После една година од формирањето на новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) актуелните членови сметаат дека ја откочиле работата на институцијата. Во одоговорот испратен до Радио Слободна Европа за сопствена оценка се вели дека биле наследени исклучително голем број на предмети кои не биле затворени, а за многу кусо време новиот состав ги затворил.
„Мораме да укажеме дека во најкус можен рок ги затворивме сите отворени прашања и предмети кои беа наследени и на некој начин ја откочивме работата на институцијата. Веројатно најголемиот предизвик со кој се соочивме, а и ден денеска се соочуваме, е тоа што во минатото постоела пракса ДКСК да биде инволвирана во дневно-политички ситуации во кои институцијата не би смеела да биде вклучена и нејзината работа не смее да биде ставена во таков контекст“, се вели во одговорот на ДКСК.
Според податоците од таму, биле оформени 832 предмети, донесени 758 одлуки и постапувано е по 473 нерешени предмети од претходниот состав. Од нив 401 предмет се за следење на имотната состојба, а дури 113 застареле за да се отвори прекршочна постапка.
Поврзано со корупцијата Антикорупциската комисија во изминатава година поднела 10 иницијативи за кривично гонење и шест за утврдување одговорност.
Јавното обвинителство прифатило две иницијативи за кои поведе предистражна постапка.
На ДКСК и треба проактивна борба со корупцијата
Ако се погледнат одлуките од изминатите 15 седници кои ги одржала Антикорупциската комисија може да се забележи дека преовладува фразата „се запира постапката“ или пак „се отфрла“. Ова се претставки кои секој може да ги поднесе до комисијата ако има сомнеж за судир на интереси, мито или корупција.
Според претседателот на Транспаренси интернешнал, Благоја Пандовски често поплаките од граѓаните до ДКСК завршуваат без резултати бидејќи Комисијата нема доволно услови за да дојде до податоците за предметите.
„Мора државата да им го обезбеди тоа вмрежување преку електронска платформа за поврзување со сите институции како што се МВР, обвинителството, судови и други и на брз начин да добиваат информации за предмети. Сега моментално работат преку архива, преку барања, и се губи време. За тоа не можат да покажат голема ефикасност“, вели Пандовски за РСЕ.
Од друга страна Снежана Камиловска Трповска од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) вели дека во изминатава една година недостасуваше проактивност на ДКСК.
„Во состојба кога корупцијата е најголем проблем на општеството, нешто што го тврдат и самите граѓани и меѓународните фактори, недостасува да видиме од страна на ДКСК покренување на предмети по сопствена иницијатива и создавање на притисок кон властите за креирање на здрави системи отпорни од корупција. На жалост, не видовме голем број на предмети за висока корупција и покрај многубројните „скандали“ кои медиумите ги открија низ годината наназад“, вели Камиловска Трповска од МЦМС.
Членови на ДКСК со пет годишен мандат без право на реизбор освен претседателката Татјана Димитровска се и Зоран Богоевски, Сервет Демири, Софија Спасова Медарска, Цвета Ристовска, Бесник Џемаиљи и Билјана Каракашова Шулев.
Кои беа предметите на ДКСК во изминатава година?
Конкретен предмет кој е особено значаен за ДКСК изминатата година, Комисијата не открива во одговорот испратен до РСЕ. Пред два дена објави имиња на 86 поранешни и актуелни функционери кои се казнети поради тоа што не го почитувале Законот за спречување на корупција. Меѓу нив се пратеникот Борислав Крмов од Левица, но и екс-вицепремиерот Артан Груби кој е во бегство, како и поранешниот претседател на Собранието, Талат Џафери.
Во изминатава година пак како еден од поголемите предмети кој го сработи ДКСК е оној кога откри 978 вработени во Управата за јавни приходи (УЈП) кои со нова систематизација биле распоредени незаконски во време на избори. Поднесе иницијатива пред Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција против тогашната директорка Сања Лукаревска.
Сличен предмет беше и оној за кривично гонење за поранешниот заменик-министер во МВР, од редовите на ДУИ, Назим Буши. Неправилностите беа исти, незаконски распоредувања во време на изборен процес.
„ДКСК реагираше на случаи на непотизам, незаконски разрешувања и злоупотреба на функциите, а во областа на судирот на интереси поднесе 4 иницијативи за утврдување одговорност. Издадени се 108 прекршочни налози во вредност од 33.100 евра, а 68 случаи се доставени за прекршочна постапка“, пишуваат од ДКСК.
Комисијата во мај покрена иницијатива за утврдување одговорност на директорката, претседателот и членовите на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители. Се работеше за прием на 130 слушатели во Академијата за судии и јавни обвинители, за време на изборите, а членовите на ДКСК по иницијатива на Претседателката Гордана Сиљановска Давкова утврдиле дека тоа е спротивно на законите.
Поради неспоивост на функции, ДКСК го казни и проанешниот претседател на Собранието Талат Џафери бидејќи истовремено беше претседател на техничката Влада и пратеник во Собранието.
Од друга страна ДКСК ги отфрли иницијативите за вработувањата на сестрата на министерот за култура, Зоран Љутков, како и патувањето на синот на Премиерот, Јован Мицкоски во САД за време на НАТО – самитот.
Со законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси се уредени мерките и активностите за спречување на корупцијата во вршењето на власта и политиката, спречување на судирот на интереси, спречување на корупцијата при вршењето работи од јавен интерес. Токму комисијата беше формирана за да се занимава со овие мерки.
ДКСК се најде на листата „матни“ корупциски настани
Декември 2024 година беше месецот кога за прв пат настан поврзан со член на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) влезе во матните настани , како конфликт на интереси, според барометарот на корупција која го изготвува секој месец невладината организација „Транспаренси Интернешнл“.
За невладината е спорно тоа што ДКСК рече дека не е конфликт на интерес тоа што антикорупционерката која го водеше случајот за Директорот на АНБ Бојан Христовски била наставник на факултетот чија диплома му беше оспорена со преставка.
За РСЕ од Комисијата велат дека секогаш постапуваат според законот па и во овој случај.
Сличен настан кој беше на удар на јавноста е и оној кога се дозна дека новите членови на ДКСК побарале да имаат дипломатски пасоши. Претседателката Татјана Димитровска потврди дека го добила, но позитивен одговор очекуваа и другите членови. И покрај тоа што јавноста очекуваше дека тие како борци против корупцијата не би требало да имаат дипломатски пасоши, сепак останаа на ставот дека такво нешто им следува.
„Пасошот не е побаран за злоупотреба за приватни цели, туку затоа што сме често поканети и на настани во други држави“, рече Димитровска во јуни 2024 година.
Претходниот состав на ДКСК кој беше прв избран според новиот транспарентен начин за избор во Собранието, немаше дипломатски пасоши. Актуелниот состав на ДКСК, на чело со претседателката Татјана Димитровска, мандатот го започна на 8 февруари 2024 година.