Достапни линкови

„Македонско село“ – ни туристичка атракција ни стартап село


Македонско село во Нерези, Скопје
Македонско село во Нерези, Скопје

Трансформацијата на „Македонско село“ кое се најавуваше да биде во служба на развој на стартап и ИТ компаниите, сепак, нема да се случи. Од Фондот за иновации не гледаат економска исплатливост за трансформацијата што неколку години наназад ја најавуваше Владата.

Напуштени и празни се 205 македонски села, покажува последниот попис во 2021 година. Но, во Скопје има уште едно такво село кое демографски не влегува во статистиката, а ја дели истата судбина. Тоа е „Македонско село“ во населбата Нерези, кое се наоѓа на падините на планината Водно.

На 4 јули 2023, тимот на Радио Слободна Европа беа единствените посетители во потегот каде се протега комплексот. Ниту случаен минувач, ниту некој од приватната компанија која го обезбедува „Македонско село“.

„Македонско село“ под клуч, без стопани, без посетители
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:03 0:00

Комплексот од 12 автентични македонски куќи стави клуч на капијата во октомври 2018 година, откако првите и последни концесионери на селото, компаниите „Тинекс“ и „Квинс“ се повлекоа од стопанисување поради економска неисплатливост. Тоа е истата причина и поради која „Македонско село“ нема да доживее трансформација од туристичка атракција во стартап село, идеја која Владата ја заговараше уште во 2020 година.

Прв планот за пренамена на просторот го презентираше во јавноста беше техничкиот премиер Оливер Спасовски во мај 2020 година, кој рече дека со пренамената на просторот директно ќе се стимулира отворањето на нови бизниси.

Четири месеци подоцна, во септември 2020 година, министерот за економија, Крешник Бектеши, кажа дека меѓу приоритетите за поттикнување на иновативноста во земјава ќе биде токму „Македонско село“, кое ќе нуди можност за младите да отвораат бизнис без потреба од плаќање на режиски трошоци. Но, ништо од тоа не се случи.

Моделите на трансформација на „Македонско село“ започнаа да ги бараат Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со организациите SWISS EPP и Start – up Chile кои заеднички изработија физибилити студија за развој на проектот старт-ап село.

Што покажува физибилити студијата?

Радио Слободна Европа имаше увид во документот на 26 страници, кој посочува на придобивките и проблемите со кои се соочува стартап еко системот во Северна Македонија, но и предлозите за начинот на кој би можел да (про)функционира „Македонско село“.

Дел од физибилити студијата која ги анализира можностите на стартап екосистемот во Северна Македонија, вклучувајќи го и „Македонско село“
Дел од физибилити студијата која ги анализира можностите на стартап екосистемот во Северна Македонија, вклучувајќи го и „Македонско село“

„Бидејќи зајакнувањето на екосистемите и стартапите е вежба која одзема многу време, бара долгорочна посветеност од сите клучни актери. Во првата фаза од создавањето и консолидацијата на екосистемот, јавниот сектор треба да покрие 100% од трошоците за програмските делови на стартап село, за да се обезбеди правилно активирање на празнините на пазарот. На патот, може да се истражуваат нови извори на приход. Податоците ќе се собираат на годишно ниво, но, целокупниот преглед и анализа на активностите и трошоците треба да се завршуваат на секои 5 години, со цел да се прикаже вистинското влијание“, пишува во физибилити студијата.

Авторите пишуваат и дека иницијативата за стартап село треба да дејствува како чадор - стратегија за реализирање на моделот што Северна Македонија сака да го имплементира. Владата ги предложила следните мерки за промоција на претприемништвото и културата на иновации.

• Отворање на компанија со вкупна инвестиција од само 1 евро

• Државни грантови од 5.000 евра до 15.000 евра за отворање нови бизниси

• Сите новоотворени фирми од млади до 29 години и жени, ќе бидат ослободени од плаќање данок на доход, доколку приходот на компанијата е под 50.000 евра

• За сите нововработени млади до 29 години државата директно на сметката на вработените ќе им го враќа персоналниот данок што го плаќаат фирмите каде што работат.

Трансформацијата во стартап село е неисплатлива

Физибилити студијата и информациите кои ги нуди се покажа како недоволна за Владата, од каде во март 2021 година, најавија дека покрај студијата, потребни се дополнителни истражувања и консултации за дефинирање на одржлив модел за пренамена во стартап село.

Оттогаш изминаа повеќе од две години. Радио Слободна Европа упати прашања и до Владата и до ФИТР – дали се откажуваат од идејата. Одговорот од Фондот за иновации наведува дека е пренамената тешко да заживее.

„Направени се и повеќе консултации со претставници од стартап заедницата во врска со моделот за оперативност и одржливост на Македонско Старт-ап село, кои покажаа дека таков модел е потребен, но истовремено самиот објект се покажа и како несоодветен поради големите финансиски трошоци за негова одржливост и оперативност“, велат од ФИТР за Радио Слободна Европа.

Изградбата на „Мaкедонско село“ започна во јуни 2011 година, како проект во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и тогашниот премиер Никола Груевски. Официјално беше отворено на 22 јуни 2016 година. Пет месеци претходно, за месечна кирија од 3.500 евра под концесија го земаа хотелот „Квинс“ и ексградоначалникот на општина Центар и сопственик на ланецот маркети „Тинкес“, Владимир Тодоровиќ. За период нешто повеќе од две години, на 18 октомври 2018 година се откажаа од стопанисувањето, бидејќи работеле со загуба.

Комплексот кој се протега на површина од 15 000 квадратни метри има 12 автентични куќи од повеќе краеви во државата. Државата потроши 6,5 милиони евра за негова изградба, а и ревизорите кои го испитуваа процесот на изградба, пронајдоа низа неправилности.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG