Достапни линкови

Американската и британската црна листа ќе влезат во македонските закони


Дел од лицата кои се наоѓаат на црната листа на САД
Дел од лицата кои се наоѓаат на црната листа на САД

Преку законски измени се планира да се наметне обврска и на обвинителството да отвори предмет доколку владата воведе рестрикции за некој што ќе најде на црните листи на САД и Велика Британија. Се предвидува и времено отстранување од функции во случај за некого да се покрене обвинение.

Македонските државјани и фирми кои ќе завршат на црните листи на САД и Обединетото Кралство поради корупција и злоупотреба на службената положба, ќе почувствуваат санкции и од домашните власти.

Со ваква најава денеска, 11 јануари, на околу три месеци пред избори, излезе министерот за надворешни работи Бујар Османи, откако изминатата година десетина македонски граѓани – бизнисмени и функционери, завршија на американската црна листа, но во земјава речиси и да не се презеде ништо.

Министерството за надворешни работи (МНР) планира да ги вметне санкциите од двете држави во македонското законодавство преку измени на Законот за рестриктивни мерки, кој предвидува воведување рестрикции од страна на Владата. Клучно во измените е тоа што институцијата што ќе ѝ предложи на Владата воведување санкции, ќе има обврска сите докази да ги достави и до Јавното обвинителство, а тоа, пак, ќе мора да започне кривична постапка.

Предлогот-законските измени сè уште се наоѓаат во драфт верзија и не се усвоени ниту на владина седница, а со објавата на планот, Османи сака да започне јавна расправа за да се слушнат сугестии и критики.

Неговите очекувања се оти по предлог на МНР, Владата ќе ги усвои измените на седница на 16 или 23 јануари. Планот за измени тој усно го презентирал пред колегите на Илинденска бр.2 и според неговиот впечаток, предлогот ќе добие зелено светло, за потоа да може веднаш да се испрати до Собранието. Ако има основ, не се исклучува опцијата Владата да ги испрати во парламентарна процедура и со европско знаменце.

Се предвидува и отстранување од јавна функција и забрана за учество во тендери

Измените кои ги подготвува МНР ќе опфатат неколку члена од актуелниот Закон за рестриктивни мерки.

На пример, ќе има проширување во вториот член каде се дефинира кои се целите на рестриктивните мерки.

„Освен меѓународната безбедност, демократијата, се воведува и корупцијата, злоупотребата на службената должност и хибридните закани кон државата како цели кои сакаме да ги постигнеме“, вели Османи.

Во истиот законски член, каде е наведено дека мерките се воведуваат врз основа на правно обврзувачки резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации, правни акти на ЕУ и други меѓународни организации во кои членува земјава, сега ќе се додадат и правни акти на САД и Обединетото Кралство. Досега врз основа на акти и барања од други држави, рестрикции домашната власт според овој Закон можеше да воведе само кога е во прашање тероризам или пролиферација.

Ќе се надополнува и членот каде се наведува кон кого се применуваат рестриктивните мерки со тоа што ќе се додадат зборовите „вклучително и носители на јавни функции“.

Според актуелниот закон, предлагачи на рестрикции до Владата може да бидат МНР, МВР, Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност, Финансиската полиција итн. Ако поминат измените што ги најавува Османи, новина ќе биде тоа што во случај Владата да воведе мерки, институцијата-предлагач ќе мора да го извести и Јавното обвинителство кое ќе има обврска да отвори постапка за конкретното лице или фирма.

Тука, МНР планира да се воведе и уште една мерка – доколку постапката во обвинителството дојде до поднесување на обвинение тогаш на лицето времено ќе му се забрани извршување на јавна функција, а доколку е во прашање фирма ќе има времена забрана за учество во јавни набавки.

Токму околу ова во Министерството имаат и најголеми дилеми – што е со пресумпцијата на невиност со оглед дека во оваа фаза случајот би бил далеку од правосилна пресуда.

„Затоа го отвораме овој процес на јавна расправа“, вели Османи.

Кој е на американската црна листа?

Кога се во прашање мерките што и се на располагање на Владата, пак, тие ќе си останат како и до сега: ембарго на стоки и услуги, ембарго на оружје, забрана за влез, финансиски мерки во што влегува и конфискацијата.

Овие измени ќе и овозможат на извршната власт да го прошири опсегот лица за воведување рестрикции, иако и досега имаше простор за делување. Дека ништо не било преземено, критикуваше и американската амбасадорка во земјава, Ангела Агелер, која пред еден месец изјави дека ниту откако во јуни лани САД го ставија струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на црната листа, ниту еден македонски правосуден орган или институција не се обратиле за да побараат споделување на доказите со цел да се отвори постапка во земјава.

Мерко е само еден од десетината што се најдоа под американски санкции изминатиот период. Проширувањето на црната листа доби на интензитет откако тим дипломати од САД во 2022 година ја посети Северна Македонија за, како што тогаш изјави Агелер, да изврши увид со поагресивен поглед врз минатите и сегашните корумпирани актери во општеството.

На црната листа се и бизнисменот Орце Камчев и неговата мајка Ратка Куновска-Камчева, бизнисменот Сергеј Самсоненко со неговата сопруга Ирина Самсоненко, а во декември 2023 година, им се придружи и поранешниот вицепремиер и бизнисмен Кочо Анѓушев.

Пред доаѓањето на американскиот тим во 2022, САД воведоа санкции и за поранешниот премиер Никола Груевски и неговиот прв братучед и бивш шеф на УБК, Сашо Мијалков, како и нивните семејства.

На црната листа, се и десетина фирми поврзани со нив.

Во годините претходно, пак, меѓу оние кои САД ги прогласија за неподобни беа и поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски и лидерот на ДПА и актуелен пратеник, Мендух Тачи.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG