Скандалозни и преседани, се двата епитети што изминативе денови најмногу ги добиваа двете пресуди за клевета и навреда против редакцијата на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски, кои беа осудени по поднесени тужби од бизнисменот Кочо Анѓушев, а втората од Мартин Костовски, пратеник од СДСМ.
Одлуките, ќе ги стават двајцата судии на радарот на Судскиот совет, кој е најмоќното тело во судската власт бидејќи во негови раце е утврдувањето на одговорност кај судиите, изрекувањето дисциплински, како и разрешувањето.
Станува збор за пресуди донесени од двајца искусни судии: Јованка Спировска-Панева од Основниот граѓански суд Скопје (во случајот со ИРЛ) која е избрана за судијка во 1996 година, и Неџат Мемети од Основниот суд Куманово (во случајот со Петрушевски), кој суди од 2010-та.
Она што покрена реакции во нивните пресуди, во случајот против новинарите беа квалификациите дека ИРЛ не се медиум, новинарите не се новинари, нивната емисија „Заговор против воздухот“, за која беа тужени, требало да биде за внатрешна употреба итн. Додека во предметот со пратеникот спорно е тоа што беше осуден за искажан став од собраниска говорница и покрај тоа што понесувањето одговорност за ова е спротивно според Законот за пратеници и Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда.
За судијката Спировска-Панева, веќе е поднесено барање бидејќи на едно од рочиштата пред да се донесе пресудата одлучи да ја исклучи јавноста, додека за Мемети се очекува Судскиот совет деновиве да го добие барањето. Постапката за утврдување одговорност, според Законот за Судски совет, е од доверлив карактер и се води без присуство на јавноста.
„Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) има доставено барање за утврдување одговорност за судијата што постапувал по предметот на ИРЛ. За ова барање, како и за другите барања, на затворена седница е формирана тричлена комисија избрана со тајно гласање. Комисијата сега ќе постапува и кога ќе направи извештај ќе го презентира на затворена седница на Судскиот совет и ќе се гласа. Претставка од пратеникот Бране Петрушевски не е доставена“, велат од Судскиот совет за Радио Слободна Европа.
Тричлената комисија, според законските процедури, откако ќе го извести Судскиот совет, сите негови членови ќе гласаат дали да запре постапката за судијката или да продолжи. Доколку Советот одлучи за продолжување на постапката, Комисијата е должна да ги прибере сите потребни информации и да изготви извештај во рок од три месеци од денот на приемот на барањето.
Известувања и реакции и до меѓународната заедница
Петрушевски, пак, вели дека денеска и утре ќе се консултира со неговиот адвокат, по што ќе достави барање или претставка до Советот.
„Ова веќе не е ниту диктатура, ова е тиранија. Пресудата е сериозен преседан кој за жал многу ќе ја чини државата. Никогаш во историјата ниту еден пратеник не бил осуден за искажано од говорница“, вели пратеникот.
Тој најавува дека за случајот ќе се обрати и до претседателот на Собранието Талат Џафери, а ќе ги запознае и Мисијата на ОБСЕ, Европската комисија (ЕК), како и неколку странски амбасади во земјава.
Во случајот со ИРЛ, пак, уште во текот на судскиот процес реакции во однос на транспарентноста имаше од Европската федерација на новинари (ЕФН) и Меѓународната федерација на новинари (МФН).
„Сите за правично судење“: Судовите не се доволно убедливи во пресудите
Коментирајќи ги и двата случаи, од невладината Коалиција „Сите за правично судење“ велат дека иако пресудите не се правосилни, тие сепак се однесуваат на ограничување на слободата на говорот токму во случаи кои треба да бидат исклучок од утврдување на ваква одговорност. Оттаму нагласуваат дека за да може да се утврди одговорност за клевета и навреда, судовите треба темелно и според закон да образложат зошто во предметите донеле таква пресуда и има ограничување на слободата на говор, но во конкретните предмети не се целосно убедени дека тоа е направено.
„Покрај ова, ограничувањето на слободата на говорот треба да се стреми кон легитимна цел, како на пример спречување на говор кој повикува на насилство, говор на омраза, или друг говор кој може да предизвика посериозни општествени проблеми. Во таа смисла, судовите треба да имаат предвид кој и во кое својство ги изнесува тврдењата, дали тврдењата се факти или вредносен суд, кон кого се насочени, колкава е сериозноста на изнесените тврдења и влијанието врз репутацијата на засегнатата страна, како и дали истите придонесуваат за поширока јавна дебата“, нагласуваат од Коалицијата.
