Достапни линкови

Мрзеливи да се најде македонски збор, „расположени“ за туѓите


Илустрација - Средношколци во Скопје
Илустрација - Средношколци во Скопје

„Епик сејв“, „кидера“, „колд“, се дел од изразите кои младите ги користат секојдневно. Зошто е важно да се знае прво мајчиниот јазик и колку туѓите зборови можат да се заменат со наши? Како оваа појава ја толкуваат експерти, а „превод“ на актуелните изрази од странско потекло, побаравме од младите.

Ако момче успеало да шармира девојка, средношколците знаат да речат дека „ја ризнал“. Ако се погодило некој да не отиде во училиште бидејќи е болен баш на денот кога има тежок тест по математика на пример, другарите може да му речат дека тоа е „епик сејв“, односно „се спасил“, а спасот е од „епски размери“.

Да се зборува вака е сосема вообичаено за дел од младите. Некогаш, тешко им е да се сетат на изразот на македонски.

„Да бидам искрен, полесно ми е така да се изразувам, до тој степен што некогаш ми треба повеќе време да се сетам како да го кажам истото на македонски. За нас е нормално да речеме 'сигма' за некое машко кое е популарно и го сакаат девојките, или 'колд' кога некој ќе направи нешто многу добро, 'јако'... Оној кој се однесува како мало дете во нашиот говор е 'кидера'“, вели средношколецот Гоце.

Средношколката Јана, пак, објаснува дека „фејкер“ е човек што лаже и тоа можеби полесно би го разбрале повозрасните кои знаат дека „фејк“ е нешто лажно. Но има други зборови, кои за да се разберат, треба да им се објаснат на постарите генерации.

„На пример, тие што секогаш носат брендирана облека и излегуваат само на популарни места, а некогаш ги нарекувале 'кремци', денес ние ги нарекуваме „гасери“. Другите пак, на кои не им е важно да носат бренд, претежно слушаат алтернативна музика и главно излегуваат во градскиот парк ги нарекуваме 'паркаши'', вели Јана.

Превод или контекст на некои од ваквите изрази, понекогаш од средношколците бара и професорката Тања Алексиќ. Таа предава македонски јазик во скопската гимназија „Корчагин“, а забележува дека во сленгот на младите има многу србизми.

„Многу го користат ‘пошо’, од српското 'пошто', а зборот на македонски јазик е бидејќи, дека, оти, затоа што. Имаме четири зборови со кои би се заменил ‘пошо’. Јас на шега им велам: ‘Куд си пошо бре буразеру?’. Потоа, ‘секад’ исто, од секогаш. Едни велат ‘никад’ за никогаш, другите од секогаш направиле ‘секад’. Тоа е нивен шатро-жаргон јазик“, вели професорката.

Ако зборуваат само меѓу себе не е опасно, но поинаку е во официјални настапи, забележува таа.

„Опасно е кога ние зборуваме сленговски официјално, во училиште, на медиумите, во јавни настапи, политичарите, во парламентот. Тоа е веќе сериозно. Меѓутоа, сленговски, жаргонот ако се користи во секојдневието, во нивната интерна комуникација е симпатичен. Не може вие да очекувате млади кога одат во дискотека, во гужвата да речат: ‘Се извинувам момче, ако може малку поттргни се за да поминам, да одам да земам пијалак’. Невозможно! Ќе рече: ‘брат бегај, тргај се, гитла’, додава Алексиќ.

Директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, д-р Елена Јованова-Грујовска, магистрирала на тема поврзана со жаргонот или сленгот како јазик на младите. И тогаш и сега, вели, заклучокот е ист.

„Сленгот има најкраток век на живеење. Тоа е одлика на јазикот на една група млади луѓе и генерациски се разликува. Оној сленг што го користат младите на 25 е различен од оној што го користат младите на 20 години“, вели Јованова-Грујовска.

Таа се согласува дека жаргонот не го загрозува македонскиот литературен јазик, но исто така предупредува на опасност кога ваквите изрази се користат во официјален стил.

Професорката Алексиќ порачува дека убаво е младите да знаат повеќе јазици, но на прво место треба им биде мајчиниот јазик.

„Добро е да речеме кога го читаат Бодлер на француски или Виктор Иго на англиски, од неговото јазично подрачје. Ама тоа не значи дека не може да го разберат македонскиот јазик. И тоа како мора да го знаат македонскиот јазик и официјално да го користат“, порачува професорката Алексиќ.

Дали македонскиот им е на прво место?

