Достапни линкови

Кој е Масуд Пезешкијан, новоизбраниот претседател на Иран?


Масуд Пезешкијан
Масуд Пезешкијан

Новиот ирански претседател Пезешкијан е лекар кој 16 години беше пратеник во парламентот на Иран. На изборите тој водеше кампања за помалку конзервативен став за носење хиџаб, а изрази и отвореност за преговори со Западот и за постигнување на нов нуклеарен договор.

Умерениот реформист Масуд Пезешкијан победи на вториот круг од претседателските избори во Иран на 5 јули против ултраконзервативниот кандидат Саид Џалили и ќе стане деветтиот претседател на Исламската Република Иран.

Како што објави портпаролот на изборните органи, Мохсен Еслами на државната телевизија на 6 јули, Пезешкијан освоил 53,7 отсто од гласовите, додека Саид Џалили добил 44,3 отсто.

„Ќе ја подадеме раката на пријателство на сите. Треба да го искористиме целиот народ на Иран за напредокот на земјата“, рече Пезешкијан во своето прво обраќање по победата.

Излезноста во вториот круг беше 49,8 отсто, по рекордно ниските 40 отсто во првиот.

Изборите, на кои учествуваа околу 30 милиони Иранци, не беа набљудувани од ниту една меѓународно призната набљудувачка организација.

Поранешниот министер за здравство, Пезешкијан, во иранскиот парламент во последните 16 години ја претставуваше провинцијата Западен Азербејџан, со мнозинско етничко азербејџанско население.

Пезешкијан во првиот круг од претседателските избори во Иран на 28 јуни, кога освои 42,5 отсто од гласовите.

Изборите во Иран се одржаа една година порано поради смртта на претседателот Ебрахим Раиси во хеликоптерска несреќа во мај.

Неговите поддржувачи тврдеа за време на кампањата дека победа на неговиот противник Саид Џалили би значела воспоставување на влада слична на талибанската во Авганистан.

И покрај тоа што е повеќе од 20 години во политиката, Пезешкијан досега не се соочил со обвинувања за корупција и не бил вмешан во никакви политички скандали.

Пезешкијан е роден во градот Махабад во провинцијата Западен Азербејџан со мнозинско курдско население и течно зборува курдски и азербејџански.

Лекар по професија, Пезешкијан беше на првите линии за време на Иранско-ирачката војна 1980-88 година за да се бори и да служи како лекар. Специјализирал кардиохирургија по војната.

Седумдесетгодишникот Пезешкијан работел и во академскиот свет, служејќи како шеф на Универзитетот за медицински науки во Табриз од 1994 до 1999 година.

Пезешкијан влезе во политиката веднаш по напуштањето на универзитетот, преселувајќи се во Техеран во 2000 година за да служи како заменик министер за здравство во владата на тогашниот претседател Мохамад Катами.

Во 2001 година, Катами го именуваше Пезешкијан за свој министер за здравство.

Две години подоцна, парламентот неуспешно се обиде да го отповика Пезешкијан поради, како што велат неговите критичари, лоши назначувања и лошо користење на заем од Светска банка, меѓу другите наводни неуспеси.

Во 2008 година, три години по напуштањето на владата, Пезешкијан се кандидираше за парламентот и заврши на првото место во изборната единица Табриз.

Тој е избран во парламентот пет последователни четиригодишни мандати.

Од 2016 до 2020 година -- кога умерените и реформистите го контролираа законодавниот дом -- Пезешкијан беше еден од двајцата заменици претседатели на парламентот.

Пезешкијан се кандидираше за претседател во 2013 година, но се откажа без да поддржи никого.

Тој повторно ја испроба среќата во 2021 година, но беше дисквалификуван да се кандидира од Советот на чувари, уставно тело кое исто така ги проверува кандидатите кои учествуваат на големите избори.

Пезешкијан често го рецитира Куранот и е експерт за Нахџул Балага, компилација од проповеди и изреки кои му се припишуваат на првиот шиитски имам, Али. Книгата зазема посебно место меѓу шиитите во Иран.

Поранешниот министер за здравство ги критикуваше политиките на исламската република за хиџабот, предупредувајќи во 2023 година дека тоа само ги охрабрува луѓето да ја мразат религијата.

Пезешкијан водеше кампања за помалку конзервативен став за носење хиџаб, по масовните протести во Иран поради смртта на Махса Амини во 2022 година додека беше притворана на иранската полиција за морал.

Тој изрази отвореност за преговори со Западот и во минатото ги критикуваше скандирањата против други земји, вклучително и САД.

Пезешкијан изјави дека сака подобри односи со Западот и да постигне нов нуклеарен договор со него.

Но, Пезешкијан, исто така, зборуваше за поддршка на принципите на исламската република и инсистираше на тоа дека треба да се следат политиките поставени од врховниот водач, ајатолахот Али Хамнеи.

Претходно оваа година, Пезешкијан рече дека интервенцијата на Хамнеи гарантирала дека тој нема да биде дисквалификуван да се кандидира на парламентарните избори во март.

Тој зборуваше во одбрана на правата на малцинствата, но неговите критичари го обвинија дека ги поткопува националистичките чувства меѓу етничките Азербејџанци во Иран. Тој ги отфрли обвинувањата.

XS
SM
MD
LG