Достапни линкови

Деца заразени со салмонела во училишта во Карпош


Илустрација, архивска фотографија ученик во основно училиште
Илустрација, архивска фотографија ученик во основно училиште

Вонредна санитарна инспекција ќе ги проверува основните училишта во скопската општина Карпош и фирмата која ги снабдува со храна по пријава дека седум деца се заразени со салмонела. Родител за РСЕ вели дека нивното дете пет дена лежи во болница поради влошена состојба.

Најмалку девет случаи на деца заразени со салмонела има во три основни училишта во скопската општина Карпош, потврдуваат од Државниот санитарен и здравствен инспекторат ( ДСЗИ ) за Радио Слободна Европа. Оттаму велат дека информацијата ја добиле од Центарот за јавно здравје Скопје каде што се пристигнати девет пријави за деца кои посетуваат настава во основните училишта „Владо Тасевски“, „Војдан Чернодрински“ и „Јан Амос Коменски“.

„Во тек на денешниот ден ДСЗИ во соработка со претставници од ЈЗУ Инститит за јавно здравје, Центар за јавно здравје и Агенција за храна и ветеринарство ќе изврши вонредни инспекциски надзори во објектите кои се засегнати со конкретната состојба со цел надзор над санитарно хигиенската и епидемиолошката состојба во објектите, откривање на изворот на зараза и прекинување на синџирот на пренос на заразното заболување“, се вели во одговорот на Државниот санитарен инспекторат за Радио Слободна Европа.

Најмалку пет ученици само од основното скопско училиште „Владо Тасевски“ се заболени од салмонела, потврдуваат од училиштето за РСЕ. Станува збор за пет деца од вкупно 350 кои се хранат во училишната менза со која менаџира фирмата „Ванила Фуд“.

Фирмата што ги снабдува училиштата тврди - тоа се изолирани случаи

Од Центарот за јавно здравје Скопје велат дека нивни лекари се излезени на терен да извршат увид во дел од училиштата од скопската општина Карпош, откако во текот на вчерашниот ден кај нив стигнале пријави од матични педијатри дека кај неколку деца од населбата Козле е утврдено дека се заболени со салмонела. Повеќе детали најавија дека ќе соопштат подоцна.

Сопственикот на фирмата Ванила Фуд Никола Георгиев - Коки вели дека завршиле инспекциските проверки во неговата фирма.

„Станува збор за изолирани случаи на заразени дечиња со салмонела, по еден случај во две училишта. Сега, откако завршија проверките, ќе се врши анализа за да се увиде дали сме ние причинителот“, изјави тој за Радио Слободна Европа.

Тој додава дека во интерес на здравјето на децата, компанија ги презема сите превентивни мерки.

„ Ние сами пријавивме во Центарот за јавно здравје во понеделникот кога ни се јави првиот позитивен случај. Ние редовно секој месец правиме анализи во кујните, така работиме со години и апсолутно тоа е нашата постапка“, изјави тој потенцирајќи дека станувало збор за изолирани случаи.

Радио Слободна Европа ги контактираше и сите директорки на вкупно 10 основните училишта во Карпош. До објавувањето на овој текст директорките на 9 училишта ни изјавија дека во нивните училишта нема потврден случај со дете заболено со салмонела, освен во училиштето „Владо Тасевски“.

Санитарна инспекција - салмонела има во три училишта

Но од Санитарната инспекција потврдија дека покрај училиштето „Владо Тасевски“ има регистрирано случаи и во училиштата „Јан Амос Коменски“ и „Војдан Чернодрински“, без да го потенцира колку кај колку ученици е откриена салмонела.

Родители на социјалните мрежи споделуваат информации за две деца кои се хоспитализирани под сомнение дека се заболени со салмонела, но дека се уште чекаат потврда до микробиолошките анализи.

РСЕ разговараше со еден од родителите, кој сакаше са остане анонимен, а кој тврди дека неговото прваче е хоспитализирано во петокот поради влошена здравствена состојба и денеска усно добиле потврда од лекарите дека причината е салмонела, но чекаат отпусно писмо за потврда.

