Достапни линкови

Зголемено насилство и говор на омраза врз ЛГБТИ луѓето


Северна Македонија - ЛГБТИ заедницата во Скопје
Северна Македонија - ЛГБТИ заедницата во Скопје

Дури 73 отсто од геј луѓето во земјава ја кријат својата сексуална ориентација на работа, 27 отсто се изјасниле дека биле дискриминирани на работно место, а расте и насилството врз нив, покажува најновото истражување на ЕУ. Активистите тврдат - тоа се должи на порастот на антиродовите движења

Ве молам помогнете ни, законот мора да се промени. Стравувам дека нема да можам да издржам, се плашам дека повторно ќе пробам да се самоубијам, изјавило 19-годишно бисексуално транс момче од Северна Македонија во истражувањето за почитување на правата на ЛГБТИ луѓето спроведено од Агенцијата на Европската Унија за фундаментални права.

Истражувањето ги вклучува сите земји членки од Европската Унија, но за разлика од последното вакво истражување од 2019 година, сега во него се опфатени и уште три земји – Северна Македонија, Србија и Албанија.

Генералната оценка се совпаѓа со изјавата на 19-годишното момче од Северна Македонија – Насилството и малтертирањето на ЛГБТИ луѓето во Европа достигнаа нов максимум во однос на последните неколку години.

Истражувањето покажа дека 14 отсто од испитаниците пријавиле дека доживеале физички или сексуален напад во изминатите пет години пред да биде спроведено истражувањето во 2023 година, што пак претставува пораст од три отсто во однос на слично истражување на агенцијата од 2019 година.

Дури 36 отсто од анкетираните пријавиле дека доживеале дискриминација во текот на 12 месеци пред истражувањето, а тоа покажа дека во последните години во Европа значително е зголемено и малтертирањето на геј популацијата во училиштата.

Повеќе од двајца од тројца испитаници изјавиле дека биле малтертирани, што претставува значителен пораст во споредба со еден од двајца ученици кои на ова прашање одговориле потврдно во 2019 година.

Северна Македонија: 18 отсто од ЛГБТИ луѓето со самоубиствени мисли

Дури 18 проценти од ЛГБТК луѓето во Северна Македонија опфатени во истражувањето на Европската агенција за фундаментални права, речиси секогаш или многу често имале самоубиствени мисли, додека пак 27 отсто одговориле дека понекогаш размислувале за самоубиство.

Порастот на суицидни мисли на лицата од ЛГБТИ заедницата се должи на порастот на говорот на омраза и насилството кон оваа група на луѓе и во сите европски земји, па така 37 отсто од испитаниците одговориле дека почувствувале дискриминација поради тоа што се геј во средината во која живеат во текот на последната година.

Бројките покажуваат дека ЛГБТИ луѓето во Северна Македонија се чувствуваат дискриминирани по повеќе основи – 73 отсто од геј луѓето во земјава ја кријат својата сексуална ориентација на работа, 27 отсто од нив се изјасниле дека почувствувале дискриминација на работно место, додека дури 39 отсто се почувствувале дискриминирани барем во една животна сфера во текот на последната година.

Сепак, и покрај повисокиот процент на лица кои се чувствуваат дискриминирани или навредени по родова основа, истражувањето покажува дека во Северна Македонија само 14 отсто од овој тип на случаи – без разлика дали станува збор за физичко или вербално насилство, биле пријавени во полиција.

Ширење на антиродовите движења

Дури 70, а во некои истражувања и 80 отсто од луѓето во Северна Македонија имаат нетолерантни ставови и не го прифаќаат постоењето на лезбејки, геј, бисексуалци и трансексуалци, вели за РСЕ Славчо Димитров од Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија.

Димитров вели дека и истражувањата дома се поклопуваат со генералниот впечаток на европската заедница – во последните две години имаме зголемување на насилството кон ЛГБТИ луѓето, без разлика дали станува збор за физичко или вербално.

Според Димитров пак, сето ова пак се должи поради тоа што земјава во изминатите години се активни антиродови движења и организации за кои тврди дека шират пропаганда која ги оцрнува геј луѓето. Тој објаснува дека овие организации здружени со црквата промовираат ставови на штета на ЛГБТИ заедницата.

„Генерално на глобално но и на европско ниво очекуван е порастот на хомофобија доколку се земат предвид порастот на новофашистички, радикално тесни движења и порастот на така наречените антиродови движења. Тоа е особено значајно за Македонија бидејќи Македонија е земјата која што и во регинот предничи со антиродовите движења. Но, во последниот период како резултат на овие групи насилството, особено вербалното насилство е и тоа како зголемено. Социјалните мрежи се преполни со говор на омраза и тоа особено не загрижува, а особен лицата од заедницата кои се од помалите места се чувствуваат исклучително несигурно“, истакнува Димитров.

Тој вели дека конректно за тоа колку е зголемено физичкото насилство бројки нема, но вели дека тоа се должи на тоа што овие луѓе се плашат и ретко ги пријавуваат овие случаи, бидејќи како што објаснува Димитров, тие не веруваат дека ќе има институционална завршница.

На иста линија со Димитров е и Ирена Цветковиќ од невладината организација „Коалиција Маргини“.

„Тоа е се резултат на некакви глобални, транснационални, но и локални поместувања коишто се резултат на појавата на антиродови движења кај нас. Кога вие имате институции кои се исклучително моќни, од политичари до организирана религија, кои постојано се занимаваат со ширење на лажна паника дека постоењето на ЛГБТИ заедницата е закана за останатите, тогаш не можете да очекувате сето тоа да не даде резултати“, посочува Цветковиќ.

Беким Асани: Ем тепан, ем незаштитен
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:18 0:00

Во последните шест месеци значително е зголемен бројот на луѓе кои бараат помош преку невладините организации, објаснува Цветковиќ.

Неодамна и американскиот Стејт Департмент забележа дека во северна Македонија и натаму е ограничена слободата на говор на маргинализирани групи.

Земјите од регионот со слични резултати

Генералната перцепција на истражувањето дека во Европа е зголемено насилството кон ЛГБТК луѓето, се потврдува и во Србија, а посебно во Албанија.

Во дел од статистичките податоци на истражувањето стои дека 64 отсто од ЛГБТИ испитаниците од Србија ја кријат својата сексуална ориентација на работа, додека во Албанија тоа го прават дури 80 отсто од оваа заедница.

Дискриминација на работно место во Србија чувствува 24 отсто од ЛГБТИ популацијата, додека во Албанија овој тип дискриминација го чувствуваат 36 проценти од припадниците на оваа заедница.

Во истражувањето стои и дека 58 отсто од испитаниците во Србија во последната година биле мета на говор на омраза поради тоа што се геј, додека во Албанија со ваков тип на омраза се соочиле 62 проценти од ЛГБТИ населението.

Последното вакво истражување на Европската агенција за фундаментални права е објавено во 2019 година, а тоа покажува и дека од 10 лица најмалку 1 пријавил дека доживеал насилство во последните пет години пред истражувањето, што претставува благ пораст во споредба со 2019 година, кога се случувало од 10 лица ниту еден да не пријави посериозна форма на насилство.

XS
SM
MD
LG