Достапни линкови

Кинеско-руските поморски вежби насочени кон „безбедносните закани“


илустрација
илустрација

Морнариците на Кина и Русија започнаа заедничка вежба на военото пристаниште во јужна Кина во неделата, 14 јули, неколку дена откако сојузниците на НАТО го нарекоа Пекинг „клучен во овозможување“ на војната во Украина.

Заедничките вежби уследија по најновите тензии на Кина со сојузниците во НАТО на почетокот на јули, пишуваат светските медиуми.

Кинеското Министерство за одбрана во кусото соопштение соопшти дека силите на двете страни неодамна патролирале во западниот и северниот дел на Тихиот Океан и дека операцијата нема никаква врска со меѓународната и регионалната ситуација и дека не е насочена кон трета страна.

Кина во фокусот на НАТО алијансата

Вежбата, која започна во неделата во провинцијата Гуангдонг, а ќе заврши денеска (16 јули) има за цел да ги покаже способностите на морнариците во справувањето со безбедносните закани и одржувањето на глобалниот и регионалниот мир и стабилност, соопшти кинеската државна телевизија CCTV, а објави Асошиејтед прес (АП). Се додава дека би можеле да бидат вклучени и противракетни вежби, напади од море и противвоздушна одбрана.

Изјавата, одобрена од 32-те членки на НАТО на самитот во Вашингтон, јасно стави до знаење дека Кина станува фокус на воената алијанса, нарекувајќи го Пекинг „клучен во овозможувањето“ на руската војна против Украина. Европските и северноамериканските членки и нивните партнери во Индо-Пацификот се повеќе гледаат заеднички безбедносни закани кои доаѓаат од Русија и нејзините азиски сојузници, особено Кина.

Како одговор, Кина го обвини НАТО дека бара безбедност на сметка на другите и и порача на Алијансата да не го носи истиот „хаос“ во Азија.

Министерството за надворешни работи тврди дека Кина има фер и објективен однос кон војната во Украина.

Минатата недела, брод на американската крајбрежна стража во рутинска патрола во Беринговото Море наиде на неколку кинески воени бродови во меѓународните води, но во рамките на ексклузивната економска зона на Соединетите Држави, изјавија американските власти. Екипажот откри три брода на приближно 200 километри северно од преминот Амчитка на Алеутските острови, кои го означуваат одвојувањето и поврзувањето меѓу Северниот Пацифик и Беринговото Море.

Подоцна, четврт брод беше забележан на приближно 135 километри северно од преминот Амукта. Американската страна соопшти дека кинеските воени бродови дејствувале во согласност со меѓународните правила и норми.

„Заедничко море“ на Кина и Русија

Кина и Русија го продлабочуваат своето „сеопфатно стратешко партнерство“ со воена вежба во јужна Кина.

Квази-сојузниците, како што пишува Њусвик, на почетокот на јули ја започнале вежбата наречена „Заедничко море-2024“ во водите и воздушниот простор во близина на Џанџијанг, град во јужната кинеска провинција Гуангдонг каде што се наоѓа седиштето на кинеските поморски сили. Јужното Кинеско Море е главната област на одговорност за таканаречената кинеска Јужноморска флота.

Тековната вежба се изведува во согласност со кинеско-рускиот годишен план за воено ангажирање и билатералниот договор, соопшти кинеското Министерство за одбрана. Целта е да се демонстрира „одлучноста и способностите на двете страни во заедничкото решавање на заканите за поморската безбедност“.

Воените маневри во Кина се најнови во низата заеднички активности меѓу кинеската и руската армија.

Руската корвета „Совершењи“ го напушти родното пристаниште Владивосток на Далечниот Исток и се приклучи на работната група на кинеската морнарица во Источното Кинеско Море, објави руската пацифичка флота на 4 јули, започнувајќи го четвртиот круг заеднички поморски патроли во азиско-пацифичкиот регион, се вели во соопштението, без да се открие точната локација.

Кинеско-руските поморски вежби доаѓаат во време на зголемени тензии во Јужното Кинеско Море.

Бродовите на кинеската и филипинската крајбрежна стража имаа неколку судири, при што кинеската страна употреби водени топови во спорните води.

Американската морнарица редовно распоредува свои носачи на авиони во Јужното Кинеско Море. Сепак, во моментов нема достапни носачи за распоредување во западниот дел на Пацификот, според USNI News, кој го води Американскиот поморски институт.

Пријателство меѓу Кина и Русија „без граници“

Кина и Русија се зближија во последниве години, карактеризирајќи го нивното пријателство како „без граници“, а заедничко им е „непријателството“ кон НАТО алијансата предводена од Соединетите Држави.

Пекинг дополнително ги зајакна своите дипломатски, економски и воени врски со Москва од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Кина, која никогаш не ја осуди инвазијата, тврди дека е неутрална страна во конфликтот. Но, западните лидери ја критикуваа за обезбедување политичка и економска поддршка за Русија, вклучително и трговија со стоки што имаат и цивилна и воена употреба, пренесува АФП.

Пацификот е жариште на меѓународни тензии околу споровите за суверенитет меѓу Пекинг и неколку негови соседи поддржани од САД, како што се Јапонија, Филипините и Тајван.

Кина и Русија редовно одржуваат заеднички воени вежби, но нивното ниво на интероперабилност е значително пониско од она на НАТО алијансата, објави Институтот за безбедносни студии на Европската Унија во извештајот на почетокот на јули.

Во 2023 година, бродовите на двете земји учествуваа во поморска вежба во близина на американската држава Алјаска.

XS
SM
MD
LG