Дворот на Општинското средно медицинско училиште „Никола Штејн“ во Тетово на 26 октомври беше собирно место каде учениците со нивните родители и професори излегоа на протест за да го искажат револтот затоа што, како што велат, учениците од дуалните паралелки се изземени од можноста за стипендија.
Токму добивањето на стипендија, како и практичната работа во здравствена установа во рамки на дуалното стручно образование, родителите велат дека биле причина при уписот на децата тие да ги изберат дуалните паралелки.
„Ова право треба да се оствари бидејќи им биле ветени стипендии, уште пред упис, сега имаме известие дека нема да добиваат. Тоа значи дека се деградирани и нивното право кое им беше ветено нема да биде реализирано. Како сите струки така и медицинската е многу битна за секое општество. Ова е тешка професија за која треба да се залага секој за да постигне резултати, да спасува животи и хумано да се однесува“, изјави Бети Богоев, мајка на ученик, пренесе државната агенција МИА.
На протестот со учениците, родителите и наставниот кадар излезе и директорот на училиштето Бинас Пајазити.
„Без никакво објаснување Министерството објави дека од 1 500 ученици кои ќе добиваат стипендија во дуалните паралелки, се изземаат само учениците од здравствена струка во средни училишта на ниво на државата. Ние имавме шест паралелки по 25 или вкупно 150 ученици. Министерството за образование зеде обврска преку фондот добиен од швајцарската амбасада да им додели стипендија од 3 500 денари по ученик во текот на школска година од девет месеци“, изјави Пајазити.
Покрај во Тетово, од исти причини на протест излегоа и учениците во прва година во средното медицинско училиште „Гостивар“.
Министерот за образование Јетон Шаќири, пак, за стипендиите на средношколците се огласи на социјалните мрежи повикувајќи ги да аплицираат. Повикот, од кој се изземени средношколците од дуалните паралелки во здравствените струки, е за стипендии за 1 500 ученици.
За оние во здравствените струки, пак, министерот најави дека ќе се распише посебен конкурс.
„Оваа поделба е направена со цел да се зголеми бројот на ученици кои ќе добијат стипендија и кои го следат дуалното образование за здравство како насока која е во групата на дефицитни насоки“, вели Шаќири.
Министерот тврди дека подготовката на стипендии за овие ученици е во тек и конкурсот ќе се објави во ноември 2023 година.