Достапни линкови

Преживување со „застрашувачката“ храна во руските затвори


Храна што се служи во руските затвори (илустрација)
Храна што се служи во руските затвори (илустрација)

Марија мислеше дека знае многу за животот кога, на 35-годишна возраст, беше затворена во Москва. Но, таа сè уште не знаеше за руската затворска храна.

„Не знаев дека луѓето може да се хранат со такви работи“, рече Марија, која беше затворена 17 месеци во 2021-2022 година поради, како што рече групата за човекови права Меморијал, политички мотивирани обвиненија.

Но, секој ден, стотици илјади затвореници во руските затвори и центрите за притвор се хранат со такви работи: неварена каша, непечен леб, сирово месо и многу друго, изјавија поранешни затвореници за Current Time, ТВ и дигитална мрежа на руски јазик, управувана од РСЕ.

Во исто време, рекоа тие, стандард е недостигот на зеленчук и ограничените можности за подготовка или набавка на здрава храна.

Вработен разнесува храна во затворот Бутирка во Москва
Вработен разнесува храна во затворот Бутирка во Москва

Марија, чие име е сменето поради заштита на нејзиниот идентитет, се обиде да ја направи затворската каша, како експеримент откако беше ослободена. Таа не можеше да ја направи таква каква што им била сервирана.

Во огромниот руски систем на затвори, тоа не е само прашање на вкус. Прашањето е дали храната е дури и за јадење и дали може да ги одржува затворениците здрави, во согласност со Стандардните минимални правила на Обединетите Нации за третман на затвореници. Известувањето на Current Time покажува дека често не е така.

„Нема да стигнете далеку од лебните трошки“

Менито во затворот во градот Норилск на арктичкиот поранешен Гулаг изгледаше „многу вкусно“, се сеќава поранешниот затвореник Иван Асташин: Со правилата кои забрануваа да ги хранат затворениците со исто јадење повеќе од два или три пати неделно, ветување различни оброци, како на пр. рагу, печено месо и чорба од компири. Но, она што излегуваше на чинијата беше секогаш исто: компир со обично локално месо.

Арктичкиот поранешен гулаг град- Норилск во зима
Арктичкиот поранешен гулаг град- Норилск во зима

Асташин, застапник за правата на затворениците, помина речиси 10 години во три руски затвори и пет притворски центри поради обвиненија поврзани со тероризам за кои тој и поддржувачите велат дека биле политички мотивирани. Тој беше ослободен во 2020 година и ја напушти Русија со сопругата во 2022 година.

Неговото сеќавање на затворската храна не избледе.

Појадокот секогаш беше каша од пченица, овес или јачмен со вода или млеко, а понекогаш и со толку малку жито што беше „само вода“, се сеќава Асташин.

Ручекот беше „најчесто компир“, но понекогаш со зелка или крупен јачмен и мистериозно месо или нешто што личи на „месо“. Компот или некој вид кисело желе од бобинки направено со жито беше прилог.

Вечерата повторно беше или компир, зелка или јачмен, заедно со „парче риба или котлет од риба“.

Руската Федерална казнена служба (ФСИН) предвидува затворениците да добиваат 100 грама месо, истакна Асташин, но црниот, замрзнат елен во установата Норилск изгледаше „застрашувачки“, често смрдеше и „беше невозможно да се јаде“, рече тој. Соработниците и персоналот рекоа дека бил чуван во замрзнувачи „со децении“ пред да биде испратен во затворот.

Асташин рече дека неговиот вкупен дневен број на калории - официјално, поставен на 2600 до 3000 калории - во затвор е „повеќе или помалку доволно затоа што тие им даваат на (затворениците) прилично големи парчиња леб“. Но, тој тврдеше дека тие не биле секогаш правилно печени.

Затворот Матроскаја Тишина во Москва
Затворот Матроскаја Тишина во Москва

Во озлогласениот московски затвор Матроскаја Тишина, Асташин поминал неколку години, стискајќи го лебот за да направи да се собира „како пластелин“, се сеќава тој.

„Ги отсековме корите и ги исушивме за да може да се јаде и потоа да не ни отече стомакот“, се сеќава Асташин.

Сепак, поранешната московски затвореничка Марија рече: „Нема да стигнете далеку од лебните трошки, а толку многу посакувате зеленчук“.

Прописите на Федерална казнена служба исто така бараат 500 грама свеж, замрзнат или конзервиран зеленчук дневно, но Марија рече дека може да добие зеленчук, само ако некој го донесе во затвор.

„Никогаш не знаев дека навистина може да има состојба на повлекување, кога толку многу копнееш за зеленчук што дури се качуваш по ѕидовите“, коментира таа.

„Да даде Бог еднаш неделно да има една лажичка кисела зелка. Ако ја добиете, тоа е таква прослава“, вели оваа затвореничка.

