И покрај натчовечките напори и меѓународната помош преку механизмот на Европската Унија (ЕУ) во справување со пожарите во Северна Македонија, дождот беше најуспешниот „пожарникар“ кој ги изгасна поголемите огнени жаришта и ја стави ситуацијата под контрола.
Додека пламените јазици се ширеа долж планинските тешко пристапни терени, со нив секојдневно мака мачеа пожарникарите, дел од вработените во Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Центарот за управување со кризи, припадници на ЕБР и Армијата, а во гаснењето беа вклучени и доброволци.
За справување со огнената стихија, од државната каса се одвоени над 800 илјади евра. Од овие пари, околу 660 илјади евра и следуваат на Дирекцијата, додека останатите 170 илјади евра се наменети за сместување, храна и транспорт на вработените при престој во близина на опожарените места, како и за сместување на странските пожарникари и пилоти кои доаѓаат на помош.
Дирекцијата треба да ги исплати надоместоците за ангажирање на луѓе во гаснењето на пожарите. Но, не добиваат сите исто.
Противпожарни бригади и доброволци
За гаснењето на пожарите во голем број планини и села, беа ангажирани противпожарни бригади од општините во кои припаѓаат или од соседните општини. РСЕ контактираше неколку противпожарни бригади кои ни кажаа дека пожарникарите својата работа си ја завршиле само за плата, повеќе пари и бонус за нив нема.
„Според нашите сознанија, пожарникарите кои „изгинаа“ на терен во изминатиот период ќе си ја добијат платата без никакви други бонуси, додатоци или надоместоци“, изјави за РСЕ Боби Велјановски од Независниот синдикат на пожарникари на Македонија (НСПМ).
Покрај бригадите, на терен во битка со огнените јазици беа вклучени и доброволни противпожарни друштва во рамки на општините.
Околу 90 доброволни противпожарни друштва се дел од Противпожарниот сојуз на Македонија, од кои со активен статус се 25.
Од нив, само три друштва имаат склучени договори со Дирекцијата за брз одговор на терен, вели претседателот на Противпожарниот сојуз, Зоран Кочоски. Тоа се едно друштво од скопски Чаир, од Свети Николе и Валандово. Нивниот ангажман се плаќа на дневна основа, но никој не кажува колку. Проблемот е во тоа што, Дирекцијата не прифати сите друштва да имаат договори, додава претседателот на Сојузот.
„Дирекцијата нема евиденција, иако ние баравме да се регистрирани доброволните друштва, тие барања не ги прифати, бидејќи вели дека ние немаме средства да ги платиме. Мора да имате систем во кој ќе им гарантирате да ги платите и да ги осигурате. Но, колку се плаќа, ќе морате да прашате во Дирекција“, вели Кочоски за РСЕ.
На јавна сцена се отвори и дебата за ангажираноста на доброволните друштва. На Фејсбук страницата „Се молиме за Македонија“ е изразено незадоволство од 15 доброволни друштва кои немаат договор со Дирекцијата за заштита и спасување. Затоа и и не била искористена во целост нивната помош. Тие бараат сите друштва да бидат третирани еднакво.
„Не може некој да добива пари за истата работа, а друг за џабе и притоа да користи денови од годишен одмор, да користи слободни денови, притоа губи на плата поради редовност, а некои и останаа за жал и без работа“, пишува во објавата.
Доброволното противпожарно друштво од Кочани нема договор со ДЗС и излегува на терен на повик на општината или тамошната териториријална противпожарна единица. Од таму за РСЕ велат дека не знаат на кој начин Дирекцијата ја направила селекцијата на доброволните друштва.
„Ние сме формирани пред три години, сето она што досега сме го постигнале е плод на ентузијазам на нашите членови. Првичната замисла не ни беше да обезбедуваме паричен надоместок за ова, но сега се создава револт со колегите кога излегуваат на терен и кога гледаат дека тие добиваат надоместок. Но, не можеме да навлегуваме ние по кој начин Дирекцијата постапува“, ни одговорија од ДПД Кочани.
За разлика од ова друштво, светиниколското повеќе од еден месец е ангажирано од Дирекцијата и тоа на повеќе локации низ државата, меѓу кои за пожарите во Серта, Галичица и Коњаре. Како друштво имаат 20 членови.
