Во изминативе три години од државната каса се одвоени речиси два милиони евра само за прослави и одбележување на државни празници, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки. Само годинава за одбележување на шест државни празници и два настани како Преспа Форум и Отворен Балкан се предвидени да се потрошат 998 илјади евра. Тендерите за овие настани ги добиваат најчесто две компании Арбериа Десигн и Скопје Филм студио.
Во топ пет листата на компании кои редовно ги добиваат тендерите за организирање на владините прослави влегува компанијата Арбериа Десигн. Според податоците за изминативе три години на Бирото за јавни набавки оваа компанија е редовно ангажирана за организирање на прославите за годишнините од Охридскиот рамковен договор и за Денот на албанската азбука.
За одбележувањето на овие два настани Министерството за политички систем на вицепремиерот Артан Груби за три години им исплатил 708 илјади евра на Арбериа Десигн. Централната прослава на скопскиот плоштад Скендер бег уште е наречена и „Мировен фестивал“ (Peace Festival 2023) на која учествуваа естрадни уметници од Албанија и Косово.
Арбериа Десигн ги организираа настаните за поставување на камен темелник за коридорите 8 и 10Д, за чиј надзор е задолжен првиот вицепремиер Груби. Тој на брифинг со новинарите посочи дека свеченоста ја платил изведувачот, американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
Со потпис на Министерот за надворешни работи Бујар Османи, Арбериа Десигн доби два тендера во вредност од 180 илјади евра за организација и изнајмување на опрема за настанот „Преспа форум“ кој се одржа на 15 и 16 јуни годинава. Еден од двата склучени договори е објавен на веб страницата на Бирото за јавни набавки неколку дена по завршувањето на настанот, иако договорот е склучен во мај.
„Арбериа Десигн“ е фирма од која секоја година се чекаат свидетелствата, а во изминативе години стана и еден од најголемите играчи во бизнисот со учебниците по воведувањето на програмата по Кембриџ во 2014 година. Најмалку 15 милиони евра во изминативе пет години „искеширала“ од буџетот за печатење на книги фирмата Арбериа Десигн. Во 2015 година оваа фирма беше најголемиот поединечен донатор на ДУИ. Сопственик на компанијата е Хасим Хамзи.
Од архивата на јавните набавки може да се види дека убедливо најголемиот број договори што ги има склучено оваа компанија се, исто така, со институции раководени од кадрите на ДУИ. Меѓу нејзините најредовни муштерии се Министерството за образование, Министерството за политички систем, Универзитетот во Тетово, Биро за развој на образование, ЈП „Македонски железници – инфраструктура“ и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Во дел од овие институции, за одреден тип набавки од канцелариски материјал, знамиња, до брендирање возила била најмувана само „Арбериа Десигн“.
За две години „Скопје филм студио“ наплати од државната каса 768 илјади евра
Тендерската документација покажува дека за одбележување на државните празници 8 септември -Денот на независноста, 2 Август – Илинденско востание, 11 октомври- Денот на востанието на Македонија и 8 декември, Свети Климент Охридски годинава се предвидени над половина милион евра од државната каса. Овој тендер го добила фирмата „Скопје филм студио“. Таа покрај одбележувањето на државните празници, има за задача да го организира настанот „Отворен Балкан“.
Во оваа цена од над половина милион евра влегува бина, опрема, изведувачи за сите настани посебно и целосна организација на прославите, покажуваат документите од Биро за јавни набавки.
Дополнително Генералниот секретаријат на Владата склучил посебен договор и за одбележување на 24 мај, Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј при што за овој настан биле исплатени 133 илјади евра.
И во двата владини тендери единствен понудувач кој се јавил на огласот е компанијата Скопје филм Студио која е во сопственост на Томи Салковски, продуцент и генерален секретар на Друштвото на филмски работници. Државниот ревизор годинава соопшти дека при ревизијата на Агенцијата за Филм утврдил „недоследности во доделените средства до Друштвото“.
Продуцентската куќа на македонскиот режисер Милчо Манчевски, „Банана филм“ годинава поднесе кривични пријави против тројца фунционери во Агенцијата за филм, обвинувајќи за незаконско финансирање на раководството на Друштвото на филмски работници“. Од продукцијата на 29 јуни соопштија дека побарале и од Финансиска полиција да изврши увид во работата на Друштвото на филмски работници (ДФРМ).
„Увид побаравме и во шест фирми во директна и индиректна сопственост (преку нивните семејства) на претседателот на Друштвото Игор Иванов-Изи од династијата Иванови и секретарот на друштвото Томислав Салковски, како и на нивните политичките заштитници“, велат од „Банана филм“.
Од друга страна,пак, Агенцијата за филм покрена кривична постапка против Манчевски, обвинувајќи го за „недоследности при вршење исплати со буџетски средства и недостаток на финансиски извештај“. Додека не се реши случајот со кривичната пријава и додека не се изјасни Финансиската полиција Агенцијата за филм времено ја прекинала доисплатата на пари за завршениот филм на Манчевски „Кајмак“, а за неговиот најнов филм „Биста“, за кој се доделени 28 милиони денари, нема да биде потпишан преддоговор, велат од Агенцијата за филм.
Фирмата на генералниот секретар на Друштвото Салковски, и лани била задолжена за организација на прославата на Денот на независноста 8 септември. Но, тогаш за организација на прославата оваа компанија наплатила од државата речиси 60 илјади евра.
И прославата во Крушево, на 2 август минатата година владата ја чинела помалку пари. Тендерот за Организација на настан по повод државниот празник 2 Август лани го добила фирмата Фонолуск, чии управител е Мартин Крстевски. Оваа прослава ја чинела државата 17 илјади евра, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки.
Во 2021 година прославата за одбележување на 30-годишнината од Денот на независноста 8 Септември, Владата ја платила 190 илјади евра. Оваа јавна набавка ја добила фирмата ДДВ Плус. Управител на оваа компанија е Здравко Кочишки. Во фактурата за наплата влегува организација на настанот, сценографија, бина и аудиовизуелна опрема, листа на изведувачи, 5 минутен огномет и промо видео од една минута, пишува во тендерската документација.