање на Израел ќе помогне да се приближи Нетанјаху до нивниот сопствен повоен план.
Сепак, Саудиска Арабија рече дека договорот за обновен дипломатски пат кон палестинска држава е клучен предуслов пред да се согласи сериозно да ги разгледа повоените планови, вклучително и можна дипломатска нормализација со Израел.