Достапни линкови

 
Законски измени за енергетска транзиција или закана за земјоделството?

Законски измени за енергетска транзиција или закана за земјоделството?


Илустративна фотографија - фотоволтаици
Илустративна фотографија - фотоволтаици

Со измените на Законот за урбанистичко планирањемногу полесно ќе се пренаменува земјоделско земјиште во градежно, што отвора простор за засилена експанзија на фотоволтаични централи и ветерници. Еколошките организации предупредуваат на ризик од трајна загуба на земјиште за производство на храна

Значително се поедноставува процесот за пренамена на земјоделско земјиште во градежно, откако Собранието на 12 февруари усвои измени на Законот за урбанистичко планирање. Законска измена отвора простор за полесна реализација на проекти за обновливи извори на енергија, како што се фотоволтаични централи и ветерници.

Овие мерки според властите се во насока на реализација на националната стратегија за забрзување на транзицијата кон обновливи извори, како што стои во текстот на законот, но еколошките организации предупредуваат дека потегот ќе доведе до загуба на земјоделско земјиште неопходно за производство на храна во услови на се позасилена климатска криза.

Олеснувањето на пренамената на земјоделско земјиште во градежно се однесува и на државни и на приватни парцели. Измените доаѓаат во услови на наплив на инвестиции во фотоволтаици. За две години во земјава беа инсталирани капацитети над 600 мегавати, според податоците на Регулаторната комисија за енергетика.

Здружената иницијатива Зелен Хуман Град, составена од 23 граѓански организации, процесот за донесување на законот во Собранието по скратена постапка го оценија како нетранспарентен и упатија барање до претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова да не го потпишува указот.

Во одговор кој Радио Слободна Европа го доби од Кабинетот на претседателката Сиљановска Давкова, е наведено дека ветото е демократски механизам за ограничување на законодавната власт „во духот на системот на спреги и кочници, а не е инструмент на претседателот за стекнување публицитет во јавноста преку овјавување и обзнанување“.

„За да се примени, потребни се аргументурани забелешки на определени членови и ставови од Законот, експертски видувања, како и лична убеденост на претседателката“, се вели во одговорот од Кабинетот на претседателката Сиљановска Давкова.

Во одговорот се вели дека претседателката го прочитала апелот на Зелен хуман град и веднаш побарала информации од предлагачите на измените, но и од министерот Александар Николоски.

Таа укажува дека за нејзино посегање по ветото не е доволен само апелот и советува во активностите на невладините организации да нема политички забелешки, како оваа:

„Законот за градење во своето минато единаесетгодишно владеење, оваа власт го менуваше дури 29 пати", оти сегашнава влада е на власт неполни осум месеци“ се вели во одговорот на претседалката.

„За претседателката е релевантно дека последниве измени на Законот за урбанистичко планирање беа изгласани со 68 гласа ,,за" меѓу кои и гласовите на поранешниот министер за транспорт и врски, Благој Бочварски, Даниела Николова, Јован Митрески, Миле Талевски и Оливер Спасовски“, се вели во одговорот.

„Во разговорот, министерот Александар Николоски на претседателката и предочи дека се работи за државно земјиште од шеста категорија и дека постојат правни механизми за оневозможување на злоупотребата на плодното земјиште за поставување на фотоволтаични централи и ветерници“, велат од Кабинетот на претседателката.

И покрај потпишувањето на указот, претседателката вели дека смета дека оти е важно да укаже на следново:

„Скратената постапка на донесување и измена на закони треба да се примени само во случај на хармонизација на легислативата со европското право, како и при мали и неважни законски измени“;

Дека е време е да се искористи деловничката можност за вклучување на претставници на засегнатите страни, невладините организации и експерти во комисиската расправа“;

Како и редовната постапка за донесување на закони на претседателката ќе и овозможи време за увид, анализа, промисла и постапување, а не како во случајов кога целата постапка траеше 7 дена“, се вели во одговорот за Радио Слободна европа.

Од Зелен Хуман Град велат дека македонското земјоделство со децении се соочува „со низа удари предизвикани од лоши владини политики поради кои имаме незапаметен пад во домашното производство и екстремно висока зависност од увоз на храна“.

