Достапни линкови

Како да се спречи гладот ​​во Газа?


Палестинци чекаат ред за оброк во Рафа, Појасот Газа, 16 февруари 2024 година
Палестинци чекаат ред за оброк во Рафа, Појасот Газа, 16 февруари 2024 година

Обединетите нации (ОН) предупредија дека раширениот глад во Појасот Газа е „речиси неизбежен“ доколку не се преземе акција. Проценките се дека повеќе од четвртина од 2,3 милиони жители на Газа се соочуваат со катастрофални нивоа на сиромаштија и глад.

Уште во јануари, агенциите на Обединетите Нации предупредија дека е потребна итна суштинска промена во протоколот за хуманитарна помош за Газа поради зголемениот ризик од глад, но и поради тоа што се повеќе луѓе се изложени на епидемии на смртоносни болести.

Официјалниот заклучок дека гладот стигнал до крајбрежната енклава од 2,3 милиони луѓе би можел да се постигне следната недела, пишува Ројтерс.

Што е глад и кој прогласува недостаток на храна?

Гладот се оценува според интегрираната класификација на фазата на безбедност на храната (IPC). Тоа е иницијатива составена од повеќе од десет агенции на Обединетите Нации, регионални тела и групи за помош.

За да се прогласи глад, најмалку 20 отсто од населението мора да страда од екстремен недостиг на храна, при што секое трето дете е акутно неухрането и две од секои 10 000 умираат дневно од глад или неухранетост и болести.

Глад беше прогласен двапати во последните 13 години: во Сомалија во 2011 година и во делови од Јужен Судан во 2017 година.

Каква е моменталната оценка за ситуацијата во Газа?

Кон крајот на декември, IPC соопшти дека прагот од 20 проценти веќе бил надминат во Газа.

Тие наведоа дека преостанатите два прагови, бројот на деца кои се акутно неухранети и бројот на луѓе кои секојдневно умираат од глад или неухранетост и болести, „исто така може да се надминат во одреден момент“ во наредните месеци.

„Постои ризик од глад во проектираниот период до мај 2024 година, доколку сегашната состојба продолжи или се влоши“, се вели во соопштението.

Обединетите Нации во февруари соопштија дека се проценува дека повеќе од четвртина од 2,3 милиони жители на Газа „се соочуваат со катастрофални нивоа на сиромаштија и глад“. Се вели дека без акција, раширениот глад би можел да биде „речиси неизбежен“.

IPC треба да објави нова анализа за ситуацијата во Газа до средината на март.

Што вели Светската здравствена организација?

За време на посетата на Светската здравствена организација (СЗО) на болниците Ал-Авда и Камал Адван во северниот дел на Газа на почетокот на март што беше прва од почетокот на октомври, шефот на оваа организација Тедрос Аданом Гебрејесус на мрежата Х напиша дека недостигот на храна резултирал со смрт на десет деца.

Д-р Тедрос објави за „тешки нивоа на неухранетост, за деца кои умираат од глад, за сериозен недостиг на гориво, храна и медицински материјали и за уништени болнички згради“ во северниот дел на Газа, каде што се проценува дека 300 000 луѓе живеат со малку храна и чиста вода.

Посетите беа први на СЗО по неколку месеци „и покрај нашите напори да добиеме поредовен пристап до северна Газа“, напиша првиот човек на СЗО.

Што значи да се прогласи глад?

Иако прогласувањето глад не предизвикува никаков формален одговор, тоа може да помогне за глобалното внимание да се фокусира на тоа како да се помогне.

Но, како што соопшти Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања: „Кога ќе се прогласи глад, за премногу луѓе е доцна“.

Кој е одговорен за моменталната ситуација во Газа?

Обединетите Нации гледаат на Израел како окупаторска сила во Газа и велат дека израелската војска има одговорност да овозможи хуманитарни операции внатре во енклавата.

Женевската конвенција за военото право од 1949 година го наведува следново:

„Во најголема достапна мера, окупаторската сила има должност да обезбеди храна и медицински материјали за населението“.

Што вели Израел?

Израел ги освои Западниот Брег, Газа и Источен Ерусалим во војната во 1967 година. Тоа се областите на историската Палестина кои Палестинците ги сакаат за држава. Израел се повлече од Газа во 2005 година, а Хамас, прогласен за терористичка организација од ЕУ и САД, победи на изборите во 2006 година. Но, Израел, заедно со соседен Египет, сè уште ги контролира границите на енклавата.

Израелските лидери долго време тврдат дека Газа и Западниот Брег не се формално окупирани со образложение дека биле заробени од Јордан и Египет за време на војната во 1967 година, а не од суверена Палестина. Израел, исто така, ги нагласува историските и библиските врски на еврејскиот народ со земјата.

Зошто е толку тешка хуманитарната ситуација во Газа?

Војната во Газа започна кога борците на Хамас го нападнаа Израел на 7 октомври, убивајќи околу 1 200 луѓе и земајќи 253 заложници, според израелските извештаи.

Израел возврати со првично воведување „целосна опсада“ на Газа и започнување воздушен и копнен напад во кој загинаа околу 30 000 Палестинци, според здравствените власти во енклавата под раководство на Хамас.

Помошта во моментов може да се достави до јужниот дел на Газа преку преминот Рафа од Египет и Керем Шалом од Израел.

Палестинската агенција за бегалци на ОН, УНРВА соопшти дека во просек речиси 97 камиони можеле да влезат во Газа секој ден во текот на февруари, во споредба со околу 150 камиони дневно во јануари, што е сепак далеку под целта од 500 камиони дневно.

Обединетите Нации го опишаа пристапот до помошта како „непредвидлив и недоволен“, обвинувајќи ги воените операции, несигурноста и големите ограничувања за испораката на основните резерви.

Конкретно, ОН наведуваат: затворање на граничните премини, строги ограничувања на движење, одбивање на пристап, тешки процедури за проверка, безбедносни ризици, инциденти со очајни цивили, нарушување на редот и законот и ограничувања на комуникацијата и заштитната опрема.

Израел соопшти дека е посветен на подобрување на хуманитарната ситуација во Газа и дека нема ограничувања за помошта за цивилите. Тој ги обвини Обединетите Нации за проблеми со испораката, велејќи дека ограничувањата на износот и темпото на помош, зависат од капацитетот на ОН и другите агенции.

Како да се спречи гладот во Газа?

Соединетите Држави (САД) и другите меѓународни влади повикаа на зголемена помош за опколената палестинска енклава, пренесува Еуронјуз.

Американскиот претседател Џо Бајден ја истакна итната потреба да се зголеми помошта за Газа.

„Мораме да испорачаме повеќе помош за Газа. Нема изговори, нема“, рече американскиот претседател.

Со оглед на затворањето на повеќето гранични премини во Газа, помошта беше доставена и со нејзино фрлање низ воздух.

Шефовите на Светската програма за храна (WFP), УНИЦЕФ и Светската здравствена организација (СЗО) во јануари рекоа дека добивањето доволно резерви во и преку Газа сега зависи од неколку фактори.

Неопходно е да се отворат нови влезни рути, да се овозможи повеќе камиони да минуваат низ граничните контроли секој ден, а потоа помали ограничувања за движењето на хуманитарните работници, како и гаранции за безбедност на луѓето кои пристапуваат и дистрибуираат помош.

XS
SM
MD
LG