Од таму за РСЕ велат дека секој може да биде платен врз основа на член 26 Закон за пожарникарство, ако е ангажиран на локално ниво или на територија на друга општина може да се исплати дневница. А за коментарите за нивната ангажираност од Дирекцијата ги сметаат за „неоснована критика од зли јазици“.
„Што им смета на нив, државата си донела таков акт и ние што можеме да направиме? Ние имаме човек во друштвото кој има огромна земјоделска компанија и сега на некој за тие пари ли му е, тој денеска губи илјадници евра. Овие земаат, другите не. Оние што изгубиле бизнис не е битно? Тоа ли е момент за критика? Поривот за ваквите коментари е дека тие не се влезени во системот. Ние сакаме со новиот закон сите друштва да влезат под закрила на Дирекцијата. Тие ги бираат според минат труд, луѓе обучени, каква опрема имаат, имаме традиција од 89 години “, ни одговорија од Доброволното противпожарно друштво од Свети Николе.
Од нив не добивме одговор на прашањето колку изнесува една дневница на нивен член за гаснење пожари во договорот за ангажман од Дирекцијата. Одговори не добивме ниту од екс директорот Беким Максути, кој е недостапен на мобилниот телефон, ниту од новиот директор Џеват Селами.
Надоместоци за вработените и Главниот штаб
На 31 јули 2024 година, Дирекцијата за заштита и спасување на Фејсбук страницата информираше дека го активира и мобилизира Главниот штаб на институцијата по наредба на веќе поранешниот директор Беким Максути, кој од пред пет дена ја напушти директорската функција во ДЗС. Покрај Главниот штаб, Дирекцијата информира дека биле мобилизирани два тима за брз одговор, едниот со 15 лица во Дојран и другиот со 12 лица во Пехчево за гасење на пожарите.
Според Законот за заштита и спасување, Главниот штаб за заштита и спасување го сочинуваат Максути, како екс главен командант, началникот и помошниците на началникот како и стручни лица именувани од Владата.
Законот предвидува дека ангажираните во справувањето со кризи ќе можат да добијат надоместок пресметан според посебна Уредба. Но, надоместокот за нивниот ангажман не може да биде повеќе од две илјади евра односно не може да биде поголем од три просечни месечни плати.
Во владината уредба донесена уште во јануари 2006 година се пропишани правила како се исплаќа дополнителна дневница посебно за функционерите, вработените и граѓаните кои доброволно ќе се ангажираат за справување со одредена криза.
Висината на надоместокот на командантот на Главниот штаб - директорот на ДЗС изнесува од 230 до 240 насто, на началникот на главниот штаб од 200 до 220 насто, а за помошниците на началникот од 190 - 200 насто.
Од Дирекцијата за заштита и спасување не откриваат колку точно изнесуваат надоместоците на членовите во Главниот штаб и доброволните противпожарни друштва. Единствено се повикуваат на Уредбата за висината и начинот на остварување надоместок.
Конкретни суми за исплатите не добивме ниту од Владата. Од таму одговорија дека Главниот штаб има одржано четири седници во рок од пет дена, а во однос на висината на надоместоците и тие се повикаа на Уредбата.
„Сумата од 660 илјади евра за ДЗС беа за да се покрие сервисирањето на третиот авион за гаснење на пожарите, за плаќање за млазно гориво за авионите, потоа за исплата на трошоците за припадниците на тимовите и за доброволните друштва ангажирани за време на справувањето со огнената стихија како и за покривање на надокнадата за пилотите“, велат од Владата за РСЕ.
Ревизија: Проблематични исплатите на дневници
Државните ревизори уште во извештајот од 2022 година утврдиле дека начинот на кој се исплаќаат надоместоците во ДЗС е проблематичен. Во нивниот извештај „Систем за управување со кризи и заштита од пожари“, се посочува дека не е јасно прецизирано кој колку пари треба да земе, односно дека во Уредбата стара две децении нема по која основица ќе им се пресметува надоместокот на сите ангажирани. Тие објаснуваат дека формула за пресметка постои, но нејзината примена остава простори за сомнежи.
