Висок функционер на Кремљ ги намали шансите за брз напредок во мировните преговори во Украина, во период кога се одржуваат дводневните состаноци во Флорида меѓу американските и руските претставници.
Јури Ушаков, помошник за надворешна политика на рускиот претседател Владимир Путин, пред новинарите во Москва на 21 декември рече дека главниот преговарач Кирил Дмитриев едноставно ќе се врати дома и ќе поднесе извештај.
„Американците го слават Божиќ овие денови. Нема многу луѓе да работат“, рече тој.
Ушаков, исто така, ја критикуваше изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Вашингтон предложил разговори меѓу трите страни – Украина, Русија и САД.
„Досега, никој сериозно не разговарал за оваа иницијатива и не се работи на неа, колку што знам“, рече тој, додавајќи дека Дмитриев само водел разговори со американски претставници.
Без разговор меѓу Путин и Трамп
Разговорите во Флорида се најновиот чекор во напорите на Трамп да стави крај на тоталната војна на Русија против Украина, која одзеде десетици илјади животи и која се приближува кон својата четврта годишнина.
Трамп во ноември почна да врши притисок врз Киев да прифати предлог од 28 точки за кој критичарите оценија дека е многу наклонет во корист на Русија.
Украина и нејзините европски поддржувачи се потрудија да направат измени за да ги заштитат територијалните интереси на Украина, да има безбедносните гаранции за Киев и други прашања, а информациите сугерираат дека планот сега се состои од 20 точки и опфаќа повеќе од интересите на Киев.
„Сигурен сум дека предлозите што Европејците и Украинците ги дадоа или се обидуваат да ги дадат дефинитивно не го подобруваат документот и не ја подобруваат можноста за постигнување долгорочен мир“, рече Ушаков.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 21 декември изјави дека нема планови за телефонски повик меѓу Путин и американскиот претседател Доналд Трамп, „но може брзо да се организира доколку е потребно“.
Тој додаде дека Путин ќе се сретне со белорускиот лидер Александар Лукашенко, клучен сојузник кој се смета за можен позадински канал со Вашингтон, за време на дипломатските средби во Санкт Петербург на 21 и 22 декември.
Рускиот претседател, исто така, ќе одржи средби со лидерите на Ерменија, Азербејџан, Киргистан, Туркменистан и Узбекистан, додаде Песков.
Продолжуваат борбите во Покровск
Како што продолжуваат дипломатските активности, така продолжуваа и руските воени напади врз Украина. Украинските воздухопловни сили пријавија дека биле лансирани 97 руски беспилотни летала низ целата земја, од кои 19 успеаја да ја пробијат воздушната одбрана.
Нема извештаи за жртви. Претходниот ден, седум лица беа пријавени за загинати при руски ракетен напад во регионот Одеса.
Украинскиот Генералштаб пријави тековни битки на фронтот на 21 декември. Во соопштение наведува дека имало 235 борбени судири на фронтот во текот на изминатите 24 часа, многу од нив околу Покровск во источниот регион Донбас.
За време на својата годишна прес-конференција на 19 декември, Путин ги истакна руските напредувања во Покровск, град во регионот Донецк кој речиси една година е приоритет во напорите на Москва на бојното поле и којшто е во опасност да падне во раце на Русија.
Украина тврди дека нејзините сили сè уште го контролираат центарот на градот и северните области.
Досега, не беше можно да се потврдат информациите на бојното поле.
На 20 декември, по првиот ден од разговорите во Флорида, Кирил Дмитриев, виш преговарач на Кремљ, изјави дека Русија и САД разговараат „конструктивно“.
Сите страни вклучени во мировниот процес посредуван од САД редовно наведуваат „напредок“ или даваат други слични констатации без да дадат детали.
Белата куќа првично не даде коментар за разговорите.
Се верува дека Вашингтон во разговорите е претставуван од страна на американскиот претставник Стив Виткоф и зетот на претседателот Доналд Трамп, Џаред Кушнер. Државниот секретар Марко Рубио претходно изјави дека можеби тој ќе присуствува на разговорите за време на викендов, но не беа откриени детали.
Трамп го помина викендот во своето одморалиште Мар-а-Лаго во Палм Бич, Флорида, околу 110 километри северно од Мајами, но не се очекуваше тој да присуствува на разговорите.