“Бевме на лекар во петокот, затоа што имаше над 30 столици во денот, и го хоспитализираа, за да му ја подобрат состојбата и да испитаат што ги предизвикало симптомите. Не примија во болница под сомнение дека има салмонела, а училиштето е известено за тоа“, вели родителот со кој разговаравме.

За појадок двопек и чај

Родителите веќе два дена пишуваат и споделуваат информации во групите на социјалната платформа за комуникација Вибер загрижени за состојбата со салмонела во основните училишта и недостигот на информации.

Директорките пак во пораките до родителите порачуваат да не се крева паника, затоа што не било ова епидемија со салмонела.

Од општината Карпош за РСЕ потврдија дека салмонела има во три основни училишта, а истата е потврдена кај вкупно девет деца - позитивни се тројца ученици од ООУ „Војдан Чернодрински“, петмина ученици во ООУ „Владо Тасевски“ и еден позитивен ученик во ООУ „Јан Амс Коменски“.

Оттаму додаваат и дека во текот на вчерашниот и денешниот ден се земени брисеви од сите работни површини во сите основни училиште на ниво на Општина.

Дел од родителите во основното училиште Владо Тасевски добија известување на Вибер дека децата кои посетуваат целодневна настава од прво до трето одделение за појадок ќе добијат двопек и чај, по препорака на епидемиолог во договор со фирмата која на ниво на општината ги снабдува основните училишта со топол оброк и со ужинка.

Според договорите кои родителите ги потпишуваат со фирмата, ужинката е делумно субвенционирана од Општината Карпош. Тоа значи дека учениците од прво до деветто одделение кои земаат ужинка од фирмата Ванила Фуд, плаќаат по 350 денари за едно дете, додека остатокот од вредноста на ужинката го плаќа општина Карпош.

Што е салмонела?

Салмонела е бактерија која се пренесува преку храна што содржи јајца, која е недоволно зготвена или направена од заразени прехранбени кондиторски производи чувани на несоодветна температура и средина.

Според податоците на веб страницата на Агенцијата за храна и ветеринарство појавата на првите симптоми кај лица заразени со салмонела се појавуваат во период од 6 до 72 часа по консумирање на контаминирана храна. Најчести симптоми се стомачни грчеви, гадење, повраќање и дијареа, понекогаш и висока температура. Болеста трае од 4 до 7 дена, а понекогаш и подолго.

Дијареата може да биде изразена и во тешка форма, па задолжителна е препораката да се побара лекарска помош. Старите лица, доенчињата и оние со оштетен имунолошки систем може да имаат потешка форма на болеста. Кај овие категории на луѓе, инфекцијата може да предизвика тешки компликации ако не се третира навремено.

Матичните лекари велат дека често овие симптоми се мешаат со стомачен вирус, па ретко кога се упатуваат пациентите на микробиолошко испитување наречено корпокултира.

Матичната лекарка Лилија Чолакова Дервишова вели дека најважно е прво да се открие изворот на заразата затоа што салмонела најчесто се добива преку консумација на расипани млечни производи, поради тоа вели најмногу треба да се внимава на ланецот на исхрана, посебно во училиштата.

„Мора да се направи копрокултура за да се знае дали е шигела или е салмонела. Ако на пример има десет дечиња кои се сомнителни, треба да се види дали сите имале исти симптоми, што консумирале, каде се движеле, значи да се бара изворот на заразата. Во секој случај, салмонела не се добива толку лесно и не може да се пренесе преку кивање или едноставен контакт меѓу дечињата“, објаснува Чолакова, која е претседател на здружението на матични приватни лекари.

Покрај храната, докторката предупредува дека во училиштата мора да се внимава и на хигиената меѓу дечињата, но млечните производи остануваат фактор број еден за појава на салмонела.

XS
SM
MD
LG