ДИК се надева на првични резултати пред полноќ
Претседателот на Државната изборна Комисија, Александар Даштевски, попладнево најави прес-конференција во 19.30 часот, по затворањето на избирачките места и изрази надеж дека пред полноќ ќе ги имаат првичните резултати во над 50 проценти.
„Ние во 19.30 часот имаме уште една прес-конференција на која ќе биде соопштена вкупната излезеност на првиот круг на Претседателските избори. Со оглед дека податоците ги добиваме од Општински изборни комисии со помош на ИТ лица се надеваме дека пред полноќ ќе ги имаме резултатите во над 50 проценти и ќе може да ги објавиме“, рече Даштевски попладневната редовна прес-конференција.
До ДИК до 17 часот се пристигнати податоци за излезност на гласачите од 1.788 избирачки места, со вкупно 899.977 запишани гласачи на овие избирачки места. Од нив, гласале 397.612 избирачи, односно 44, 18 отсто од вкупно запишаните.
До 17 часот излезноста на гласачите е 44,18 отсто
Излезноста на гласачите до 17 часот е 44,18 отсто, објави Александар Даштевски, претседател на Државната изборна комисија (ДИК) на прес-конференција попладнево, додека трае гласањето на седмите претседателски избори во Северна Македонија.
До ДИК до 17 часот се пристигнати податоци за излезност на гласачите од 1.788 избирачки места, со вкупно 899.977 запишани гласачи на овие избирачки места. Од нив, гласале 397.612 избирачи, односно 44, 18 отсто од вкупно запишаните, рече Даштевски.
Според податоците за излезност до 17 часот, најголем одзив на гласачи има во Новаци, од 67,19 отсто. Најмал е одзивот во Пласница, од 15, 5 отсто.
„Во споредба со првиот круг од претседателските избори во 2019 година, до 17 часот на овие избори има поголема излезност околу 9 отсто. Гласањето досега се одвива мирно на сите избирачки места“, рече Даштевски.
Фотографирање избирачки ливчиња
Покрај нерегуларностите, кои беа соопштени на прес конференцијата на помошникот министер за односи со јавност Тони Ангеловски, од страна на МВР регистрирани се и следните настани:
-Во село Коџалија, општина Радовиш на избирачко место, С.А. од с.Коџалија го фотографирал гласачкото ливче.
-Околу 12.15 часот е пријавено дека на избирачко место во Скопје А.С. (40) од Скопје го фотографирал гласачкото ливче.
-Околу 12.15 часот е пријавено дека А.И.(48) од Охрид на избирачко место во Охрид го фотографирал гласачкото ливче. А.И. е приведен во полициска станица и по документирање на на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Во 12.35 часот е пријавено дека на избирачко место во Берово, Д.Т.(42) го фотографирал гласачкото ливче. Д.Т. е приведен во полициска станица и по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Во 13.57 часот е пријавено дека на избирачко место во Скопје С.С. го фотографирала гласачкото ливче. За сите случаи се преземаат мерки за расчистување, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Според податоците на веб страницата на Државната изборна комисија, до 15 часот својот глас на претседателските избори го дале 35% од граѓаните со право на глас. Гласале 534 988 граѓани.
Најголем одзив е забележан во општините Новаци (57,69) отсто и Крива Паланка (51,92) проценти, а најмал во општините Маврово-Ростуше (17) отсто и Центар Жупа (13, 11)отсто.