Од невладината укажуваат и на практиката на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), кој утврдил дека политичарите свесно се впуштаат во начин на живот каде секој нивен чекор ќе биде под јавна критика, поради што прагот на толеранција кај нив треба да биде повисок.
„Од она што го видовме во двете пресуди, судовите не се доволно убедливи дека ги разгледале овие прашања со должното внимание и во контекст на практиката на ЕСЧП. Конечно, ограничувањето на слободата на говор мора да биде неопходно во едно демократско општество, односно да биде применето како последна можна мерка, при што мора да се има предвид со каква тежина ограничувањето го погодува санкционираното лице, со цел да се избегне каква било цензура и обесхрабрување на новинарите и граѓаните да се впуштаат во критика на државната власт“, потенцираат од „Сите за правично судење“.
ВМРО-ДПМНЕ за пресудата против Петрушевски: „Правно-уникатна дивоградба“
Покрај реакциите од правници, двата случаи покренаа и лавина политички реакции. Во последната, од неколку реакции на ВМРО-ДПМНЕ, опозициската партија порача дека пресудата против Петрушевски е противуставна и противзаконска и ја нарекоа „правно-уникатна дивоградба“.
Неговиот сопартиец, пратеникот Миле Лефков на прес-конференција на 13 ноември потсети дека пратениците согласно Устав имаат имунитет – материјален и процедурален.
„Материјалниот имунитет значи дека пратеникот не може да биде повикан на кривична или друга одговорност, или да биде притворен за искажано мислење или гласање на седниците на Собранието или на неговите работни тела (член 16 од Законот за пратеници). Материјалниот имунитет ја гарантира слободата на говорот, на седниците на Собранието или на неговите работни тела. Овој вид имунитет не може-да повторам НЕ МОЖЕ да биде предмет на расправа за одземање!“, рече Лефков.
Покрај ова, во случајот со Петрушевски во досегашните јавни реакции се посочуваше и на членот 7 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета каде е предвидено дека нема одговорност ако „изјавата е дадена во работата на Собранието на Република Македонија“.
Како на пресудата против пратеник гледа првиот човек на Собранието Талат Џафери, пак, до објавувањето на овој текст не добивме одговор од неговиот кабинет.
Додека опозицијата бурно реагира, пратеникот Мартин Костовски од СДСМ кој ја поднесе тужбата, објавувањето на пресудата го одбележа со објава на неговата официјална фан-страница на Фејсбук.
„Политиката не е средство меѓусебно да се повредуваме, туку напротив за мене политиката е можност да го дадеш најдоброто од себе за државата и народот! Тој не е осуден затоа што е пратеник на опозиција и за да се замолчи, туку затоа што зборува невистини, лаги и навреди! И на крај од секој од нас зависи како ќе се однесуваме на говорница, на емисија, на прес-конференција, да се бориме со идеи не со лаги и навреди“, наведе Костовски.
Тој посочи дека многу го повредило тоа што Петрушевски, кој е негов сограѓанин од Куманово, го зборувал од собраниската говорница.
Во говорот, кој беше причина за тужбата на Костовски, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, меѓу другото, го посочува неговиот колега од владејачкото мнозинство како пример на лице кое вади пасош од друга држава „сметајќи дека така ќе се спаси од затвор“, кажува и дека сопругата на Костовски била вработена во Министерството за внатрешни работи за тој да гласа за т.н. француски предлог, со кој Бугарија го тргна ветото, а Северна Македонија презеде обврска да ги вметне Бугарите во Уставот…
И во случајот со пресудата против ИРЛ и уредничката Сашка Цветковска имаше низа реакции, како од новинарската фела така и од политичарите.
Меѓу останатите реагираше и претседателот Стево Пендаровски кој порача дека новинарството е слободна професија и како таква е потребно да подлежи на принципот на саморегулација од страна на медиумските тела и организации.
„Етикетирање, дискредитација и обиди за регулирање на новинари и медиуми имаше и во минатото и сведоци сме дека таквите процеси не доведоа до демократски развој. Како држава која се определила за членство во ЕУ и споделување на европските вредности за демократија, транспарентност и одговорност, потребно е да ги почитуваме и спроведуваме меѓународните стандарди за медиумски слободи“, порача Пендаровски.
Реаагираше и вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска, а со заедничка реакција се јавија и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ).
Тие оценија дека пресудата е потопување на новинарската процесија и напад врз интегритетот на новинарите и на слободата на изразување во земјава.
Инаку, двете пресуди дојдоа во период кога судството е во незавидна ситуација, како и под критики од Брисел од каде во годишниот извештај за напредокот на земјата објавен на 8 ноември, констатираа дека Северна Македонија нема напредок во судството и борбата против корупцијата.