Германскиот канцелар Олаф Шолц вети целосна истрага откако снимка од наводно доверливи воени разговори за војната во Украина, беше објавена на руските социјални мрежи.
На снимката, која се појави, се разговара за начинот на кој германските офицери би можеле да им дадат на Украинците информации за таргетирање без да изгледа дека се директно вклучени во конфликт со Русија, како на пример: како Киев може да користи софистицирани ракети Таурус за да уништи руски мост кон Крим.
Протекувањето е протолкувано како голем срам за Берлин, што укажува на ранливоста на Германија од руско шпионирање, пишуваат светските медиуми.
Детали за вмешаноста на Западот
Командантот на германските воздухопловни сили ги собра своите највисоки офицери на таен состанок минатиот месец за да разговараат за можната испорака на најмоќните наведувани ракети од неговата земја во Украина.
Оружјето со долг дострел може да се користи за уништување на мостот Керч, кој ја поврзува Русија со окупираниот украински полуостров Крим, изјавија германските офицери.
Она што не го знаеле е дека руските шпиони го снимиле нивниот разговор, откривајќи доверливи детали за вмешаноста на Западот во Украина, пишува Волстрит Џурнал, додавајќи дека 38-минутната аудио снимка од дискусијата била објавена на интернет доцна во петокот (1 март) од директорката на Руската државна телевизијата РТ.
Високи германски претставници ја потврдија автентичноста на снимката за американскиот весник и рекоа дека состанокот се одржал на комерцијалната, нешифрирана платформа WebEx, алатка за онлајн конференции.
Состанокот се фокусирал на тоа како Германија би можела да организира испорака и операција на крстаречки ракети Таурус со долг дострел доколку бидат испратени во Украина, пишува Волстрит Џурнал, истакнувајќи дека германскиот лидер Олаф Шолц одбил да ги испрати ракетите и покрај молбите од Киев и притисокот од внатре од сопствена влада.
На снимката има и официјални лица кои велат дека Британија, Франција и САД задржуваат војници во Украина за да помогнат во управувањето со софистицираните западни системи за оружје, што посочните земји го негираа.
Протекувањето, кое е пропагандна победа за Кремљ, предизвика бес во Германија и може да ги заостри односите со сојузниците на Германија во НАТО.
Тоа е, исто така, последен во серијата инциденти кои ја истакнуваат ранливоста на Германија од руско шпионирање, пишува весникот, истакнувајќи дека висок офицер на германската надворешна разузнавачка служба БНД неодамна беше уапсен под обвинение дека шпионирал за Москва.
Официјални лица запознаени со германската истрага за протекувањето на аудио снимката, рекоа дека WebEx е широко користен од војската и другите чувствителни оддели на германската влада.
„Ова треба да биде повик за будење“, предупредува еден висок функционер.
Итна истрага
Канцеларот Олаф Шолц вети брза истрага за руското протекување на тајни разговори за украинската војна, посочува Дојче веле, додавајќи дека германската армија потврдила дека разговорите се реални, но не може да исклучи дека снимката е монтирана.
Шолц го опиша протекувањето на снимката од доверлива дискусија меѓу високи офицери на Бундесверот за војната во Украина како „многу сериозна работа“, велејќи дека „сега ќе се истражува многу внимателно, многу интензивно и многу брзо".
Аудиото вклучува дискусија за тоа дали крстосувачките ракети Таурус ќе бидат способни да го уништат мостот, што се чини дека е референца за новиот мост што го поврзува окупираниот од Русија Крим, со руското копно, преку теснецот Керч.
Во протечената аудио-снимка, тие зборуваа за начините на кои германските офицери би можеле да им дадат информации за таргетирање на Украинците без да изгледаат дека се директно вклучени во конфликтот со Русија.
Во снимката се споменува и дека Британците имаат „неколку луѓе на терен“ во врска со распоредувањето на нивните крстосувачки ракети „Storm Shadow“ испорачани во Украина.
„Ако оваа приказна се покаже како вистинита, тоа би бил многу проблематичен инцидент“, изјави Константин фон Ноц, претседател на парламентарната комисија за надзор на Бундестагот.
Родерих Кизеветер, од централно-десничарската Христијанско-демократска унија и заменик-претседател на парламентарната комисија за надзор на Бундестагот, рече дека се чини дека Русија го објавила видеото за да изврши притисок врз Германија да не испорачува ракети Таурус на Украина.
„Голем број други разговори сигурно ќе бидат пресретнати и подоцна може да бидат обелоденети во корист на Русија“, изјави тој за ЦДФ.
Испорака на ракетите Таурус
Киев долго време ја повикува Германија да и обезбеди ракети Таурус, кои можат да достигнат цели и до 500 километри, но Шолц досега одбиваше да ги испрати ракетите, загрижен дека тоа ќе доведе до ескалација на конфликтот, пренесува агенцијата Франс прес.
Франција и Британија испорачаа проектили SCALP и Storm Shadow на Киев, кои имаат дострел од околу 250 километри. Стекнувањето на германските ракети Таурус ќе обезбеди огромен поттик за Украина додека Киев се бори да се одбрани од руската инвазија.
Сепак, Шолц минатата недела рече дека Германија не може да го оправда усогласувањето на британските и француските потези во испраќањето ракети со долг дострел во Украина и поддршката за распоредување на вооружени системи.
„Ова е оружје со многу долг дострел и она што го прават Британците и Французите во однос на таргетирањето и поддршката за тагретирањето не може да се направи во Германија“, рече Шолц, без да прецизира што точно мисли.
Британија негираше каква било директна вмешаност во управувањето со ракетите.
Мари-Агнес Штрак-Зимерман, претседателка на Комисијата за одбрана на германскиот парламент, рече дека намерата на Москва е „очигледна“.
„Шолц беше „предупреден“ да не ја снабдува Украина со ракети Таурус, рече таа, нагласувајќи дека Германија мора „веднаш да ја зголеми безбедноста и контраразузнавањето, бидејќи ние сме очигледно ранливи во оваа област“.
Одговорот на Москва
Руската пропаганда побрза да ја критикува Германија за протечената снимка, пишува Политико, истакнувајќи дека поранешниот руски претседател и премиер Дмитриј Медведев лажно тврдел дека германските генерали разговарале за плановите за напад на руски цели на Крим.
Нашите историски противници, Германците, повторно се претворија во наши најголеми непријатели“, напиша Медведев на Твитер.
Руската амбасада во Берлин не одговори на барањето за коментар испратено преку електронска пошта за наводите за можно шпионирање, пишува Ројтерс.
Портпаролот на руското Министерство за надворешни работи во петокот на социјалните мрежи изјави:
„Бараме објаснување од Германија“, без подетални образложенија за што се загрижени.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во саботата разговараше со новинарите за „лукавите планови на Бундесверот (германските вооружени сили), кои станаа очигледни поради објавувањето на оваа аудио снимка.
„Ова е еклатантно разоткривање“, рече Лавров.