„При ваков начин на пресметка оставена е можноста доколку некое вработено лице зема повисока плата од пресметаниот износ на надоместокот согласно Уредбата да не добие дневница за неговото ангажирање во тимот за брз одговор“, пишува во ревизијата.
Ревизорите и годинава прават ревизија на работењето на Дирекцијата за заштита и спасување. Нивниот извештај се очекува да биде објавен до крајот на септември.
Пријави во Антикорупциска за недомаќинско работење на Максути
Додека државата годинава одвојува над 800 илјади евра од буџетот за Дирекцијата за заштита и спасување да ги подмири трошоците за гаснење на пожарите, антикорупционерите се сомневаат во домаќинското трошење на екс директорот Беким Максути.
Според документот во кој РСЕ имаше увид, Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) отворила предмет по сопствена иницијатива на 3 јули 2024 година.
ДКСК бара од Максути да им одговори дали како директор на 13 февруари ден пред распишување на двојните избори, одлучил да им додели бонуси на дел од вработени за целата 2024 година, започнувајќи од февруари.
Антикорупционерите бараат одговори и дали Максути донел одлука за доделување на додаток на плата на одредени вработени за месеците јуни и јули 2024 година и дали исплатил 4 милиони денари (65.040 евра) на повеќе вработени и други ангажирани лица во Дирекцијата по основ на вежба во истиот период и дали е тоа според годшниот план и програмата на институцијата.
„Во одделението за спречување на корупцијата е оформен предмет по анонимна пријава, со наводи за несоодветна исплата на средства во Дирекцијата за заштита и спасување. Постапката по предметот е во тек“, одговорија од Антикорупциска за РСЕ.
Максути не одговори на нашите повици.
Истрага и за дневниците за поплавите во Стајковци
Дневниците и надоместоците за вработените и ангажираните од Дирекцијата за заштита и спасување се чини дека имаат подолга проблематична историја во оваа државна институција.
Таков случај имало и во времето на директорувањето на Шабан Салиу, кој беше прв човек на ДЗС во периодот од 2008 до август 2017 година, а сега е актуелен министер задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030.
РСЕ дојде до обемна документација, која Дирекцијата за заштита и спасување ја доставила до скопското Обвинителство на негово барање кое датира од 7 февруари 2017 година.
Во одговорот, Дирекцијата има доставено голем број на документи, одлуки и договори за евиденција за ангажирани лица и вработени во ДЗС за преземени мерки при поплавите во скопскиот регион во август 2016 година, во кои животот го загубија 23 лица. Според документацијата испратена до Обвинителството Скопје, побарани се и одлуки за мобилизација на вработени и исплати на дневници за поплавите.
25 дена пред ОЈО Скопје да се обрати до ДЗС, институцијата формирала и комисија за контролна група за списоците за исплатените дневници за поплавите во град Скопје. Меѓу седумината членови бил и Џеват Селами, кој од 20 август е нов времен директор на Дирекцијата за заштита и спасување, на местото на Беким Максути.
Екс директорот Шабан Салиу кој е министер во актуелната Влада вели дека не знае кој е епилогот од тој предмет.
„После тоа бевме сменети, не сум во тек воопшто со тој предмет. Остана така работата, оној дел што требаше да го направиме, го завршивме. Јас веќе не сум таму скоро 9 години. Помина доста време, се бараше нешто околу учество на силите и другите субјекти. Како институција доставивме се што беше побарано“, изјави за РСЕ Шабан Салиу.
Од скопското Јавно обвинителство за РСЕ велат дека не била поднесена кривична пријава против Салиу по спроведената истрага по анонимни пријави поврзани со јавни набавки.
Салиу ниту ги потврди, ниту ги демантираше информациите дека неговиот внук, Кашмир Салиу се спомнува како можен заменик директор во Дирекцијата за заштита и спасување, институција со која тој раководеше до 2017 година.
„Ќе видиме, немаме никакво решение засега. Сега сите се во игра, ќе видиме кога ќе одлучи партијата. Немаме дадено име засега и немаме такво решение во моментов. Може да биде законски ако ги исполнува условите, општите и посебните услови, зошто да не биде?“, одговори Салиу.
Сезоната на пожари во Северна Македонија се уште не е завршена. Центарот за управување со кризи информира дека во последното деноноќие има три активни пожари.