Активистот на Зелен Хуман Град, Марјан Калевски за Радио Слободна Европа објаснува дека промените ќе имаат ретроактивно дејство, што значи дека веќе одобрени урбанистички проекти за фотоволтаици и ветерници, кои пред измените на законот не можело да се спроведат, сега ќе може да се градат на земјоделско земјиште.

„Со измените на Законот за урбанистичко планирање ќе се уништи плодно земјоделско земјиште со поставување фотоволтаични централи и ветерници и покрај тоа што министерот за земјоделство пред неколку месеци вети дека ова нема да се дозволи“, вели Калевски.

Што се менува со законот?

Целта на измените, како што стои текстот на законот, е да се утврдат роковите и условите за планирање на просторот и за прецизна изработка на урбанистички планови и проекти за изградба на ветерници и фотоволтаици.

„Измените ги утврдуваат роковите и прецизираат кога земјиштето добива статус на градежно, за да се обезбеди ефикасна реализација на проекти за ветерници и фотоволтаици“, се вели во текстот.

Роковите за планирање се променети на две години предвидени за урбанистичките проекти и три години за плановите од државно значење надвор од населени места.

Земјиштето добива статус на градежно по одобрување на ваков проект. Ако проектот не се заврши, условите за пренамена престануваат да важат во рок од 6 месеци до една година.

Рокот за планирање се продолжува од 5 на 10 години за веќе одобрени проекти, а земјиштето каде се планираат проекти за ветерници и фотоволтаици одобрени пред измените на законот, автоматски се смета за градежно земјиште.

„О2 Иницијатива“: Оживување на застарени планови

Реакции дојдоа и од граѓанското здружение „О2 Иницијатива“ од каде велат дека со измените, урбанистичките планови и документацијата за пренамена на земјоделско во градежно земјиште ќе важат до 18 февруари 2030 година, ако се обезбеди одобрение за градење до тој рок.

„Наместо да се изврши ревизија на согласностите ако се дадени за плодно земјоделско земјиште, сега ќе важат овие застарени согласности до февруари 2030! План од 2009 ќе може да добие одобрение за градење во февруари 2030“, вела од О2 Иницијатива.

Оттаму додадваат дека се укинува одредбата според која земјиштето опфатено со урбанистички проекти надвор од населени места останува со својот првичен статус (земјоделско, шумско или друго), освен ако нема економска оправданост за урбанистички план.

„Сега тоа земјиште автоматски станува градежно, неповратно“, велат од „О2 Иницијатива“.

За предлагачите на законот, неколку пратеници од владејачкото мнозинство, овие измени ќе овозможат подобра контрола, како што е наведено, врз сегашната експанзија на урбанистички планови и проекти за изградба на ветерници и фотоволтаични панели и според нив тоа ќе помогне тие проекти да се усогласат со реалните потреби за нивна изградба.

Обиди за олеснета пренамена на земјоделско земјиште во градежно доаѓаа и во изминативе години од властите, кои предлагаа измени на Законот за земјоделско земјиште.

Политики споротивни на руралниот развој

Реакции доаѓаа од граѓанските организации. Од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ реагираа дека вакви законски измени се спротивни на актуелните политики за земјоделие и рурален развој на државата како и политиките за климатска акција усвоени во последните три години.

„Недозволиво е поради заштита на интересите на приватни инвеститори да се нанесува огромна штета на државата, граѓаните и земјоделците“, беше ставот на „Еко-свест по предложените вакви измени во 2023 година од страна на претходното владејачко мнозинство.

Од Зелен Хуман Град велат дека приоритет на државата треба да биде фотоволтаичните системи да се поставуваат на постојните кровни површини, особено на јавните институции кои користат загадувачки енергенси.

„Соларната енергија мора да се искористи за укинување на енергетските монополи, а не за продлабочување на енергетската сиромаштија и должничкото ропство. Секое домаќинство, заедница на станари и деловен објект треба да има можност да постави свој фотоволтаичен систем и да го враќа вишокот енергија во мрежата по фер цена,“ вели Калевски.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG