Достапни линкови

Националистичка иконографија во трка по гласови


Знаме со карта на „Голема Албанија“ на концертот по повод посетата на Албин Курти на Тетово
Знаме со карта на „Голема Албанија“ на концертот по повод посетата на Албин Курти на Тетово

Можеме да живееме само во голема Европа, вели за РСЕ бизнисменот и поранешен претседателски кандидат Имер Селмани критикувајќи ја националистичката иконографија за време на посетата на косовскиот премиер Курти минатата недела. Партиите на чии настани се вејат знамиња со „Голема Албанија“, се свесни за нивниот слаб рејтинг и се надаваат на гласови на национализам, смета Александар Цветковски од невладината организација АГТИС.

Националистичката иконографија со знамиња на таканаречени големи држави никому не му носат добро, ниту на политичарите ниту на граѓаните вели бизнисменот и поранешен претседателски кандидат Имер Селмани коментирајќи го настанот од минатата недела во Тетово кога при посетата на косовскиот премиер Албин Курти се веееше знаме со карта на таканаречената „ Голема Албанија“.

„Мислам дека тоа беше изолиран случај и иконографија кој, еве за мене како етнички Албанец, не преставува некоја порака кон мене, затоа што секој свесен и совесен граѓанин, не само на Република Македонија, туку и на Косово и на Албанија, знае дека ние сме земја членка на НАТО. Албанија е земја членка на НАТО. НАТО е во Косово, така што границите се недопирливи“, вели Селмани во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела.

Селмани, кој беше претседателски кандидат во 2009 година кога освои околку 150.000 гласови, од кои околу 40 илјади од етнички Македонци, рече дека идеите за големи држави не се можни, туку дека свесните и совесните граѓани знаат дека може да има „само една голема Европа“.

Коментарите на Селмани доаѓаат откако за време посетата на косовскиот премиер Албин Курти минатиот петок, не беше интонирана државната химна и не беше поставено ниту државното знаме. Настанот предизвика бројни реакции во јавноста. Реагираа претседателот на државата Стево Пендаровски, ВМРО-ДПМНЕ и другите опозициски партии, владејачките партии но и Владата и премиерот Димитар Ковачевски.

По реакциите, Министерството за внатрешни работи (МВР) поднесе прекршочни пријави против општините Тетово и Чаир и нивните градоначалници Биљал Касами и Висар Ганиу.

Но, Александар Цветковски - претседател на невладината организација Асоцијација за граѓанска толеранција и соработка (АГТИС), оценува дека албанските партии на чии настани се вееја знамињата не веруваат вистински во тој проект за таканаречена Голема Албанија и смета дека тие тоа го прават надевајќи дека ќе освојат гласови со национализам. Од овие партии не се задоволни ниту албанските гласачи, додава тој, и тие ова го прават да си го подобрат слабиот рејтинг.

„Се разбира дека се надеваат на гласови, инаку во друга ситуација ако им предложат на нив да направат Голема Албанија, јас верувам дека македонските Албанци и со нозе и со раце би биле против таа работа, бидејќи во една Голема Албанија тие би биле една најобична провинција и сите овие сега големци кои ја управуваат и македонската држава и Косово, кои имаат влијание во Црна Гора и на други места, сите тие би го изгубиле и влијанието, дотокот на парите, можноста за криминална заработка... Тие се најголемите противници на Голема Албанија, бидјеќи би станале ништо - од цареви би станале просјаци. Но, иконографијата е сосема друга кога треба да се добијат избори“, вели Цветковски.

Премиерот Димитар Ковачевски го осуди настанот и го оцени како „скандал“ веењето на знаме на Голема Албанија во Тетово. Тој рече дека сите држави од Западен Балкан мора да соработуваат и да изградат регион кој ќе биде интегриран во Европската унија.

„Почна да се збори за големи држави овде. Овде има две држави коишто се дел од најголемиот сојуз – НАТО, така што архаичните концепти од времето на национал-романтизмот за големи држави, се завршени на Балканот. Тоа го кажа јасно и американскиот амбасадор во Косово, тоа ќе ви го каже јасно и генералниот секретар на НАТО и било кој друг политичар од таков ранг. Тоа е завршена работа. Ние сме земја членка на НАТО. Кога вие ќе поминете пред Владата на Северна Македонија има знаме на НАТО, кога ќе поминете во Тирана пред Владата на Албанија има знаме на НАТО, во Црна Гора има знаме на НАТО. Ова се држави кои се дел од најголемиот одбранебен воен сојуз во светот. Балканот не е веќе Балкан од 90-тите години“, рече Ковачевски.

Кабинетот на Ковачевски по бројните реакции истакна дека посетата на Курти била приватна, додека за истакнувањето знамиња на т.н. Голема Албанија наведе дека е спротивно на протоколите и законите за организирање настани во присуство на државници од странски земји.

Но, од друга страна опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираше прашувајќи: Ако Курти бил во приватна посета, кој му овозможил обезбедување?.

„СДС се прават дека ништо не знаат, за ништо не се виновни, како за промената на имиња на улици, така и за посетата на косовскиот премиер Албин Курти. Без никаква поврзаност со историјата на државата, ниту пак некаква поврзаност со Скопје има Демачи, напротив тој е познат по националистичките сфаќања за туѓи држави. Бидејќи од ДУИ и СДС исто така не знаеле дека во посета на државата доаѓа косовскиот премиер, тогаш кој дал дозвола за негово полициско обезбедување? Дали доколку Албин Курти бил на приватна посета во Македонија му следи целосно обезбедување од МВР?“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Во реакцијата од Кабинет на претседателот Стево Пендаровски е наведено дека истакнувањето на „националистичка иконографија што промовира великодржавни шовинистички идеи“ го оценуваат како „разгорување на етничка омраза“.

„Истакнувањето на провокативна националистичка иконографија што промовира великодржавни шовинистички идеи претставува разгорување на етничка омраза и нетрпеливост со што недвосмислено се напаѓаат основните принципи и вредности на Рамковниот договор како и концептот на Северна Македонија како мултиетничка држава. Организаторите на јавните собири во Тетово и во Чаир мора да бидат законски санкционирани за кршењето на законските одредби во однос на употребата на државното знаме и химна и знамињата и симболите на заедниците, со целосно игнорирање на симболите на државата“, се вели во реакцијата.

Селмани вели дека такви знамиња биле истакнувани и во минатото, но според него веќе нема големи држави, туку само една голема Европа.

„Светот е глобализиран и секој совесен граѓанин знае дека ние само во голема Европа можеме да живееме и таму ќе живееме“, вели Селмани.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG