Достапни линкови

Ехо на омразата - кога онлајн говорот поттикнува насилство кон ЛГБТИ луѓето


Илустрација
Илустрација

Невладината „Еквалис“ се соочила со говор на омраза и закани по нивниот живот и на учесниците на Летната школа за ЛГБТИ млади која ја организирале во Кратово. Говорот на омраза поради сексуална ориентација и родов идентитет е меѓу најзастапените пријави до невладиниот сектор и до МВР. Пријави има, но, пресуда само една.

Кратово е мал град со помалку од 8.000 жители во Северна Македонија. Во него, невладината организација „Еквалис“ речиси седум години во низа организира настани за млади чиј фокус е надминување на стереотипи, предрасуди и дискриминацијата кон ЛГБТИ+ заедницата, но и кон други маргинализирани групи.

Но, годинешната Летна школа за ЛГБТИ млади и стрејт и цис-родови сојузници беа принудени да ја преместат во друг град поради безбедносни ризици.

Откако на почетокот на јуни 2024 година „Еквалис“ го објави повикот за учесници на летната школа, се соочиле со напади на социјалните мрежи.

Елена Данова од невладината организација вели дека познати лидери на антиродовото движење во Северна Македонија започнале да објавуваат на социјалните мрежи негативни ставови кон одржувањето на настанот и во своите објави имале говор кој поттикнува омраза кон ЛГБТИ+ заедницата. Данова за РСЕ вели дека имаат искуство со вакви но, овој пат се соочиле „експлозија на негативни реакции“.

Лидерот на партијата Интегра, Љупчо Ристовски имаше објавено свој статус, потоа Гордана Гоџо која стана позната во јавноста против вакцините и ковид мерките. Доста влијание изврши и објавата на Горан Илиев кој е пастор во Евангелската црква во Неготино и кој во групата „Да го зачуваме бракот и семејството“ имаше споделено и дадено негативен став кон одржувањето на Летната школа. Преку нивните објави се поттикна говор на омраза кој за неколку дена стана толку интензивен, што се рашири и во други групи со закани по живот. Имаше закани дека обучувачите на летната школа ќе бидат фрлени од Радин мост“, вели Данева.

Од страв за животите на обучувачите, но и на учесниците на возраст од 15 години, Летната школа ја „преселиле“ во друг град, а во текот целокупното нејзиното одржување имале 24 часовно обезбедување.

„Психолошката траума останува и кај обучувачите и кај учесниците. Тие беа свесни за реакциите и заканите по живот. Ова е најекстремниот случај, претходно добивавме од непознати имејл адреси закани по живот, сме добивале говор на омраза и преку коментари, пораки на социјалните мрежи. Особено во месец јуни, кога се одржува Парадата на гордоста. Тоа е рутински, тој говор на омраза се интензивира со текот на годините и сега добивме закани на живот. И не смеевме еден период од дома да излегуваме за да се заштитиме. Ова е документирано“, вели Дамова.

Кривична пријава за говор на омраза и загрозување на безбедноста

Невладината „Еквалис“ на 17 јуни 2024 година поднесе кривична пријава против Љупчо Ристовски, Гордана Гоџо и непознати лица - корисници на социјални мрежи поради извршено кривично дело ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем и загрозување на сигурноста став 5 од Кривичниот Законик.

Во кривичната пријава како доказ го доставиле Фејсбук статусот на лидерот на конзервативната десничарска политичка партија „Интегра“ Љупчо Ристевски.

Тој ја презел објавата на „Еквалис“ за неформалниот дел од школата, тематски насловен како „Гатање на квир тарот, друштвени игри и гледање во ѕвезди“.

Во неговиот статус, тој напишал „според Библијата, сите овие наведени „игри“ се дело на ѓаволот лично и за таквите се превидува страшен крај, но и за сите оние кои ги поддржуваат, промовираат и практикуваат… Тоа се делата на злото“.

Потоа, тој ја повикува Црквата да реагира: „Очекувам црковното лидерство на МПЦ-ОА жестоко да реагира, како и сите христијански цркви, деноминации и заедници во Македонија. Ова е длабоко заоѓање во пропаста“.

Во деновите што следат, тимот на „Еквалис“ следел како и локалната заедница во Кратово почнува да се мобилизира околу ова прашање. Одредени профили на социјалните мрежи коишто сè до тој момент се занимавале со промоција на природните убавини на Кратово, наеднаш почнале да го повикуваат локалното населние остро да реагира на одржувањето на оваа школа.

Како што наведуваат од „Еквалис“ на Ристовски му се приклучува и Гордана Гоџо „познатата антиваксерка и личност којашто стана позната по своите теории дека ковид вирусот не постои“, за која од невладината организација велат дека во нејзинот Фејсбук статус не само што се занимава со темите на оваа школа, туку особено посочува на тоа зошто школата се случува во Кратово. Гордана Гоџо е и член на претседателството на националистичката проруска партија Родина.

