Лавров доаѓа на ОБСЕ, а не во посета на Македонија
Министерот за надворешни работи на Руската Федерација не доаѓа во Северна Македонија, не доаѓа во Скопје, не доаѓа во национално својство. Тој доаѓа во ОБСЕ, каде што тие се земји-учеснички, изјави во интервју за Слободна Европа министерот за надворешни работи Бујар Османи и актуелен претседавач со ОБСЕ, воочи минисерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје.
Тој во интервјуто за РСЕ изјави и дека претседавањето на Малта со ОБСЕ не е победа на Русија.
Триесеттиот министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа - ОБСЕ, почнува денеска. На состанокот учествуваат околу 1000 делегати од 57 земји членки на Организацијата и земји партнери. За интервјуто со Бујар Османи кликнете тука.
Фотогалерија: Црвен килим за делегациите на ОБСЕ
Денеска почнува 30-иот министерски состанок на ОБСЕ во Скопје. Учествуваат околу 1000 претставници на земјите-членки. Од настанот ќе известуваат над 300 новинари од цела Европа.
Не е закажана средба Бербок - Лавров во Скопје
Германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, засега нема закажано средба со шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, на маргините на Министерскиот совет на ОБСЕ што се одржува во Скопје.
Од кабинетот на Берборк за РСЕ изјавија дека шефица на германската дипломатија очекува на овој состанок да се зајакне улогата на ОБСЕ. Таа смета дека е добро што ќе биде избран следниот претседавач со ОБСЕ, Малта, како и другите четири позиции во меѓународната организација. Со тоа ОБСЕ ќе ја истакне својата улога на меѓународната политичка сцена.
Во Скопје денеска започнува Триесеттиот министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа - ОБСЕ, на кој учествуваат околу 1000 делегати од 57 земји членки на Организацијата и земји партнери.
Сергеј Лавров пристигна на состанокот на ОБСЕ
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, претпладнево пристигна во СРЦ „Борис Трајковски“, каде се одржува 30-иот министерски совет на ОБСЕ. Шефот на руската дипломатија пристигна без делегација, а го пречека македонскиот министер и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи.
Лавров при пристигнувањето на состанокот го игнорираше прашањето на Радио Слободна Европа: „Кои цели ги постигнавте со војната во Украина?“
Доаѓањето на Лавров на состанокот на ОБСЕ беше неизвесно до пред неколку дена, поради санкциите за Русија поради инвазијата врз Украина. Шефот на македонската дипломатија, во интервју за РСЕ, нагласи дека доаѓањето на Лавров е на состанок на ОБСЕ, а не посета на Македонија.