Без многу помпезност и непосредно пред големиот самит на ЕУ, Европската комисија на 20 март ги објави своите идеи за тоа какви реформи треба да преземе блокот за да прими повеќе членки.
Идеите се напишани на само 22 страници, но тие се далеку од тоа дека нуди решенија за сè што е овде и сега. Наместо тоа, собирани се некои првични размислувања откако претходно беа направени неколку прегледи во различни полиња на политиката што Европската комисија ќе ги спроведе во текот на 2024 и 2025 година. Проширувањето на ЕУ, барем во моментов, се чини дека ужива некој моментум откако лидерите одлучија да започнат преговори за членство со Босна и Херцеговина, Молдавија и Украина.
Се започнува со справувањето со повеќегодишното прашање за тоа дали прво да се примат нови земји во клубот или, пак, да се започне со промена на внатрешните правила на ЕУ.
„ЕУ мора да се продлабочува додека се шири. Мора да почнеме да се подготвуваме денес за иднината на Унијата и да го користиме проширувањето како катализатор за напредок“.
Можеби едното поглавје во текстот што е навистина интересно е што мисли Комисијата за управувањето со ЕУ понатаму. Со години се водат дебати дали на ЕУ ѝ треба договор за промена во однос на прифаќањето на повеќе членки или не.
Овде, се чини дека ситуацијата е во корист на второто, бидјеќи се истакнува дека „иако Комисијата ја посочи својата поддршка за промената на Договорот, „ако и каде што тоа е потребно“, таа верува дека управувањето на ЕУ може брзо да се подобри со целосно искористување на потенцијалот на сегашните договори“.
Ова е ставот што го имаат и повеќето земји-членки на ЕУ, без сомнение обликуван од траумата кога холандските и француските гласачи го отфрлија новиот устав на ЕУ на референдумите одржани во 2005 година, а потоа неколку години подоцна истото го сторија ирските гласачи за ревидираниот договор . Тоа е Пандорината кутија којашто малкумина сакаат повторно да ја отворат.
Главното прашање, како и секогаш кога станува збор за водењето на ЕУ, е прашањето за едногласноста. Повеќето одлуки деновиве се носат со квалификувано мнозинство (55 проценти од земјите-членки кои претставуваат 65 отсто од вкупното население на ЕУ), но едногласноста останува во клучните области како што се надворешната политика, оданочувањето - и особено политиката на проширување.
Во документот се забележува дека „во поголема унија ќе биде уште потешко да се постигне едногласност, со зголемени ризици одлуките да бидат блокирани од една земја-членка“.
Значи, што може да се направи без всушност да се препише целиот правилник на ЕУ? Комисијата забележува дека таканаречените „проодни клаузули“ (passerelle clauses) во актуелниот договор на ЕУ ќе овозможат премин од едногласност кон гласање со квалификувано мнозинство (QMV) на сите полиња. Но, за да се случи таа промена, треба да има едногласност. Со други зборови, укинување на ветото за да се прекинат сите или повеќето вета.
Ова е круг што ќе биде тешко да се квадрира, бидејќи токму ветото во пракса ги прави помалите земји-членки еднакво релевантни како и поголемите. И преку заканата од вето, земјите-членки на ЕУ можат да „се пазарат“ за да добијат нешто во други полиња на политиката.
Одличен пример е Унгарија којашто бара повеќе пари од ЕУ кои се задржани поради загриженоста за владеење на правото, додека ги блокира одлуките на други полиња. Зошто Будимпешта или некој друг би се откажал од таква моќна алатка?
Документот не одговара на тоа, иако има некакви обиди. Една од нив е употребата на „конструктивни воздржани“ што значи дека земјата не кажува активно „не“ или „да“, туку дозволува одлуката да помине.
Добар пример е кога унгарскиот премиер Виктор Орбан едноставното ја напушти просторијата на неодамнешниот самит на ЕУ кога лидерите одлучија да ги отворат пристапните преговори со Украина. Но, дали тоа може редовно да се случува?
Друга идеја е да се обезбеди можност за една или неколку земји-членки да се повикаат на исклучителни основи на национални интереси за да продолжат дискусиите за да се постигне задоволително решение. Сепак, тоа го поставува прашањето колку долго ова би можело да трае и дали навистина ќе го натера блокот да се движи побрзо во клучните политички досиеја.
Има некои идеи како да се забрза и процесот на проширување - можеби најтешката од сите политики на ЕУ која е оптоварена со можности за вето.
Секое отворање на 33-те поглавја бара едногласност на 27-те земји-членки на ЕУ, како и за нивното затворање и привремени одредници во некои од поглавјата, со што вкупниот број на потенцијални блокади ќе достигне над 70.
Албанија и особено Северна Македонија се совршени примери на кандидати за ЕУ навидум засекогаш заглавени во чекалната за да се приклучат на клубот поради различни вета од една земја.
Комисијата предлага да се укине едногласноста за отворање поглавја, како и привремените мерила (benchmarks), но сепак да се задржи за затворањето на поглавјата и за конечната одлука за пристап на нова членка во Европската унија. Значи, ова ќе ги намали можностите за вето за повеќе од половина.
Поголемото прашање, сепак, останува дали земјите-членки кои сакаат да го забават процесот на проширување, или поради билатерални расправии со земја-кандидат или само за да склучат поповолен договор во сосема поинакво и неповрзано политичко поле, едноставно ќе ги максимизираат сегашните можности за вето. Како и да гледате на тоа, реформирањето на ЕУ и дозволувањето на нови земји да се приклучат ќе биде далеку од лесно.