„Беше пријавен случајот во полиција против неколкуте индивидуи кои најинтензивно го предизвикаа говорот на омраза и заканите по живот. По неколку недели од пријавата, се уште немаме добиено повик од МВР за дополнително сослушување“, вели Дамова.

РСЕ се обрати до Министерството за внатрешни работи прашувајќи што се случува и дали се постапува по пријавата која е поднесена пред повеќе од еден месец. Но, повратен одговор не добивме.

Гир - Решението е на маса
please wait

No media source currently available

0:00 0:18:44 0:00

Повик до обвинителството да постапува

За случајот со поттикнувањето и ширењето на говор на омраза за настанот во Кратово е информирана и државната Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗК).

Членот на Комисијата, Драгана Дрндаревска вели дека пријавата против Ристевски и Гоџо, не е единствената која досега стигнала на адреса на КСЗК.

„Во Комисијата се забележува трендот на трансфобичен и хомофобичен говор од овие актери, за што Комисијата во многу случаи утврдила вознемирување, повикување или поттикнување дискриминација. Не сметаме дека Комсијата е најсоодветното тело за третирање на овие случаи особено кога станува збор за сериозна форма на незаштитен говор кој треба да биде кривично санкциониран. Но, здруженијата на граѓани и ЛГБТИ луѓето во отсуство на други ефикасни механизми, како институциите за кривичен прогон, овие случаи ги пријавуваат во Комисијата“, вели Дрндаревска за РСЕ.

Таа апелира обвинителството да го препознае настанот како кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски ситем“ и да поднесе обвинение.

„Обвинителството треба да ги земе предвид Европските трендови на препознавање на анти-родовите движења како сериозна закана по демократијата и фундаменталните права и да покрене истраги и во однос на начинот на финансирање“, изјави Дрндаревска.

Невладините со зголемен, МВР со намален број пријави

Невладината Хелсиншки комитет за човекови права има развиено посебна платформа за анонимно пријавување на говор на омраза поради национална или етничка припадност, сексуална ориентација и родов идентитет, религиско уверување и други.

Нивните статистички извештаи покажуваат дека во периодот од почетокот на јануари до крајот на јуни регистрирале 440 пријави по разни основи. Во јуни, пак, месецот кога се одржа Парадата на гордоста се нотирани најголем број пријави поради сексуална ориетанција и родов идентитет.

Инфографика - Пријави за говор на омраза
Инфографика - Пријави за говор на омраза

За разлика од бројките на невладиниот сектор, Министерството за внатрешни работи во периодот од јануари до јуни има регистрирано вкупно 14 кривични дела извршени преку компјутерски систем, што претставува намалување во споредба со истиот период од 2023 година кога беа регистрирани 18 кривични дела. По преземени мерки кривично се пријавени девет сторители.

„Во однос на основот на извршување на делата како најдоминантни реални или претпоставени карактеристики преовладуваат националноста и политичката припадност или уверување, а застапени се и етничкото потекло и полот“, велат од МВР за РСЕ.

Обвинител за гонење говор на омраза

На 8 јуни, ОЈО Скопје донесе одлука да ја номинира обвинителката Емилија Мизо Димков како обвинителка која ќе биде задолжена да го следи постапувањето во предметите за кривични дела од омраза и дискриминација.

„Освен нив, назначениот јавен обвинител ќе го следи постапувањето и во предметите за кривични дела во кои сторувањето на делото од омраза е санкционирано како посебен облик. Нагласуваме дека говорот на омраза во најголемиот дел од случаите подлежи на граѓанска одговорност за клевета и навреда или на прекршочна и друга одговорност согласно Законот за заштита од дискриминација“, велат од ОЈО Скопје за РСЕ.

Во 2023 година во ОЈО Скопје се оформени вкупно 21 нови предмети за кривични дела од омраза, расна и верска определба како и за ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем.

Од нив, на крајот на 2023 година за 11 се преземале дејствија за прибирање докази, во 9 беше донесено решение за отфрлање на кривичната пријава, а во 1 предмет беше поднесено обвинение.

Прва пресуда

Квир Центар - Скопје е првото и единствено специјализирано советувалиште во нашата земја кое на ЛГБТИ+ луѓето им нуди доверливи, квалитетни и бесплатни услуги, со фокус на менталното здравје.

Организацијата на крајот на март 2024 година извести дека е изречена првата осудителна пресуда за говор на омраза поради сексуална ориентација во Северна Македонија. Лице од Демир Капија на социјалната мрежа Фејсбук под споделена медиумска објава напишал два коментари со вознемирувачки говор на омраза кон ЛГБТИ+ заедницата

Основниот суд во Неготино му изрече алтернативна мерка - условна осуда, казна затвор во траење од една година. Утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетиот во рок од една година по правосилноста на пресудата не стори друго кривично дело.

Како што наведуваат од Квир Центар - Скопје, ова всушност е прва осудителна пресуда во судската пракса на Северна Македонија со која се санкционира говор на омраза врз основа на сексуална ориентација, иако уште од февруари 2014 година со измените и дополнувањата на Кривичниот законик, говорот на омраза е класифициран како кривично дело.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG