Достапни линкови

Косово не може да ги користи беспилотните летала Бајрактар без одобрение на КФОР


Косовскиот премиер Албин Курти го претстави дронот Бајрактар ТВ-2
Косовскиот премиер Албин Курти го претстави дронот Бајрактар ТВ-2

Мировната мисија на НАТО на Косово, КФОР, соопшти дека очекува косовските институции да ја координираат употребата на сите категории беспилотни летала, вклучително и дронот Бајрактар TБ-2.

Во писмената изјава за Радио Слободна Европа, КФОР потсетува дека командантот на оваа мисија има примарна власт над воздушниот простор на Косово од крајот на војната во 1999 година.

Ден претходно косовскиот премиер Албин Курти објави дека земјата купила беспилотни летала Бајрактар TБ-2 од Турција.

Со нивното купување Косово е „уште побезбедно“, рече тој и додаде дека офицерите на косовските безбедносни сили веќе се обучени за употреба на беспилотни летала.

Не е познато колку дронови се купени.

КФОР наведува дека долниот воздушен простор на Косово „може да се користи за посебни потреби“ и со „претходно одобрение од командантот на КФОР“.

Долниот воздушен простор значи висина до 6 250 метри.

Беспилотните летала Бајрактар TБ-2 генерално летаат на надморска височина до 5 000 метри. Косовските безбедносни сили се во процес на станување војска.

Планирано е до 2028 година да ги достигнат сите оперативни капацитети за, како што се наведува, „зачувување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово, како и на граѓаните, имотот и интересите на земјата“.

Сепак, тоа нема да ги замени силите на КФОР, кои сè уште имаат околу 4 000 војници во Косово.

Дронови ги контролираат патиштата на Косово
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:15 0:00

Купување дронови за „одбрана“

Заменик-претседателот на парламентарната комисија за безбедност и одбрана на Косово, Енвер Дуголи, за Радио Слободна Европа изјави дека кога станува збор за прашања кои исто така спаѓаат во доменот на мисијата КФОР, „има соработка и координација“.

Врз основа на законските обврски на косовските безбедносни сили, вели тој, набавката на воена опрема е неопходна.

„Значи ова прашање има врска со подготовката на безбедносните сили за заштита на земјата, за заштита на суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово“, вели Дуголи, кој доаѓа од владејачката партија, движењето Самоопределување.

Поранешниот министер за одбрана на Косово, Антон Ќуни, член на Комисијата за безбедност и одбранбени прашања, вели дека борбените беспилотни летала најчесто се гледаат како оружје за напад, но тоа, според него, не значи дека Косово се подготвува за офанзивни активности.

„Тоа создава впечаток дека беспилотните летала се офанзивни системи или оружје. Секогаш сме зборувале за одбранбени операции, односно кога е загрозена територијата на Република Косово. Се додека сме на овие одбранбени позиции, не зборуваме за офанзивно оружје“, вели Куни од Демократскиот сојуз на Косово, инаку опозициска партија.

Во изјава за Радио Слободна Европа, тој додава дека Владата на Косово се соочува со предизвици во обезбедувањето законско овластување за безбедносните сили, во однос на нивните активности во воздушниот простор на земјата.

„Ова е прашање што треба да биде во фокусот на Владата во иднина. Тоа значи обезбедување на правната инфраструктура, бидејќи некои одговорности за воздушната контрола се исклучиво прашање на НАТО и КФОР на Косово. Ова не е нешто што не може да се надмине ако има добра интеракција и координација со НАТО и нашите партнери“, вели Ќуни.

Врајоли: Теоретски оружје за секоја ситуација

Косовските власти не ја објавија цената на купените дронови, но на пазарот се познати како евтини и ефикасни.

Ментор Врајоли, извршен директор на Косовскиот центар за безбедносни студии, оценува дека, ако се погледнат трошоците за воената опрема што ја обезбедуваат светските армии, тие првично изгледаат неоправдани, во случај да не се користи опремата. Од оваа гледна точка, може да се толкуваат беспилотните летала Бајрактар што ги купи Косово.

Но, додава Врајоли, борбената опрема не се купува секогаш за да се користи по секоја цена.

„Одбранбениот сектор е направен за да се осигура дека во сите хипотетички околности што може да се појават, одбранбените подготовки се на соодветно ниво. Во оваа перспектива, ова засилување направено од косовската армија не претставува голем проблем. Можеби не мора да очекуваме дека некој ќе не нападне. Но, ако не нападне, тогаш мора да бидеме подготвени“, изјави Врајоли за РСЕ.

Што е дронот Бајрактар TБ-2?

Бајрактар TБ-2 е беспилотно летало со далечинско управување.

Овој дрон е развиен во Турција од Селџук Бајрактар, дипломиран на Технолошкиот институт во Масачусетс (МИТ).

Бајрактар TБ-2 може да остане на небото до 27 часа и се напојува со едноставен пропелер мотор. Овој дрон може да лета до 150 километри од својата база.

Тоа е оценето како многу важно во конфликтите ширум светот, вклучително и војната во Украина. БајрактарTБ-2 моментално се користи од најмалку 11 армии во светот.

Косовските власти не соопштуваат кога беспилотните летала пристигнале на Косово, но неофицијално се наведува дека тоа се случило во мај, непосредно пред воените вежби „Дефендер Европа 2023“.

Косово беше исклучено од овие вежби, кои ги водат Соединетите Држави, поради тензичната ситуација на северот на земјата, каде мнозинското население е од српска националност.

Тамошните граѓани речиси два месеци се противат на именување на градоначалници Албанци во општинските канцеларии.

XS
SM
MD
LG