Достапни линкови

Блокади и пролонгирање за избор на нов состав на АВМУ


Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги - илустрација
Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги - илустрација

Минатата недела пратениците не ги изгласаа новите предложени членови за АВМУ. Причината беше тоа што во пленарната сала не можеше да се обезбеди потребното мнозинство. И додека новинарскиот еснаф реагира дека процесот е фарса и политички обоен, партиите тврдат дека кандидатите се професионалци.

Непроменетиот состав на Агецнијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) тера мандат од речиси 11 години, последен пат избрана во 2014 година, иако законскиот мандат е пет години. Досегашните два неуспешни обиди за избор на нови членови се должеше на недостиг на двотретинско и Бадентерово мнозинство во Парламентот.

Истата причина беше и последниот, трет обид минатиот четврток на 13 фебруари 2025 година, кога парламентарниот состав не ги изгласа новите членови на медиумското регулаторно тело, за кои новинарската и експертската јавност ги оцени за партиски договорени.

Како што велат пратеници од повеќе политички партии во Собранието за РСЕ, дента кога требало да се гласаат новите членови, отсутни биле пратеници од владејачкото мнозинство, а на седницата се појавиле пратениците од ДУИ, меѓу кои и лидерот на интегративците Али Ахмети, кој во измината деценија важи за пратеник кој ретко доаѓа на седници и учествува во парламентарната дебата за носење или измени на закони.

Пратеникот од ДУИ, Блерим Беџети вели дека пратеничката група на интегративците ќе го бојкотираат гласањето сметајќи дека предлозите за нов состав на Агенцијата се партиски луѓе.

„Не ги поддржуваме бидејќи се партиски милитанти кои не ги исполнуваат условите во стручниот дел. Бевме присутни со претседателот Ахмети и другите останати пратеници. Не би сакал да прејудицирам како ДУИ ќе се постави во однос на прашањето во иднина и дали ќе продолжи со бојкотот“, изјави Беџети за РСЕ.

Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски кој ја водеше седницата кажа дека ДУИ вложува напори со редовно присуство за оваа точка со цел да го отежни изборот на предложените кандидати за АВМУ.

„Процесот нема да оди така лесно и можам да кажам дека не е извесно кога ќе се создаде поволна прилика за повторно да се стави на дневен ред и да биде изгласано. Тие се групириаат за да биде потешко, генерално тоа беше причината, инаку изборот би го поминале. Ваквата статус кво ситуација може да потрае, гласањето ќе биде во некој следен период, но сепак, нема да биде лесно“, изјави Милошоски за РСЕ.

Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги предвидува Собранието ги именува членовите на Советот со двотретинско мнозинство на гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Северна Македонија, односно Бадентерово мнозинство.

Пролонгирање до нов датум за избор

За разлика од Милошоски, претседателот на Комисијата за прашања на именувањата и изборите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски за РСЕ најави дека сепак пратениците ќе гласаат веќе следната недела.

„И со пратениците на ДУИ ќе се обезбеди Бадентерово мнозинство. Кочењето на процесите не е придобивка и тоа претставува штета во сите сегменти од општественото живеење. Тоа што го кочи процесот ДУИ е само штета а не придобивка. Следната недела ќе биде гласањето и мислам дека ќе биде се во ред“, вели Сајкоски.

Дека власта го има потребното мнозинството за да го истурка новиот состав посочи и претседателот на Собранието, Африм Гаши во интервју за емисијата „360 степени“.

„Ние имаме мнозинство, но во Собранието ретко се присутни над 80 пратеници, особено од мнозинството и сите пратеници од заедниците кои треба да гласаат за тоа, бидејќи за тоа треба т.н. „голем бадентер“, рече Гаши.

ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека овие предложени членови на АВМУ треба да бидат изгласани, сметајќи дека кандидатите ги исполнуваат сите услови за да можат да бидат членови на АВМУ.

И координаторот на пратеничката група СДСМ во Собранието, Оливер Спасовски за РСЕ вели дека опстојуваат на ставот дека „предложените членови за новиот состав на Агенцијата се професионалци“, наспроти критиките дека имаат политичка заднина.

Трпевска: Процесот е фарса, кандидатите не се стручни

Но, за разлика од партиите од владејачкото мнозинство, новинарскиот еснаф и експерите за медиуми негодуваат за изигрување на процедурата и блискост на кандидатите до политичките партии.

За Снежана Трпевска од Институтот за истражување на општествениот развој „Ресис“, само двајца од кандидатите имаат биографии кои задовлолуваат критериуми да бидат избрани во регулаторното тело.

„Во изборот и на претходниоте состави имаше (не)случајни избори дека партиите влијаеја и не очекувам дека тоа тело ќе биде поинакво од сите претходни, можеби со извесни исклучоци на поединци. За жал, досега видовме дека стручната служба која работи во телото има многу повеќе знаење и искуство отколку кои одлучуваат. Повторно гледаме иста ситуација и не очекувам нешто драстично да се промени. Немањето стручност значи дека ќе немаат и интегритет да се спротивстават на влијанијата политички и партиски. Во нашата држава не функционира мерит системот за избор на кои било членови на органи и тела од страна на Собранието што се избира“, напоменува Трпевска.

Како претставник од граѓанскиот сектор во процесот имајќи увид во целокупната постапка, Трпевска вели јавната расправа била претворена во фарса, кандидатите не понудиле решенија за клучните прашања за решавања во клучниот сектор.

Оценува дека е нејасно врз основа на кои критериуми Комисијата за избори и именувања го одредила потесниот број на кандидати за подоцна на седница политичките партии се договориле за кандидати блиски до нивните структурин наместо независни и стручни луѓе.

Според биографиите на кандидатите кои се пред неизвесен избор, за нови членови на Советот на АВМУ влегоа по две новинарки и економистки, продуцент, снимател и монтажер.

Една од кандидатките која покрена дебата во јавноста беше Афрона Верзиволи, чиј сопруг, според медиумските извештаи, е на чело на партиски огранок на Алијанса за Албанците. Верзиволи беше назначена за главна ревизорка на ИПА фондовите, но, по реакциите дека таа воопшто нема лиценца, беше разрешена.

Кандидатката Нафие Селмани, пак, е советничка во Општина Чаир, која до 2021 година била дел и од претседателтвото на партијата Алтернатива – дел од коалицијата „Вреди“ (ВЛЕН).

За неа, претседателот на Собранието, Африм Гаши рече дека дека „еден човек не треба да биде етикетиран доколку во одреден период од животот бил дел од политичка партија“, тврдејќи дека таа не е партиско решение за функцијата.

Реакции пристигнаа од Здружението на новинари, кое посочи дека се неприфатливи се политички калкулации при изборот на нови членови. Германската амбасада во земјава оцени дека се загрижувачки критиките кои доаѓаат од страна на медиумските претставници за имињата на кандидатите, додека Делацијата на ЕУ во Северна Македонија ја истакнаа потребата од избор на професионални кандидати во Советот на АВМУ.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG