Јакимовски: Изборите беа мирни и достоинствени, забелешка за гласањето во дијаспората
Денешниот изборен ден помина мирно и достоинствено, оцени Стевчо Јакимовски, претседателски кандидат на коалицијата „Храбро за Македонија“ предводена од ГРОМ.
„Јас во оваа изборна кампања немам никаква забелешка на однесувањето на моите противкандидати, на нивниот речник, освен што имавме само една дуел емисија и освен онаа забелешка дека двајца кандидати беа исклучително финансирани за медиумско претставување во оваа изборна кампања што сметам дека во следните избори тоа треба да се корегира и да биде рамноправна поделба на средствата. Сметам и дека немањето на дуел емисии ја направи оваа кампања не толку атрактивна и од тие причини гледаме дека се уште немаме 50 отсто од излезеност на граѓаните на гласачките места“, рече Јакимовски.
ДИК: Излезноста до 18.30 часот е 48,46 отсто
Излезноста на гласачите до 18.30 часот е 48, 46 отсто, објави Александар Даштевски, претседател на Државната изборна комисија (ДИК) на прес-конференција по затворањето на гласачките места во 19 часот за првиот круг од седмите претседателски избори во Северна Македонија.
До завршувањето на гласањето до 19 часот, до Државната изборна комисија (ДИК) се пристигнати податоци за излезност 3.174 изборни места. Од вкупно запишани 1.653.023 избирачи, на овие избирачки места гласале 801.074 граѓани, што е 48, 46 отсто, рече Даштевски.
Даштевски оцени дека гласањето беше мирно и без поголеми инциденти на гласачките места.
Муцунски: Овој изборниот ден е почеток на крајот на оваа власт
Северна Македонија - Тимчо Муцунски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, прес конференција, 24.4.2024 година
Овој изборен ден е почеток на крајот на оваа власт и враќањето на Македонија на народот. Процес кој повторно Македонија ќе ја направи горда, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски на првата партиска прес-конференција по затворањето на гласачките места во 19 часот.
Муцунски рече дека граѓаните манифестирале голема излезност со што ја покажале важноста на овие избори. Тој оцени дека изборниот ден поминал фер, но имало мали прекршувања од страна на владејачките партии.
Првични резултати од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат да споделат после 19.30 часот.
Во 19 часот се затворија избирачките места на кои граѓаните на Република Северна Македонија денеска гласаа на седмите претседателски избори. По затворањето на избирачките места ќе можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.
Гласачките места беа отворени во 7 часот. Право на глас имаа 1.814.317 граѓани лица запишани во избирачки список. Тие на 3.480 избирачки места можеа да се изјаснат за еден од седумтемина кандидати Стево Пендаровски, Гордана Силјановска Давкова, Стевчо Јакимовски, Бујар Османи, Билјана Ванковска, Арбен Таравари и Максим Димитревски.