За младата скопјанка Софи Василевска, ако книгата е напишана на англиски треба и да се чита на англиски, бидејќи според неа, преводите од англиски на македонски се лоши.

„Ако имам 70 книги, пет од нив се на македонски“, вели Василевска.

Во друштвото на нејзината пријателка, Ивана Ристиќ, оние кои читаат, тоа го прават исто така на англиски.

„Го имаат истото мислење како мене, дека читањето на македонски е малку здодевно, нема убави изрази. На англиски, сепак е некако поразлично и повеќе ни се допаѓа на сите“, додава Ристиќ.

Таа дури и некои лектири ги чита на англиски, па потоа, како што вели, само „си ги преведува“ во глава.

Но, ова е погрешен пристап според младиот Кристијан Бојаровски.

„Треба да си го почитуваме нашиот јазик и да читаме на македонски и да говориме на македонски“, смета Бојаровски.

Младиот Иван Ристевски, пак, вели дека има добри наслови на македонски, но врсниците треба повеќе да истражат.

„Мислам дека треба малку да се стави акцент на нашиот јазик бидејќи навистина е големо богатство“, вели Ристевски.

Младите читаат, ама колку, што и на кој јазик?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:56 0:00

„Раниот билингвизам стана модерен, на сметка на мајчиниот јазик“

Проблем прави раниот билингвизам, ако родителите од мали ги насочуваат децата кон англискиот јазик, наместо кон мајчиниот и вака како деца подоцна прозборуваат, а како млади имаат проблем со прифаќањето и усвојувањето на македонскиот јазик, предупредува Јованова-Грујовска.

„За да порасне такво дете, треба од мало да му е наметнувано дека македонскиот секако ќе го научи, но битно е да го знае англискиот кој што ќе му биде прозорец кон светот и можност за работа во целиот свет, дури и за заминување од родната земја. Едноставно, како родителите сами да си ги подготвуваат децата да заминат од родната земја“, смета таа.

Според неа, раниот билингвизам станал модерен на сметка на мајчиниот јазик, па цели семејства се однесуваат кој мајчиниот јазик како кон јазик со помала вредност.

„Децата не треба мислат дека се „ин“, еве ќе искористам англонизам, ако зборуваат странски јазици, а се „аут“, ако зборуваат македонски јазик. Нема ништо пошармантно и подобро до тоа човек да го зборува јазикот на државата во која било прилика, а дома како сака“, вели професорката од Корчагин, Алексиќ.

Треба да се наоѓаат нови македонски зборови

Некои зборови само „поминуваат“. Тие се дел од јазикот година, две, три, пет и потоа исчезнуваат. Но, има зборови кои што остануваат, забележува директорката на Институтот за македонски јазик.

„Задача на Институтот за македонски јазик е да ги препознае зборовите што би влегле евентуално во дополнувањето на толковниот речник. Меѓутоа, тука не треба многу да се брза. Зошто? Затоа што, многу е непријатно човек така да каже, меѓутоа, ќе речеме, во наводници, се покажавме како мрзелив народ, на кој што му е многу полесно да земе туѓ збор, англизам, отколку да се потсети на македонски збор кој би можел, со второ, трето значење, а веќе се користи во јазикот, да му се даде нова вредност и да се користи за пренесување на информација“, вели Јованова-Грујовска.

Ако само примаме нови зборови, англизми, заборавајќи ги македонските, сами си ја копаме дупката за уништување на јазикот, смета таа.

„Хрватите работат на кованици. Ние им се смееме на тие кованици, меѓутоа тие си работат на случајот. Како што и ние треба да работиме на нашиот случај. Да не речеме после дека сиромашен ни е јазикот, немаме директен превод. И немаме, и од српски јазик колку пати бараме збор кој не можеме соодветно да го преведеме. Треба да се истражува повеќе, Институтот да работи и да го јакне јазикот“, вели Алексиќ.

Случајот со Хрватите кои на старите зборови им даваат нови значења и ги заживуваат е богатење на лексиката. Но, и за да се внесат нови зборови, треба да има период на адаптација и заживување, бидејќи важно е колку зборови по десетина години ќе останат од овие сега што влегуваат, посочува Јованова-Грујовска.

Институтот најавува обуки за новинари каде ќе се препорачуваат јазични форми, а има во план да им препорача на институциите да обезбедат обуки за подготовка на политичарите за јавен настап бидејќи, како што вели директорката, тие секојдневно „се во домовите“ на граѓаните и имаат влијание.

Во подготовка е и првиот том од правописниот речник на современиот македонски јазик, каде што ќе има нови зборови кои експертите откриле дека живеат.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG