„Бројот на карциноми на бели дробови нѝе во подем. Статистички нема месец да немаме нов пациент во ординација. Доаѓаат луѓе пушачи со рак на бели дробови, а живеат на планински места каде нема никакво загадување на воздухот“, вели за РСЕ д-р Лилија Чолакова Дервишова - претседателка на Здружението на матични лекари.
Цигарата е неразделен дел од животот на многу македонски граѓани. На шеталишта или автобуска станица, во близина на игралишта за деца или во паркови - како да не се одбира место каде се пали цигара. Иако во многу земји на овие места пушењето е забрането, во земјава се пуши скоро насекаде, а бројот на пушачи расте.
Освен тутунот во цигари или пури, се попопуларни особено меѓу младите, стануваат електронските цигари – уредите што загреваат течност со никотин и несогорливиот тутун кој се користи со посебни електронски уреди.
Министерот за здравство Фатмир Меџити деновиве ја подгреа дебатата најавувајќи од следната година поригорозни мерки и контроли против пушењето.
„Ќе има ригорозни мерки за пушењето во идната 2024 година и потпишавме протокол со Светската здравствена организација, е сега нека си ја мислат пушачите како понатаму“, рече Меџити без да открие за какви мерки се работи.
Северна Македонија меѓу најпушачките нации
Речиси половина од возрасната популација во Северна Македонија или 45,4 проценти, се редовни пушачи на тутун, покажуваат податоците на Светската здравствена организација. Од нив, 70 проценти почнале да пушат пред да наполнат 21 година, а мажите пушат повеќе од жените.
Светската здравствена организација наведува дека Северна Македонија е меѓу земјите во европскиот регион на СЗО со највисок процент од граѓаните кои пушат тутун и наведува дека земјата и натаму несоодветно ги спроведува мерките за контрола на тутунот и покрај тоа што во 2006 година ја ратификуваше Рамковната конвенција на СЗО за контрола на тутунот (FCTC).
Иако земјава има обврска да го намали производството на тутун, истовремено го субвенционира бидејќи е значајна стопанска гранка.
Секоја година околу 8 милиони луѓе умираат како последица од употреба на тутун, наведува СЗО.
Истражувањата во земјава од последниве неколку години, меѓу кои на Институтот за јавно здравје покажуваат дека пушењето е на врвот меѓу најчестите причини за смрт од кардиоваскуларни заболувања, заедно со крвниот притисок.
Пушењето во кафеана
Пушењето во угостителските објекти е особено чувствително прашање. Во 2010 година пушењето целосно беше забрането во сите угостителски објекти, во заградените тераси и летни бавчи на угостителските објекти.
Имаше жестоки реакции, особено од угостителите се жалат дека забраната им наштетува на бизнисот со тоа што драстично им се намалува прометот.
Иако се чинеше дека со време граѓаните се навикнаа на забраната, во 2017 година пратениците го променија Законот за заштита од пушењето со кој се дозволи пушење на терасите на угостителските објекти.
Стојан од Скопје е меѓу граѓаните кои ги анкетиравме. Ни раскажа дека долги години има навика да пуши тутун и дека иако од една страна сака да има дел за пушачи во угостителските објекти за да седне на раат, од друга вели дека сака да ги намали цигарите.
„Па ако мора да излегувам, ќе испушам помалку. Сепак мислам дека треба да има делови во објектите или дури и објекти за пушачи, па кој каде сака нека седне“, вели Стојан.
Билјана од Скопје е непушач, која вели дека буквално насекаде забележува луѓе со цигара во рака.
„Лошата навика да се пуши на јавно место, па дури и пред деца и малолетници мислам дека поттикнува уште повеќе да се шири оваа лоша навика меѓу младите. Сепак она што најмногу ми смета е неконтролираното пушење во затворен простор, особено на места каде се служи храна. Имам мало бебе и кога треба да се отиде на фамилијарен ручек најголем проблем ми е каде би било чисто за да не се гуши во чад од цигари, но такви места се помалку има“, вели Билјана.
Пушат деца во основно одделение
Д-р Чолакова Дервишова вели дека Северна Македонија е меѓу најпушачките нации, според бројот на потрошени цигари кај пушачите.
„Сега забележуваме дека цигари пушат деца од основно одделение. Гледајќи ги возрасните децата се во шема дека треба да се пуши. Никој не обрнува внимание. Сметам дека Владата итно треба да го врати законот за забрането пушење барем во затворени простории, бидејќи навистина е штетно тоа што и пасивните пушачи треба седат во кафани и да го дишат чадот“, вели Чолакова Дервишова.
Чолакова Дервишова смета дека се потребни и кампањи против пушење на ниво на Влада – за тоа колку е штетно и колку и колку токсични супстанци содржи.
Меѓу препораките на Институтот за јавно здравје во кампањите за заштита на младите, се да се воведе целосна забрана на употреба на тутун во училиштата и во нивна близина, редовна едукација на учениците, повеќе услуги за помош за откажување од пушење, забрана за продажба на тутун во близина на училишта.
Во 2023 година државата собрала 416 илјади евра од казни
Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) е надлежен за контролите за пушењето во угостителските објекти и во јавните простории.
Од 1 јануари до 30 ноември, инспекторатот издал 328 казни, по направени 2.000 надзори согласно Законот за заштита од пушење, според податоците кои Радио Слободна Европа ги доби од ДПИ. Од казните институцијата наплатила околу 416.000 евра.
Пушењето е дозволено надвор од деловните објекти, а кај угостителските објекти на тераса или летна бавча. Висината на казните ако се утврди неправилност е од 2.000 до 4.500 евра за фирмите и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице на фирмата. Казни од 150 до 300 евра добиваат граѓаните ако бидат затечени со цигара во просторија каде пушењето е забрането.
Милиони евра од извоз на тутун
Но, тутунот и тутунските производи се значајна индустриска гранка во државата. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека тутунот и пијалаците се меѓу гранките во кои земјава има суфицит во трговската размена со странство.
Во периодот јануари – октомври 2023 година, извозот на тутун и пијалаци изнесувал над 195 милиони евра, а увозот бил скоро 102 милиони евра. Бројките покажуваат дека земјата била во плус над 90 милиони евра.
Но, државата со Рамковната конвенција за контрола на тутунот, има обврска да се откаже од инвестирање во производството и промоцијата на тутун и постепено да ги намали површините со оваа култура.
Според СЗО, Северна Македонија треба да ги зголеми даноците на тутунот, да забрани пушење на јавни места, да воведе обична амбалажа и здравствени предупредувања на тутунските производи, да спречи рекламирање и продажбата на тутун на малолетници и да поддржи откажувањето од тутун. Експертите и здравствените работници ги поддржуваат овие мерки и се залагаат за нивното спроведување.