Во јуни 2024 година, ФСИН за московскиот таблоид „Московски Комсомолец“ изјави дека „исхраната“ за сите затвореници „ги задоволува барањата за урамнотежена исхрана во однос на енергетската содржина и односот на протеините, мастите и јаглехидратите“.

Еден човек носи вреќи со храна кон влезот на затворот Лефортово во Москва
Еден човек носи вреќи со храна кон влезот на затворот Лефортово во Москва

„Ако жената нема некого однадвор, се разбира дека нема да преживее со оваа затворска храна“, рече таа.

„Затоа што таа не се јаде“, категорична е Марија.

Кофа со супа

Добивањето храна однадвор, сепак, не мора да резултира со добар оброк.

Поранешните затвореници рекоа дека затворите и притворските центри немаат речиси никакви садови за готвење за затворениците кои се обидуваат да си направат оброци. Ниту, пак, обично дозволуваат пристап до шпорети.

Ако затвореникот сака да направи „пристојна супа“, вели Асташин, ќе купи пластична кофа, а потоа ќе ја „свари супата во пластичната кофа“ со бојлер што се склопува.

Ножевите за подготовка на состојките не се достапни, но Асташин истакнува дека затворениците можат да најдат решение: во истражните затвори, поткупените стражари ќе ви донесат што се бара, тврди тој.

„Ако има корумпирани вработени, тие можат да донесат нож. Ако ги нема, можете сами да острите алуминиумска лажица или некој друг предмет“, вели овој затвореник.

Заробен пазар

ФСИН, сепак, сфаќа дека постои побарувачка за различна храна. Во Москва и нејзините предградија, центрите за притвор го нудат ресторанот Сидим, Једим - игра на зборови со име што грубо се преведува како „Јадеме во затвор“.

Но, цените за храната го одразуваат недостигот на подготвени алтернативи на нивните клиенти.

На тезгите на комесариите се продаваат колачиња, сушен леб, „и, ако имате среќа“ и малку колбас, но повисоките цени сигнализираат дека затворениците „плаќаат за своите гревови“, рече Марија.

Онлајн затворските продавници, како што е Зона Маг на ФСИН и е-продавницата за привремени притвореници, нудат подготвени оброци, зеленчук, овошје, конзервирано месо и разни кондиторски производи, но нивните цени, исто така, имаат тенденција да бидат повисоки од редовните намирници.

Затворениците користат лични сметки за плаќање и пристапот до овие предмети може да варира. Еден обвинет од случајот во Москва во 2010-тите рече дека е „многу тешко“ да се добие пристојна храна во неговиот затвор.

„Голем број луѓе немаа можност да добијат никакви испораки. Тие мораа да го јадат она што им беше дадено. Од таа причина, луѓето кои јадеа само затворска храна изгледаа лошо. Се работи за храна што не се вари добро“, рече човекот, кој побара анонимност.

Покојниот опозициски лидер Алексеј Навални се појавува на екранот поставен во судницата на Градскиот суд во Москва преку видео врска од затворот за време на сослушувањето на 24 мај 2022
Покојниот опозициски лидер Алексеј Навални се појавува на екранот поставен во судницата на Градскиот суд во Москва преку видео врска од затворот за време на сослушувањето на 24 мај 2022

Страдање во осаменоста

Пристапот до храна за јадење се влошува ако затвореникот биде ставен во самица, според извештаите на политичките затвореници, вклучувајќи го и починатиот опозициски лидер Алексеј Навални.

Еден поранешен затвореник во самица, кој сега работи за групата за правата на затворениците „Русија зад решетки“, тврдеше дека чуварите ставале храна во садовите што ги користеле затворениците кои биле силувани или на друг начин малтретирани. Јадењето од тие јадења го даваше истиот статус, најнизок во затворската култура, тврди активистот, кој побара анонимност.

Во самица, како што рече, јадел само леб и ослабел 42 килограми.

Кевин Лик во болница во Германија по размената на затвореници меѓу Русија и западните земји
Кевин Лик во болница во Германија по размената на затвореници меѓу Русија и западните земји

Кевин Лик, германско-руски студент осуден на четири години затворска казна, во декември 2023 година поради обвинение за предавство и назначен за политички затвореник од страна на Меморијал, успеал да помине со помош на пакетчиња инстант тестенини што ги испратила неговата мајка. Кога беше ослободен во августовскатаразмена на затвореници во која беа вклучени Русија, САД и други земји, Лик, кој е 19 и висок речиси 2 метри, тежеше 72 килограми.

Тој не се сеќава што јадел прво по ослободувањето, но рече дека едно е сигурно:

„Нормалната храна ме направи многу среќен“.

(Напишано од Елизабет Овен врз основа на известувањето од Елија Новопашенаја)

XS
SM
MD
LG