Достапни линкови

Над 800 жртви во земјотресот во Мароко, ЕУ најави помош


Мароко - Жена гледа во урнатините на зградата во стариот град во Маракеш, оштетен од земјотресот на 8 септември 2023 година.
Мароко - Жена гледа во урнатините на зградата во стариот град во Маракеш, оштетен од земјотресот на 8 септември 2023 година.

Според досегашните податоци, во силениот земјотрес во Мароко загинаа повеќе од 800 луѓе. Земјотресот оштети и многу згради во историскиот град Маракеш. Билансот на мртви и повредени се очекува да се зголеми додека спасувачите ги подигнуваат урнатините, работејќи да стигнат до оддалечените области.

Редок и силен земјотрес го погоди Мароко доцна во петокот навечер на 8 септември, при што, според најновите податоци, загинаа повеќе од 820 луѓе и беа оштетени згради од селата во планините Атлас до историскиот град Маракеш.

Мароканската државна телевизија прикажа луѓе групирани на улиците на Маракеш доцна во ноќта, плашејќи се да се вратат во зградите кои можеби сѐ уште се нестабилни.

Еден човек рече дека бил во посета на блискиот стан кога почнале да паѓаат садови и ѕидни завеси. Една жена опиша дека побегнала од својата куќа откако почувствувала „интензивни вибрации“. Еден човек кој држел дете рече дека бил буден во кревет од тресењето.

Вработените во итната помош бараа преживеани во урнатините на зградите, а нивните рефлектирачки жолти елеци беа впечатливи во ноќта. Отворена дупки во домовите и автомобил речиси затрупан со делови од урната зграда, пренесуваа слики од терен локалните медиуми.

Началник на град во близина на епицентарот на земјотресот изјави за мароканскиот сајт „2М“ дека неколку домови во околните градови делумно или целосно се урнати, а на некои места се исклучени струјата и патиштата.

Властите работат на расчистување на патиштата во провинцијата Ал Хауз за да овозможат премин за амбулантни возила и помош за погодените популации.

Мароканската војска и службите за итни случаи мобилизираа напори за помош во областите погодени од штети. Локалните медиуми објавија дека патиштата што водат до планинскиот регион околу епицентарот се заглавени со возила и блокирани со урнати камења, што ги забавува спасувачките напори. Камиони натоварени со ќебиња, камп креветчиња и опрема за осветлување се упатија кон регионот, објави мароканската официјална новинска агенција МАП.

Најмалку 632 лица загинаа, претежно во Маракеш и пет провинции во близина на епицентарот на земјотресот, а други 329 лица се повредени, објави Министерството за внатрешни работи на Мароко на 9 септември наутро.

Според Геолошкиот институт на САД, земјотресот се случил нешто по 23 часот по локално време, на релативно мала длабочина од 71 километар југозападно од Маракеш.

Најсмртоносниот земјотрес по 2004 година

Земјотресот во петокот вечерта на 8 септември беше најсмртоносниот што го погоди Мароко, по земјотресот во Ал Хосеима во 2004 година. Тоа се случи во раните утрински часови на 24 февруари во близина на градот на брегот на Средоземното Море.

Имаше помала магнитуда, 6,3 степени во однос на синоќешните 6,8 степени, но, сепак загинаа повеќе од 600 луѓе, а повеќе од 900 беа повредени. До 15.000 луѓе останаа без покрив над главата.

Најсмртоносниот и најразорниот земјотрес во историјата на Мароко се случи на 29 февруари 1960 година. Тоа се случи во близина на градот Агадир на западниот брег на земјата, при што загинаа повеќе од 12.000 луѓе, а најмалку 35.000 останаа без домови.

Имаше релативно умерена магнитуда од 5,8 степени, но неговата плитка длабочина, близината до Агадир и квалитетот на градбата во градот го направија неговото влијание разорно.

Земјотресот доведе до промени во мароканските градежни правила, но, многу згради, особено руралните куќи како што се најтешко погодените на 8 септември 2023 година, не беа изградени за да издржат такви земјотреси.

Земјотресот од 8 септември го почувствуваа дури и луѓето на Канарските острови во близина на брегот на Мароко и во Алжир, неговиот источен сосед.

Инфографика - Починати во природни катастрофи во светот во 2022 година
Инфографика - Починати во природни катастрофи во светот во 2022 година

Поддршка и најавена помош од ЕУ

Лидерите на европските институции изразија сочувство најавија дека Унијата е подготвена да и помогне на оваа африканска држава за справување со последиците од потресот, во кој според последните податоци загинале најмалку 632 лица.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на платформата „Х“ напиша дека нејзините мисли се со семејствата на жртвите од земјотресот. Таа додаде дека им посакува брзо заздравување на повредените и им оддаде признание на спасувачките тимови, кои ги опиша како „првите што реагираа и вршат восхитувачка работа“.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел објави дека ЕУ е подготвена да му обезбеди на Мароко секаква помош што му е потребна.

„Моите мисли се со мароканскиот народ, погоден од страшен земјотрес кој ја потресе земјата во текот на ноќта, предизвикувајќи стотици жртви“, напиша Борел на платформата „Х“.

И претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел најави дека ЕУ е подготвена да му помогне на Мароко.

Сочувство од светските лидери

Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека е „уништен“ од веста и додаде дека неговата земја е „подготвена да помогне во обезбедувањето прва помош“.

Шпанскиот премиер Педро Санчез напиша на „X“ дека ја нуди целата негова солидарност и поддршка за народот на Мароко по страшниот земјотрес.

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, исто така, изрази сочувство до мароканскиот народ, додавајќи дека неговата земја која и самата беше погодена од силен земјотрес претходно оваа година е подготвена да понуди поддршка.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја изрази својата солидарност со Мароко, испраќајќи му на Мароко своето „најдлабоко сочувство“.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху „даде инструкции да му се обезбеди сета потребна помош на мароканскиот народ“, се вели во соопштението за печатот од неговиот кабинет.

И Африканската унија ја изрази својата „голема болка“ поради „трагичните последици“ од земјотресот.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG