Посеви во вода и непристапни ниви. Ваква е сликата и по пет дена од поплавите на земјоделските површини во Раотинце, општина Јагуновце. Водата се уште не е целосно повлечена од нивите посадени со пченка и луцерка на Петар Матовски, најголем производител во овој регион.
Од над 60 хектари посадена пченка, површински само една третина се спасила од надојдената вода. Иста е состојбата и со луцерката, вели Матовски.
„15 до 20 хектари луцерка под трева, што косевме. Не може да се суши пробавме да косиме, скапа. Многу незавидна ситуација околу храна ќе биде годинава“, раскажува Матовски.
По поплавите во саботата, општина Јeгуновце одлучи да ги утврди штетите. Досегашните наоди покажуваат дека околу 150 хектари со земјоделски култури се зафатени со вода. За штетите на терен, се формираше Комисија составена од претставници од општината и Месната заедница. Во текот на вчерашниот ден на земјоделците им се доставени обрасци за пријавување на штета. Тие ќе имаат рок од 10 дена да наведат колку површина на култури им било уништено во поплавите. Потоа, образците ќе ги разгледува Комисијата, за да нема никакви злоупотреби, пред тие да бидат испратени во Влада.
„Пченка, пченица, луцерка, пипер, кромид, компир сè што е посеано е под вода. Ако водата не се повлече денеска утре ќе нема простор и за нова сеидба. Сè ќе скапе. Подоцна ќе имаме нов проблем. Откако ќе се повлече водата ќе има комарци доста, ќе мора да се прска. Тоа ќе биде и дополнителен трошок. Ќе се одрази и на крајниот производ доста многу“, објаснува претседателот на Месната заедница во Раотинце, Васко Јанчевски.
Во општина Боговиње беа поплавени ниви со жито и пченка. Но тука проблемот не е само во невремето, вели потпретседателот на Националната федерација на фармери Мемет Синани.
“Каналите за наводнување делумно ги исчистија пред три години. Дрен каналите пак што го спбираат вишокот од водата не се прочистени уште од времето на Тито. Не е вината во времето, туку виновни се институциите„, вели Синани.
Обилните врнежи кои месецов ја зафатија Северна Македонија, не ја одминаа ниту Преспа. Таму водата не ги уништи овоштарниците, вели Фросина Георгиевска, но, преголемото количество на вода лошо влијае на појавата на болести.
„Климатските промени влијаат на тој начин што појавата на болести е многу голема, буквално ние треба секој ден да одиме и да ги заштитуваме овошните насади, тоа навистина многу чини. Во споредба со минатите години, кога овој временски период ги имавме уклучено пумпите за наводнување и ги наводнувавме овошните градини, оваа година воопшто и немаме почнато со наводнување. Климатските промени најголема штета годинава направија и верувајте дека годинава нема да имаме квалитетно јаболко“, објаснува Георгиевска.
Нејзините проценки се дека и производната цена на преспанското јаболко ќе биде поголема, но и дека јаболкото нема да понуди голем квалитет.
„Заштитата ја правиме многу повеќе од минатите години, но производната цена ќе скокне. Но, на крај ќе немаме квалитетно јаболко и ќе не можеме да го продаваме по некоја прифатлива цена“, смета Георгиевска.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека досега на нивна адреса нема пристигнато пријави за обештетување. Постапката пропишува дека прво Комисиите формирани од општините мора да изготват извештај од терен кој подоцна ќе биде предаден до Влада. Засега, такви комисии се формирани само по поплавите во Делчево и Раотинце во Јегуновце.
Досега, во текот на јуни, големи количини на дожд ги погоди голем број градови во државата. Излевања се случија во Тетово, Јегуновце, Крива Паланка, Кавадарци, Куманово и други делови. За време на викендов, УХМР повторно најавува врнежливо време и пониски температури.